Пресудата на Меѓународниот суд на правда ќе биде како светилник

Грција, како по дефиниција, ја почитуваше Привремената спогодба толку долго, колку што постоеја причините за нејзино склучување. Македонија даде сé со самото склучување на Привремената спогодба. Поради тоа, Грција ја прекрши истата. Стравот од последиците за прекршување на Привремената спогодба беше многу помал, отколку надежта на Грција дека со попречувањето на Македонија во зачленување во НАТО и во ЕУ, ќе ја натера Македонија да го смени името, да оди против природното право, односно Грција цврсто веруваше дека „Македонија има право да биде луда“.

Македонија има право да бара да престане да важи Привремената спогодба, заради прекршување од страна на Грција, но под услов да не постои страв, или да постои надеж дека работите ќе се променат. Фактот што Македонија не побара да престане Привремената спогодба говори дека кај Македонија постои страв(веројатно оправдан). Фактот што Македонија поднесе тужба против Грција за исполнување на Привремената спогодба, говори во прилог на тоа дека Македонија не изгубила надеж за зачленување во НАТО и во ЕУ.

Моево правно средство, што детаљно го образложив е најсоодветно за оваа ситуација и во висок процент ја респектира реалноста. Тужбата за ништавност не е ни храбро, ни кукавичко дејствие. Тоа е средство со кое што се отстрануваат од правниот промет правни дела што не смеат да постојат, што значи дека ова дејствие е во интерес на НАТО и ЕУ. Ако е во интерес, тогаш не може да биде сфатен како непријателски акт. Грција, се разбира, ќе го доживее како непријателски акт, бидејќи со прогласување на Привремената спогодба за ништавна, Грција ги губи сите придобивки од неа. Македонија не мора да преговара за името. Македонија врз основа на поволна пресуда на Меѓународниот суд на правдата мора да биде примена под името Република Македонија. Македонија може да ги врати во Уставот нормите за грижа за своето малцинство надвор од Македонија. Македонија може да си го врати старото знаме.

Сите наведени дејствија се неповолни за Грција и таа ќе биде доведена во позиција да ја брани Привремената спогодба што постојано ја крши и во целост да ја исполни. Тие што мислат дека Грција како членка на НАТО и на ЕУ и понатака може да нé попречува, не мислат правилно бидејќи пресудата на Меѓународниот суд на правдата ќе биде како светилник, според кој ќе мора да се управува и НАТО и ЕУ. Таа пресуда ќе биде, условно кажано, рес јудиката за сите евентуални идни спорови помеѓу Македонија и Грција, што значи ни гарантира успех пред сите други судови.

Начинов што го предлагам е поволен и за Обединетите нации, бидејќи тие се доведени во крајно неповолна ситуација со фактот што се гарант за исправноста и за исполнувањето на Привремената спогодба. Наместо тие да ги активираат своите механизми против Грција, Македонија им помага со ваквото правно средство, доколку се стекне со поволна пресуда, Обединетите нации само да ја спроведат пресудата, без дополнителни бројни резолуции, кои често зависат од согласноста на вољите од многу инволвирани со различни интереси.

Доколку Македонија сама се впуштеше во „авантурата“ Привремена спогодба, не ќе имаше право да приговара дека била измамена, најмалку ќе можеше да ја обвинува Грција дека го прекршила дадениот збор. Секој ќе и речеше дека сопствената глупавост е причина што сопствената благосостојба и ја доверила на држава, на која пред сé и е нејзината благосостојба. Но учеството на Обединетите нации во Привремената спогодба не ослободува од приговорот дека сме биле глупави, бидејќи истиот приговор ќе важи и за Обединетите нации, или уште полошо, како што наведов на почетокот, на Обединетите нации може да им се префрли мала фидес. И во првиот и во вториот случај, за Обединетите нации е најповолен исход, за Македонија поволна пресуда на Меѓународниот суд на правдата. Приговорите на Грција од пред 20 години, дека Македонија ја загрозува безбедноста на Грција, а со тоа и на ЕУ и на НАТО-членките, ги демантира времето. Напротив, се покажа дека Грција има непријателски намери.

„Колку повеќе држави склучат договор за мир, толку помал страв им предизвикува секоја од нив на другите и се намалува нејзината моќ, да започне војна. Напротив, во тој случај уште повеќе е обврзана да ги почитува условите на мирот, значи толку помалку е независна и толку повеќе обврзана, да се приспособи на заедничката волја на сите држави во сојузништвото (Спиноза, „Политичка расправа“).

