Книга за одбрана на МАКЕДОНИЈА (дел 5)

3.2 Состав

Судот е составен од петнаесет судии, кои што мора да бидат лица со висок морален углед и кои што ги исполнуваат условите, кои што во нивните држави се бараат за извршување највисоки судски функции, или пак се правници, кои што се признати стручњаци во меѓународното право (член 2. од Статутот на Меѓудржавниот суд). Во пракса меѓу судиите преовладуваат универзитетски професори, членови на врховните судови, правни советници на министерствата за надворешни работи и вршители на други високи владини функции.[1]

Кандидатите за Меѓудржавниот суд ги предлага националната заедница на арбитри на Сталниот арбитражен суд (значи не владата на државите членки на ОН). На овој начин се прави обид да се спречи претераното влијание на државите врз изборот на кандидатите. Судиите ги избираат Генералното собрание  и Советот за безбедност на ОН, кои што за таа цел заседаваат истовремено, меѓутоа избираат одвоено, независно еден од друг. Избрани се оние кандидати, кои што ќе добијат мнозинство гласови во двата органи. При изборот, мораат Генералното собрание и Советот за безбедност да внимаваат, „да се обезбеди во изборот како целина да бидат застапени најважните облици на цивилизацијата и главните правни системи на светот“ (член 9. од Статутот на Меѓудржавниот суд). Во пракса се искристализира претстава за религиите, од кои што се избираат судиите, за да се постигне равнотежата, што ја пропишува Статутот. Во пракса, во состав на судот има пет судии од петте членки на Советот за безбедност, иако овој критериум го нема во Статутот на Меѓудржавниот суд.[2]

Членовите на Меѓудржавниот суд се избрани за време од девет години, со можност за повторен избор. При обавување на својата судска служба, уживаат дипломатски привилегии[3] и имунитет (член 19. од Статутот). Ниеден член на судот не може да биде разрешен од својата функција, освен доколку според едногласно мислење на сите други членови на судот, судијата престанал да ги исполнува поставените услови (член 18.). Судиите за време на обавувањето на својата функција, не смеат да обавуваат ниедно друго занимање, политичка, или управна функција.

Генералното собрание и Советот за безбедност избираат по пет судии на секои три години, што обезбедува ротација и континуитет. Се разбира дека повторниот избор, во пракса ја намалува можноста од значителна промена на судот. За местото на судија, кое што е испразнето заради пензионирање, смрт на судијата, или други причини за престанување на мандатот на судијата (на пример оставка), се спроведуваат избори за надоместување на тој судија. Судот го избира претседателот и потпретседателот на судот, за време од три години.

Од аспект на составот на судот, значаен е и членот 31. на Статутот, според кој што, судијата не е обврзан  да се изземе, во случај кога судот расправа за спор, во кој што неговата држава е една од странките. Во таков случај, државата која што нема свој државјанин во составот на судот, именува ad hoc судија,[4]кој што делува на судот со исти права, како и другите судии. Доколку помеѓу судиите нема ниеден, кој што е државјанин на парничните странки, секоја парнична странка, може да именува свој ad hoc судија.

Судот има седиште во Хаг. Судот заседава во полн состав, освен кога Статутот изричито пропишува поинаку. За кворум на судот, доволен е состав од девет судии. Судот заседава постојано, освен за време на судските одмори. Судиите мора да бидат постојано на располагање, во случај да не стануваат  во Хаг, мора да имаат можност за брзо доаѓање во Хаг.

Меѓудржавниот суд во Хаг, на барање на странките, може во секое време да востанови ad hoc совет за расправање на одреден случај. Именувањето ad hoc совет, прилично отстапува од нормалната функција на судот и на некој начин се приближува до арбитражата.[5]

Секретарот на судот е висок судски службеник, кој што е незаменлив за работата на судот. Тој е раководител на персоналот на судот, одговорен за целокупната административна работа, вклучувајќи ги и финансиските работи.Судот го избира за време од седум години и може повторно да биде избран. Неговата судска функција се состои во тоа да обезбеди комуникација помеѓу судот, странките и другите учесници, во склад со одредбите на Статутот и на Деловникот.[6]

 

3.3 Надлежност

При решавање на спорови, надлежноста на Меѓудржавниот суд ratione personae важи само за држави. Тоа значи дека поединци и меѓународни организации, не можат да побараат заштита на правата пред Меѓудржавниот суд. За последниве постои друг пат-барање советодавно мислење. Поединецот пак, може да настапи пред судот, само како предмет на заштита на својата држава. Сепак, во пракса имаше многу случаеви пред Меѓудржавниот суд во Хаг, поведени заради приватни интереси, зад кои што пак, со својот авторитет, застанаа држави.[7]

