Книга за одбрана на МАКЕДОНИЈА (дел 1)

Како што најавивме; започнуваме со објавување на магистерската работа, која што нуди правни силогизми (докази) за решавање на спорот со Грција и зачувување на името. Насловот не е одреден така за да го привлече вашето внимание, туку повеќе да ви биде предизвик да се обидете да ги побиете основните хипотези, а особено правните силогизми, или да ги афирмирате и да дадете свој допринос за ширење на вистината, или одстранување на заблудите.

 

 

1. Вовед

 

Bellum omnium contra omnes (војна на сите против сите), извикна британскиот филозоф Томас Хобс, за да ја дефинира природната состојба на работите, а само примената на правото е способна да ја скроти ова насилна природна состојба.

Прв Аристотел сватил дека правото е најважно, изјавувајќи на крајот на „Никомахова етика“ дека блажените треба да се бават со законодавство.Тој правдата ја нарече кралица на доблестите. Аристотел напиша дека од сите доблесати, само праведноста и правичноста му користат на друг, а не на тој што е праведен и правичен, додека со сите други доблести е поинаку.

За да се избегнат вооружени конфликти, современото меѓународно право забранува употреба на сила, како средство за решавање на спорови и содржи обврска за мирно решавање на споровите. За разлика од националното право, меѓународното право не пропишува задолжителни облици за решавање на споровите. Субјектите на меѓународното право се слободни сами да ги изберат средствата.

Основното начело на меѓународното право по Втората светска војна, бара споровите да се решаваат на мирољубив начин. Ова начело е еден од столбовите на Повелбата на ОН. Повелбата во член 2, став 4, забранува употреба на сила и закана со сила. Целта е очигледна; доколку државите не можат да ги решат несогласувањата на мирољубив начин, немаат право на употреба на сила и закана со сила. Војната и насилните дејствија во Повелбата на ОН се определени како незаконити дејствија.

За да се операционализира обврската за мирно решавање на споровите, потребно е да постојат начини за решавање на споровите. Тоа овозможува да се реализира начелото на слободен избор на начинот на решавање на својот меѓународен спор.

Средствата за мирно решавање на меѓународните спорови ги делиме на правни и политички и во Повелбата се набројани како: преговори, анкета, посредување, порамнување, арбитража, суд, обраќање на регионални установи или други средства за мирно решавање на спорови.

Во вториот дел ќе стане јасно дека сум се определил за Меѓудржавниот суд во Хаг, како место каде што Македонците можат да ги заштитат своите права. Вториот дел говори за улогат на судот, составот надлежноста, правото, постапката, пресудата и извршувањето.

Во третиот дел се направени неколку правни силогизми за ништовност на привремената согласност, кои што можат да послужат за изготвување на правно средство против Грција. Овој дел ја апострофира етиката, воспоставува врска со природното право и ја истакнува слогата, како најважна етичка компонента за секоја држава. Посебно го анализира човековото право на суд, за да заклучи со здраворазумското размислување, поттикнувајќи  да се споредат правните силогизми во овој дел со она што се вика здрав разум.

Во четвртиот дел е направен правен силогизам и повеќе просилогизми, кои што можат да имаат практична вредност при подготвување на жалба пред Европскиот суд за човекови права, заради заштита на колективното културно човеково право на идентитет. Како и претходното правно средство и ова правно средство е живо и актуелно, а според анкетите е на врвот на приоритетите на Македонците. Овој факт на трудот му дава практична вредност од голема важност, со што ја задоволува една од основните цели на постдипломските студии-теоријата да се реализира во пракса.

Во петтиот дел магистерскиот труд прави правен силогизам за прекршување на човековите права во рамките на сопствената држава од страна на Уставниот суд. Укажува на фактот дека Уставниот суд не ја ни спомнал Европската конвенција за човекови права, што упатува на логичен заклучок дека ја третира како декларација, а не како дел од националниот правен систем. На крајот од овој дел е изготвена жалба до Европскиот суд за човекови права, која што во секој момент може да се употреби, со оглед на можноста други држави потписнички на Конвенцијата да можат да тужат држава потписничка, заради кршење на човековите права, како и македонските граѓани што имаат правен интерес за тоа.

 

 

2. Општо за мирното решавање на меѓународните спорови

 

2.1 Начело на мирно решавање на споровите

Не треба посебно да се образлага актуелноста на начелото на мирно решавање на меѓународните спорови во сегашноста. Повелбата го става меѓу главните цели и начела на ОН.

Должноста за мирно решавање на меѓународните спорови има свој темел во забраната на употреба на сила и закана со сила.Ова норма има когентен карактер, додека должноста за мирно решавање на споровите нема когентен карактер (проф.др.Миха Погачник, „Начело на мирно решавање на меѓународните спорови во време на обединетите нации“, 1995).

Сепак, обврската државите да се трудат и да применуваат средства за мирно решавање на меѓународните спорови не значи и обврска за постигнување резултати. Доколку државите даваат се од себе, а не можат да дојдат до резултати, тоа се прифаќа како реалност (М.Згонец-Рожеј, „Арбитражата како средство за решавање на гранични и делимитациски спорови помеѓу државите“, Магистерски труд од 2002).

 

  •