Книга за одбрана на МАКЕДОНИЈА (дел 4)

2.4 Средства за мирно решавање на меѓународните спорови

Низ вековите, долгата пракса на мирно решавање на меѓународни спорови, обликува различни средства за мирно решавање на спорови.

Најчестите средства, кои што современото меѓународно право им ги нуди на странките во спор се набројани во член 33. на Повелбата на ОН:преговарање, истрага, посредување, порамнување, арбитража и судско решавање.

Во принцип, странките слободно ги избираат средствата за мирољубиво решавање на споровите.Тоа начело, произлегува од начелото на суверена еднаквост на државите.Членот 33.на Повелбата на ОН, додуше изричито набројува некои средства за мирно решавање на спорови, но од формулацијата на споменатата одредба, јасно се гледа, дека кругот на набројаните средства не е затворен и дека само примерно се набројани.[1]  

Но, во пракса, скоро да и нема други средства, освен интерпарламентарно решавање на спорови.[2]

Со оглед на природата на меѓународните спорови, средствата за мирно решавање на меѓународните спорови можеме да ги поделиме на дипломатски и правни.

Меѓу првите ги вбројуваме преговарањето, посредувањето, истрагата(анкета) и порамнување, а меѓу другите ги вбројуваме арбитражата и судското решавање.

Арбитражата и судското решавање на споровите, предизвикуваат правна задолжителност на постигнатото решение. Заради тоа, арбитражата и судското решавање се исклучуваат, односно не можат да течат истовремено.

 

 

3. Меѓудржавниот суд во Хаг

 

3.1 Значење и улога на судот

Судското решавање на меѓународни спорови се врзува за работата на Меѓудржавниот суд во Хаг, или уште во Македонија нарекуван Меѓународен суд на правдата(International Court of Justice) кој што е главен судски орган на Обединетите нации.[3]Меѓутоа улогата на судот треба да се разбере во неговиот историски и општо меѓународен контекст-корените на Меѓудржавниот суд достигнуваат до времето пред востановувањето на ОН, а неговата надлежност не е ограничена на правото на ОН. [4]

Обидот за востановување на стален меѓународен судски орган, кој што ќе обавува функција на судско одлучување во спорови помеѓу државите, започна со востановување на Сталниот арбитражен суд 1899 година.По завршувањето на Првата светска војна, пактот на Друштвото на народите(член 14.) му наложи на советот на ДН подготовки за востановување на Стален меѓудржавен суд, кој што беше 1920 година и востановен. Судот имаше седиште во Хаг и не беше орган на Друштвото на народите, туку беше самостојна установа. Делуваше до германската окупација на Холандија 1940 година и за тоа време изрече 31 пресуда и издаде 27 советодавни мислења.[5]

Со востановувањето на ОН беше воспоставен меѓудржавниот суд[6] како еден од главните органи на новата организација. Новиот суд, исто така, го презеде и статутот на Сталниот меѓудржавен суд(со скоро идентичен текст) и зградата во Хаг и ја продолжи судската пракса на претходникот.

 

Меѓудржавниот суд во Хаг има две задачи:решавање на спорови помеѓу државите и советодавна дејност на ОН и други овластени меѓународни организации.

Повелбата на ОН, улогата на Меѓудржавниот суд ја одредува во членовите 92-96. Во член 92 одредува, дека Меѓудржавниот суд е главен судски орган на ОН. Работи во склад со приложениот Статут, кој што е составен дел на Повелбата. Членот 93 одредува дека сите членки на ОН ipso facto се договорни странки на Статутот на ОН. Државите кои што и се приклучуваат на ОН, стануваат странки на Статутот со денот на зачленување во ОН. Државата, што не е членка на ОН пак, може да стане договорна странка на Статутот на ОН под услови, кои што во секој поединечен случај ги одредува Генералното собрание по препорака на Советот за безбедност. Кога пак, земјата што не е членка на ОН еднаш ќе стане договорна странка на Статутот, таа во однос на Меѓудржавниот суд е во еднаква положба, како и државите членки на ОН.