Ratione materiae пак, меѓудржавниот суд во Хаг е надлежен само кога така одлучиле странките во спорот. Во спротивност со овластувањата на Советот за безбедност, кој што може сам на сопствена иницијатива да го истражува спорот, или ситуацијата, меѓудржавниот суд во Хаг, нема овластувања за такво делување. Имено, надлежноста на Меѓудржавниот суд не може никому да му биде наметната на сила. Меѓународниот спор пред меѓудржавниот суд во Хаг може да се пренесе на два начини; така што ќе му се предаде на судот откако настанал, или пак, странките да се договорат за таков начин на решавање на евентуалните идни спорови.Првото се прави со потпис на спогодба за согласност(именувана и компромис), а за другото има повеќе облици:

-одредбата за надлежност на меѓудржавниот суд во Хаг за решавање на спорови се додава кон спогодбата помеѓу државите;[8]

-кај повеќестранечките договори се подготвува посебен анекс, што овозможува, некои држави да можат да го потпишат, а некои не;

-за надлежноста на Меѓудржавниот суд во Хаг за решавање спорови, се потпишува посебна спогодба.[9]

Изјавата, со која што може поединечната држава да преземе обврска, дека ја признава надлежноста на меѓудржавниот суд во Хаг за спорови од одреден вид со секоја држава, која што потпишала еднаква изјава, се именува факултативна клаузула. Тоа се сите спорови, кои што се однесуваат на толкување на спогодба, сите правни прашања од меѓународно право, постоење на факти, што значат кршење на меѓународна обврска,[10] природа и опсег на надомест на штета заради кршење на меѓународна обврска.[11]Факултативната клаузула може да биде ограничена временски (кога е дадена за одредено време), или стварно(со резерви, со кои што се исклучуваат одредени правни подрачја).[12]Кога државата еднаш ќе се согласи за надлежност на судот за одреден спор, или одреден вид спорови, мора да се впушти во парница.

Меѓудржавниот суд не може да суди за работи, кои што според меѓународното право спаѓаат во внатрешна надлежност на државата. Исто така, државите не можат пред Меѓудржавниот суд во Хаг да предложат работи, кои што посегаат во правата на трети држави, освен, доколку самите тие се согласат за надлежност на меѓудржавниот суд во Хаг.

Судот исто така го почитува фактот дека различни видици на одредено прашање, можат да бидат предмет на паралелна расправа во политичките органи на ОН и пред судот. Во такви случаеви, секој орган има свои надлежности и политичката расправа на одредени видици на проблемот, не ја попречува надлежноста на меѓудржавниот суд.[13]



[1] Gorazd Bohte, “Sodišče, ki pravico deli le s soglasjem strank:Meddržavno sodišče v Hagu”, v:Pravna praksa, 19(2000),Št. 20, str. 33-35 in št. 21/22, str 40-43.

[2] Danilo Turk, “TEMELJI MEDNARODNEGA PRAVA”, 2007, str. 485.

[3] Според проф.др.Митја Зупанчич, судија на Европскиот суд за човекови права од Словенија и функцијата судија е привилегија.

[4] Македонија за свој ad hoc судија во спорот против Грција, го постави угледниот стручњак за меѓународно право од Хрватска Будислав Вукас.

[5] Gorazd Bohte, “Sodišče, ki pravico deli le s soglasjem strank:Meddržavno sodišče v Hagu”, v:Pravna praksa, 19(2000), št. 20, str. 33-35 in št. 21/22, str. 40-43.

[6] Ибидем.

[7] Ибидем.

[8] Ваков е случајот со привремената спогодба помеѓу Република Македонија и Република Грција, каде што е внесена одредба за надлежност на меѓудржавниот суд во Хаг во случај на спор што произлегува од привремената спогодба.

[9] Gorazd Bohte, “Sodišče ki pravico deli s soglasjem strank:Meddržavno sodišče v Hagu” v:Pravna praksa 19(2000) št. 20 str. 33-35 in št. 21/22, str. 40-43.

[10] Спротивно во националното право. Законот за парнична постапка не дозволува деклараторна тужба за утврдување на факти, туку само за права и правни односи и вистинитост, односно невистинитост на исправа.

[11] Ова е особено важно за Македонија, доколку успее со тужбата за прекршување на Привремената спогодба.

[12] Gorazd Bohte, “Sodišče ki pravico deli s soglasjem strank:Meddržavno sodišče v Hagu” v:Pravna praksa 19(2000) št. 20 str. 33-35 in št. 21/22, str. 40-43.

[13] Danilo Turk, “TEMELJI MEDNARODNEGA PRAVA”, 2007, str. 491