Како боли, се гледа од очите
Уште како росно млад, знаев дека најважно правило за блажен живот уште на овој свет е отсуство на болка. Безболен живот, а не живот заради уживање.[2]
Многу рано заклучив дека до таа цел може да ме донесе практичната филозофија на Аристотел („Никомахова етика„, „Политика„ и „Реторика„).
Затоа, склучив брак од интерес со правото, за да можам да бидам со мојата вистинска љубов, филозофијата.[3] А и Аристотел на крајот на „Никомахова етика„ вели дека, доколку на филозофот му личи да се бави со некоја практична наука, тоа треба да биде правото. Самиот напишал 159 устави.
На триесет и шест години[4] ја прочитав мислата на Аристотел: „Затоа што разборит човек оди по она што е безболно, а не по она што е пријатно.„[5]
Малку подолу Аристотел пак напишал: „Додека тврдењата дека умерен човек избегава уживања, а разборит човек тежнее по безболен живот…„[6]
Долго не најдов голем филозоф што го забележал ова кај Аристотел, а камоли да го прифатил.
Се израдував кога ова го најдов кај Шопенхауер како прво правило за живот.
„1. Како највисоко правило на секоја мудрост на животот ја сметам една реченица која што Аристотел попатно ја изговараше во Никомахова етика…(quod dolore vacat, non quod suave est, persequitur vir prudens…Не тежнее паметен човек да има задоволство, туку да нема болка, или „паметен човек не оди по тоа да дојде до задоволство, туку да избегне болка„…[7]
„Само болката не предизвикува завист.„[8]
Кога целото тело ни е здраво, освен едно мало ранливо болно место, повеќе не сме свесни за здравјето на целото тело, туку вниманието постојано ни е насочено на болката од повреденото место и пријатноста на животот исчезнува.[9]
И Толстој[10] согледува дека услов за добар живот е да нема страдање. Безболен живот. Пјер го сваќа тоа после месец дена затвор.
„Сега на Пјер му се чинеше дека сигурна и виша човекова среќа е кога нема страдање, кога потребите му се подмирени и кога поради тоа слободно може да бира занимање, односно начин на живот. Дури сега, овде, Пјер прв пат потполно оцени каква сласт е тоа, да јадеш кога ти се јаде, да пиеш кога ти се пие, да спиеш кога ти се спие, да бидеш во топло кога ти е ладно, да разговараш со човек кога ќе ти се посака да разговараш и да слушаш човечки глас. Намирување на потребите-добра храна, чистота, слобода-сега тоа на Пјер, кога беше лишен од сето тоа, му изгледаше како целосна среќа, а изборот на занимање, односно начин на живот, сега кога тој избор е така ограничен, му изгледаше како многу лесна ствар па забораваше, како изобилството и погодностите на животот, ја уништуваат сета среќа што човекот ја чувствува од намирување на потребите и како големата слобода во изборот на занимањето, онаа слобода која во неговиот живот му ја даваа образованието, богатството и положајот во светот, токму таа слобода чини изборот на занимањето да е сосема тежок и ја уништува и самата потреба и можност за занимање.„[11]
Секое ограничување создава среќа. Што помалку гледаме, колку во потесен круг се движиме, колку во помали размери дејствуваме, толку сме посреќни. Колку е тоа пошироко и поголемо, толку повеќе чувствуваме мака и страв. Бидејќи со тоа се умножуваат и зголемуваат грижите, желбите и стравувањата.[12]
Доколку се најсреќни тие што се задоволни со малку, потем најнесреќни се големите и честољубиви луѓе, бидејќи нивната среќа зависи од исполнувањето на бесконечен број желби.[13]
Библиските преданија велат дека отсуството на работа било услов за блаженство на првиот човек. Љубовта кон безделничењето остана иста и кај паднатиот човек. Но, за корка леб, а уште повеќе заради својата неморалност[14], не можеме да мируваме и да не работиме. Некој таен глас ни вели дека мора да бидеме криви доколку не работиме. Кога би можел човек да најде таква состојба во која што со неработење би чувствувал дека е од корист и дека ја исполнува својата должност, би ја нашол едната страна на првобитното блаженство на Адам. А таква состојба на задолжително и беспрекорно безделничење ужива цел еден сталеж-војничкиот сталеж. Во тоа задолжително и беспрекорно безделничење е и ќе биде главната примамливоста на војната служба.[15]
Уште повеќе ова важи за филозофите. Ем ништо не работаат, ем се најкорисни, ем најмногу живеат безболен живот и учат цели народи како да живеат безболен живот. Да избегнуваат и лечат најголеми болки.
„За големи болки, потребен е голем ум (Ерменска).„
[1] Превел М. П. : VOX populi . Zlata knjiga pregovorov vsega sveta/izbral Tomislav Radić, Ljubljana : Mladinska knjiga,1996, stran 27.
[2] За овој заклучок си чувам свои писмени белешки каде сум запишал дека отсуството на болка е најважно и тие белешки се постари од годината кога ова го најдов кај Аристотел.
[3] KOSKENNIEMI, Marti, Blagi prosvetitelj narodov : vzpon in padec mednarodnega prava : 1870-1960-Ljubljana : Založba Fakultete za družbene vede : Ministrstvo za zunanje zadeve Republike Slovenije, 2012, stran188.
[4] Аристотел вели дека човек со етика треба да се бави по четириесеттата година од животот. Откако ќе стекне животно искуство.
[5] Превел М.П. : ARISTOTELES, Nikomahova etika-Zagreb, Globus,1988, stranica 156-157.
[6] Превел М.П. : Ибидем, страница 158-159.
[7] Превел М.П. : ШОПЕНХАУЕР, Артур, Paraneze i maksime-Nova Pazova : Bonart, 2001, stranica 7-8.
[8] VOX populi . Zlata knjiga pregovorov vsega sveta/izbral Tomislav Radić, Ljubljana : Mladinska knjiga,1996, stran 27.
[9] ШОПЕНХАУЕР, Артур, Paraneze i maksime-Nova Pazova : Bonart, 2001, stranica 8.
[10] Можеби под влијание на Шопенхауер, кого што најмногу го ценел.
[11] Лав Н. Толстој, Рат и мир II, Издавачко предузеќе Просвета, 1961, Београд, страница 555-556.
[12] ШОПЕНХАУЕР, Артур, Paraneze i maksime-Nova Pazova : Bonart, 2001, stranica 21.
[13] LA Rochefoucauld, Francois de, Maksime : misli o človeški naravi-Ljubljana : Mladinska knjiga, 2007, stran 91.
[14] Нема човек кој што нема да почувствува задоволство, кога на неговиот најблизок изненада ќе му се случи несреќа и покрај тоа што потоа најискрено ќе го сожалува и ќе соучествува со неговата болка ( F. Dostojevski, Zločin i kazna, Izdavačka radna organizacija “Rad”. 1979, Beograd, stranica 200).
Друг голем ум: „Во несреќата на најсаканите пријатели секогаш наоѓаме нешто, што не ни е сосема непријатно (Превел М.П. : LA Rochefoucauld, Francois de, Maksime : misli o človeški naravi-Ljubljana : Mladinska knjiga, 2007, stran104).
[15] Лав Н. Толстој, Рат и мир I, Издавачко предузеќе Просвета, 1961, Београд, страница 635.
Последни коментари