Веронауката пред Европскиот суд за човекови права

Министерот за правда Михајло Манески, за “Утрински весник” од 26 септември изјави дека Владата чкрипи со забите на одредени одлуки на Уставниот суд. При донесувањето на одлуката (У.Број:202/2008-0-1 од 15.04.2009 година) Уставниот суд не ценел дали укинатиот член 26 од Законот за основно образование е во спротивност со Европската конвенција за човекови права.

Уставниот суд на Република Словенија, оценувајќи ја веронауката во У-И-68/98 од 22.11.2001.година, го направил тоа. Прекршени се повеќе одредби од Европската конвенција, а јас ќе се задржам на родителите како жртви и на Протокол еден, член 2, кој гласи: “Никому не смее да му биде одземено правото на образование. При изведувањето на функциите, кои што се во врска со воспитувањето и образованието, државата мора да го почитува правото на родителите, на своите деца да им обезбедат такво воспитување и образование, кои што се во склад со нивното сопствено верско и филозофско убедување.”

Од цитираниот член е јасно дека државата е должна да обезбеди воспитание и образование во склад со верското убедување на родителите. Државата тоа го направила со укинатиот член 26 од Законот и почнала да го реализира, но Уставниот суд со укинувањето, го прекршил човековото право на воспитување и образование во склад со верското убедување на родителите.

Авторите на одредбата беа свесни за состојбата во тоталитарните системи, во кои децата беа изложени на систематска идеолошка пропаганда и со тоа го спречија легитимното влијание на родителите. Верската поука во јавното училиште не е во спротивност со вториот член на Протоколот, доколку постои можност, заради верските или филозофски убедувања на родителите, децата да не ја посетуваат (случај Ангелени против Шведска). Ова одлука на Европскиот суд за човекови права е во спротивност со одлуката на Уставниот суд.

Курикулумот (училишна програма) на Европското училиште за еврократи, востановено 1953 на иницијатива на службениците на Европската заедница за јаглен и челик, со потпора на институциите на Заедницата и луксембуршката влада, го почитува верскиот елемент. Курикулумот е плод на соработка на многубројни европски влади и темели на потребите на децата од различни народности, кои зборуваат различни јазици.

Едно од начелата на училиштето и на неговата училишна програма е и тоа што училиштето и учителите ја почитуваат совеста и убедувањето на поединците. Верското образование (религиоус едуцатион) или образованието во неконфесионални етики (едуцатион ин нон-цонфессионал етхицс) се составен дел на училишната програма. Секој ученик може да избира дали ќе следи веронаука или етика, меѓутоа мора еден од двата предмети задолжително да го избере. Со други зборови, предметите веронаука и етика се задолжителни изборни предмети во сите одделенија, односно школски години. Училиштето содржи осум одделенија основна школа и четири класа средна школа. Во првите години, како на основната, така на средната школа, предметот опфаќа два часа неделно, а во повисоките класови пак, по еден час неделно. На пример, заради лаичноста на Франција, таа е најпогодна за споредување со Македонија. Во приватните школи во Франција (20 отсто) се изведува верска поука. Приватните школи, врз основа на законот од 1959 година, можат да склучуваат со државата концесиски спогодби. Во таков случај, државата ги финансира приватните школи, а ги плаќа и свештените лица, кои поучуваат на нив. Уставно неоспорно е и финансирањето на верските приватни школи од страна на локалните заедници, особено општините и други јавни тела.

Во дел на Франција (во три департманти) покрај нејзината источна граница, верска поука е дозволена и се изведува на државен трошок во сите јавни школи, исто така и во основните. Познат е случај од блиското минато на Уставниот суд, кога во многу посилен состав, направи кардинална грешка и ја укина правдата и правичноста како неуставна. Имено, во 1996 година, адвокатот Рафаил Черепналкоски од Скопје, поднесе иницијатива со која што побарал да се утврди неуставност на член 4, став 2 од Законот за судовите што гласи: “водејќи сметка за принципот на правда и правичност.&рдљуо; Секој добро известен правник знае дека правичноста е врховно начело на правото и веќе беше вградено во некои закони, помеѓу кои Законот за облигационите односи (основните начела, справедлив надомест итн.). И покрај тоа, Уставниот суд на 10.09.1996 година носи одлука У.Број:20/1996-0-0 со која што се укинува член 4 став 2 во делот што гласи:”водејќи сметка за принципот на правда и правичност”.

Спротивно на нашиот Уставен суд, Аристотел (“Никомахова етика”) смета дека правдата е кралица на сите доблести, а дека правичноста е еден вид праведност но подобра од праведноста, бидејќи таму каде што законодавецот не предвидел решение за одредена животна ситуација, се појавува правичноста и го решава случајот како што би го решил законодавецот, доколку случајот би постоел во време на носењето на законот.
Господинот Стамен Филипов, повторно бара во 2001 година Уставниот суд да ја укине правичноста, сега во друг закон. Овој пат за истата работа, за правичноста, Уставниот суд носи сосема спротивна одлука од претходната, со која ја укинува правичноста. Сега, Уставниот суд носи решение У.Број:79/2001-0-0 од 14.11.2001 година, со кое не се поведува постапка за оценување на членот 122 став 3 во делот што гласи: “водејќи сметка за принципот на правичност”.

Носејќи спротивна одлука, за исто прашање, Уставниот суд во истиот состав, ја признава сопствената грешка, повикувајќи се на меѓународните договори во кои овој принцип е застапен.

Доколку било можно Уставниот суд во најсилниот состав, за врховното начело на правото да направи таква кардинална грешка и да ја укине правичноста, уште повеќе е веројатно дека мнозинството на сегашниот Уставен суд донело погрешна одлука.

Објавено во Нова Македонија на 2 октомври 2009