Доколку ова логична мисла на Спиноза ја земеме како голема премиса, противењето на Грција, Македонија да стане членка на НАТО, е во спротивност со безбедносните ризици од Македонија. Според таа премиса, Македонија е многу поголем безбедносен ризик доколку остане надвор од НАТО, а со зачленувањето во НАТО, Македонија е обврзана да ги почитува правилата на тој сојуз, кои одат во прилог на Грција.

Заклучок, Грција не сака да го реши безбедносниот ризик од Македонија на единствено логичен и правилен начин, со зачленување на Македонија во НАТО, туку сака Македонија да остане безбедносен ризик надвор од НАТО, кој во даден момент ќе стане легитимна цел на Грција, а со тоа и на НАТО. И државата Македонија ќе биде уништена.

НАТО е во позиција да го презентира овој силогизам направен со помош на Спиноза. Користа е двојна; доколку Грција одбие да го прифати овој аргумент, таа не ги почитува правилата на НАТО, што значи дека е против тој сојуз. Колкава е опасноста Грција да биде надвор од НАТО за нејзините членки, не сум компетентен да проценам, но доколку „правото е ум без страст“ (Аристотел, „Политика“), примената на правото не може да оди на штета на членките на НАТО. Поверојатно е обратното. Членка што не ги почитува правилата на сојузот, прашање е колку би била пожелна за некаков друг сојуз, или во најмала рака; како ќе биде третирана во тој друг сојуз.

Кај нас имаме и еден проблем со невладините организации, одредени „интелектуалци“ и поголем дел од медиумите. За првите треба да се примени дефиницијата за невладини, за вторите дефиниција за интелектуалец, а не за формално образование и за третите дефиницијата за објективни медиуми.

„Значи, бидејќи само највисоките државни власти имаат право да управуваат со јавните работи, односно за таа работа да употребат чиновници (службеници), од тоа произлегува дека поданикот греши против државата, доколку според сопствена проценка, без знаење на врховниот совет, се зафати со некаква јавна работа, дури и доколку верува дека тоа што има намера да го направи ќе биде најдобро за државата (Спиноза, „Политичка расправа“)“.

Се поставува прашање дали е исполнет цитатот на Спиноза, кој треба да се свати како голема премиса, со однесувањето на наведените, од народот сведен под заеднички именител „соросоиди“.

Тие тврдат дека работат во склад со законот, се повикуваат на човекови права, односно право на изразување и така натака, а крајната цел е да владеат наместо власта, односно да го сменат името Македонија.

Меѓутоа, доколку однесувањето на некои граѓани е во спротивност со разумот, тоа не е ништо друго, туку „право да се биде луд“, а што значи тоа, веќе беше погоре образложено. Доколку јас кажам дека со моево биро можам да правам што сакам, тоа не значи дека имам право да му наредам на бирото да џвака трева. Така, исто „соросоидите“ немаат право од нас да бараат со почитување да ги гледаме и да ги слушаме нивните нешта, што кај нас предизвикуваат смеење или гадење. Напротив, за да не се случуваат вакви ситуации, државата треба да ги поттикнува своите државјани со страв и почитување (Спиноза).

Значи, за разумните дејствија почит, за неразумните дејствија страв. Доколку исчезнат почитувањето и стравот, со нив исчезнува и државата.

„А освен тоа, треба да се испита дали деловите пропаѓаат истовремено со целината, бидејќи би требало да биде обратно – кога ќе пропаднат деловите, да пропадне и целината. Но доколку пропаднала целината, не е нужно да пропаднат и деловите (Аристотел, „Органон“)“.

Македонија како целина пропадна 1913 година. Пропаднаа и два од трите дела. Меѓутоа, еден дел преживеа. Прво, како република во состав на федерална држава, а веќе 20 години како самостојна држава. Затоа, се настојувањата да пропадне и последниот дел.

Објавено како фељтон за “Стратегија за зачувување на името” во Нова Македонија на 6 мај 2010
Сите делови:
1. Дали случајот помеѓу Македонија и Грција правно е меѓународен спор?!
2. Зошто Европа ја поддржува грчката неправда кон Македонија?
3. Има правни лекови за нашата болест
4. Привремената спогодба е неправда за Македонија
5. Сојузот со САД – причина што Грција не го користи правото на војна
6. Пресудата на Меѓународниот суд на правда ќе биде како светилник

  •