Членот 94. одредува дека секоја членка на ОН се обврзува, дека ќе се повинува на одлуката на Меѓудржавниот суд , во секој спор, во кој што ќе биде парнична странка. Доколку некоја од странките не ги исполни обврските, кои што ги налага пресудата што ја изрекол Меѓудржавниот суд, другата странка може да му се обрати на Советот за безбедност, кој што може, доколку смета за потребно, да даде препораки, или да одлучи за мерки, кои што треба да се спроведат, за пресудата да се изврши.

Членот 95. одредува, дека ниедна одредба на Повелбата не им забранува на членките на ОН, да не им ги доверат на решавање споровите на други судови, врз основа на договори, кои што веќе постојат, или ќе бидат склучени во иднина.

Членот 96. одредува дека Генералното собрание, или Советот за безбедност, смеат да го замолат Меѓудржавниот суд за советодавно мислење, за секое правно прашање. За советодавно мислење за правни прашања од нивната дејност пак, смеат да замолат и други органи на ОН[7]  и специјализирани агенции, доколку Генералното собрание за тоа  ги овласти.

Во своите пресуди и мислења, Меѓудржавниот суд постојано се повикува на својата судска природа на функцијата, која што ја обавува. Задача на судот е да го утврди правото, меѓутоа, може да изрекува пресуди само во врска со конкретни случаеви, каде што постои актуелен конфликт, што се однесува до правните интереси на странките. Меѓутоа, овој суд не суди за интересите на поединци или правни лица, туку за правата на државата, која што ги штити своите државјани (или правни лица) пред кршењето на меѓународното право, [8] за кое што е одговорна државата. Судот ја признава како странка во спорот само државата. Значи, државите како странки, можат да се обратат до судот, само доколку помеѓу нив постои конкретен спор.

Меѓудржавниот суд не може да одлучува за апстрактни прашања, кои што не се однесуваат на одреден конкретен спор. Така, Меѓудржавниот суд не може да прима поднесоци, кои што би служеле како политичко оружје. Пресудите на Меѓудржавниот суд можат од странките да бараат извршување на одредено дејствие, меѓутоа такви пресуди досега имаше многу малку. Повеќето пресуди се од деклараторна природа, чија што цел е признавање на постоење на одредена правна ситуација.

Државите, странки во спорот пред меѓудржавниот суд, имаат можност да именуваат додатен ad hoc судија, кога во советот нема судија со нивно државјанство.Тука се работи за одредено отстапување од нормалниот судски систем.



[1] Miha Pogačnik, “Mirno reševanje mednarodnih sporov s posebnim ozirom na reševanje mejne problematike med Republiko Slovenijo in Republiko Hrvaško, v:Magistrsko delo, (1995), str. 14

[2] Ибидем, стр.16.

[3] Miha Pogačnik, “Mirno reševanje mednarodnih sporov s posebnim ozirom na reševanje mejne problematike med Republiko Slovenijo in Republiko Hrvaško, v:Magistrsko delo(1995), стр. 44

[4] Danilo Turk, “TEMELJI MEDNARODNEGA PRAVA”, 2007, str. 483

[5] Ибидем.

[6] Востановен беше 1945  година со Повелбата на ОН, а почна да работи од април 1946.Од 22 мај 1947 до 17 април 2009 година, во регистарот се запишани 144 случаеви.

[7] Единствен орган, кој што не смее да замоли за советодавно мислење е Секретаријатот.

[8] Во спорот помеѓу Република Македонија и Република Грција, Грција го крши основното колективно човеково право на самоопределување на Македонскиот народ, со непризнавање на колективното човеково право на идентитет, кое што произлегува од правото на самоопределување. Ова свое тврдење го имам образложено на триесетина страници во форма на есеј по предметот Меѓународно право за правата на човекот. Оттука, зачудува инертноста на сите влади на Република Македонија од осамостојувањето до денес.

  •