Дали случајот помеѓу Македонија и Грција правно е меѓународен спор?!

„Никој не би сакал да стане некој друг, па дури и доколку тој ‘некој друг’ би ги имал сите добра (бидејќи Бог веќе ги има сите добра), туку сака да остане тоа што е“ (Аристотел, „Никомахова етика“). Доколку ниедна жива душа не сака да стане бог, за да ги поседува сите добра на овој свет, туку сака да си остане она што е, зошто Македонецот би сакал да стане некој друг, за да стане член на Европската Унија? Виде ли Грција плашливост кај нас Македонците, или некаква наша глупавост, па ни го смисли ова?

Целта на секоја политика е постигнување блаженство (среќа) на сопствените државјани, а тоа се постигнува со етика, односно со природни и разумски доблести. Највисоката етика на Аристотел (според Спиноза, Цицерон и други) вели дека не е етички некој да ве уништи, уште помалку е етички самиот да се уништиш.

Доколку според највисоката етика самоубијците биле казнувани со отсекување рака, а наследниците трпеле последици, бидејќи се сметало дека самоубијците и нанеле штета на државата, уште пострашно е да се самоубие една држава. Меѓународната заедница треба да реагира како државите во антиката и да го казни поттикнувачот на самоубиство – Грција, а не да ја поттикнува Македонија на самоубиство. Тоа никако не е етички.

Според мене, леџ специалис за решавање на овој проблем е Виенската конвенција за договорно право, која Македонија ја наследи од СФРЈ. Оваа конвенција упатува и на Повелбата на Обединетите нации, а исто така треба да се примени и Европската конвенција за човекови права. Но, пред сé, треба да се утврди дали случајот помеѓу Македонија и Грција ја исполнува содржината на поимот меѓународен спор.

Државите имаат право на некој меѓународен суд да му го предложат кој било спор што ги засега нивните односи. Важно е да се согласни дека спорот ќе го предложат пред меѓународно правосудно тело, а неговата одлука ќе ја прифатат како обврзувачка. Заради извршување на меѓународната правосудна функција, во важност е поимот спор, кој е еднакво широк и силовит и го обликува Постојниот суд на меѓународното право 1929 година, а го презеде и сегашниот Меѓународен суд на правдата: „спор е несогласување во однос на правната или фактичката состојба, спротивставеност на правните погледи или интереси на два субјекти“. Накратко, нема спротивставеност што би била „примерна“, или „непримерна“ за судење, бидејќи, доколку не поинаку, меѓународното право може да се произнесе во конкретен однос меѓу државите, во корист на слободата на државата, од која што спротивната страна нешто бара. Во конкретниов случај промена на име на држава. Постојат спорови во однос на кои што спротивставените страни се обврзуваат дека ќе му се подредат на секаков начин на установениот меѓународен суд и спорови за чие што решавање не преземаат таква обврска, така што нивното евентуално решавање останува во рацете на „дипломатските канали“. Во конкретниов случај во Привремената спогодба е договорена надлежност на Меѓународниот суд на правдата, со еден исклучок. Самото разликување помеѓу правни и политички спорови, кое беше омилено помеѓу двете светски војни, денес има ограничено значење. Судската практика не ја одрекува надлежноста на меѓународните судови.

Помеѓу одредбите, кои се однесуваат на правните спорови спаѓа и членот 36, став 2, од Статутот на Меѓународниот суд на правдата, кој е закоренет според статутот на стариот постојан меѓудржавен суд, установен во периодот на Друштвото на народите. Како што веднаш ќе забележиме, членот 36, став 2, одредува дека државите што ќе дадат изјава ад хок дека ја прифаќаат јурисдикцијата на судот како обврзувачка, можат да повикаат пред судот која било држава што објавила иста таква изјава, при што овој член одредува, дека изјавата за прифаќање на јурисдикцијата се однесува „на сите правни спорови што се однесуваат на: а) толкување на некоја спогодба, б) какво било прашање од меѓународното право, в) постоење на некаков факт, што доколку се утврди, би значело прекршување на некоја меѓудржавна обврска, г) природата, или опсегот на надоместот на штета, кој мора да се даде за прекршување на меѓународна обврска“. Меѓутоа не постојат случаи, во кои што Меѓународниот суд на правдата не би сакал да суди во спорови заради приговор за „политичност“ на предметот, приговор што го истакнуваа (а судот го одби) Иран и САД во врска со предметот Дипломатски и конзуларен персонал во Техеран (пресуда од 24.5.1980.) и во предметот Воени и паравоени активности во Никарагва, надлежност и прифатливост.

Меѓународниот суд на правдата е формиран во 1945 година, седиште има во Хаг и дејствува врз основа на статутот што е анекс кон Повелбата на Обединетите нации. Овој суд е израз на висок степен на институализација: се работи за постојан совет на судиите, кои ги избира Генералното собрание и Советот за безбедност и кој суди врз основа на прецизни и комплексни процедурални правила, кои странките не можат да ги укинат. Меѓутоа и покрај тоа се работи за арбитражен суд, кој суди врз основа на спогодба помеѓу сите странки во спорот, не помалку важно, за правилно решавање на овој проблем е и хиерархијата што владее помеѓу изворите на правото.

На врвот на хиерархијата се обичајните прописи, а меѓу нив оној посебен вид, кој го претставуваат општите правни начела, заеднички за внатрешните уредувања. Значи, обичајот е извор од највисок степен и е извор на општи норми, кои како такви ги обврзуваат сите држави. На второто скалило е договорот, а основа на неговиот обврзувачки ефект е пак обичајниот пропис, и тоа нормата пацта сунт сервенда. На трет степен се извори што ги одредуваат договорите и заради тоа тука спаѓаат и актите на меѓународните организации.

Какви се односите помеѓу овие извори? Дали изворите од понизок степен можат да укинат извори од повисок степен?

Доколку почнеме кај односот на обичајот кон договорот, дека обичајот може да укине договор е повеќе од јасно. Обратното е можно, само доколку обичајниот пропис дозволува со договор да биде укинат.

Објавено како фељтон за “Стратегија за зачувување на името” во Нова Македонија на 28 април 2010
Сите делови:
1. Дали случајот помеѓу Македонија и Грција правно е меѓународен спор?!
2. Зошто Европа ја поддржува грчката неправда кон Македонија?
3. Има правни лекови за нашата болест
4. Привремената спогодба е неправда за Македонија
5. Сојузот со САД – причина што Грција не го користи правото на војна
6. Пресудата на Меѓународниот суд на правда ќе биде како светилник

  •