УДБА – тајна комунистичка полиција

Во пресудата од 23.05.2002.година, Врховниот суд на Република Словенија тврди дека УДБА е злосторничка организација:„Споменатиот интерен извештај е историски документ, кој настанал во некогашната тајна полиција, позната под името УДБА.

Денес е познато дека таа служба не се занимавала само со разузнавачки задачи, туку и сама организирала разни криминални активности, плански ги изведувала, па дури и конструирала постоење на кривични дела и одговорност за нив. За таа цел фалсификувала, фабрикувала или подметнувала обвинувачки докази. Жртвите на таквите активности, по правило политички противници, или поинаку мислечки, во периодот на тогашниот режим немаа можност да ги разоткријат конструктите на УДБА и да бидат рехабилитирани“.

Дека е така сведочи еден удбаш. И тоа не кој било, туку помошникот на шефот на УДБА за Словенија, Алберт Светина, во својата книга „Од ослободителна борба до бандитизам“: „Во Ослободителниот фронт и во партијата се вклучив заради борба за национално ослободување, а по крајот на војната завршив во ОЗНА, во бандитизам. Баш во бандитизам, и тоа поради противзаконски дејства, кои ОЗНА илегално ги изведуваше надвор од законската власт и од судството. Се занимаваше со работи што се карактеристични за бандитизам. Зарем не е бандитизам доколку им крадете на луѓето и ги крадете претпријатијата во странство, имотот илегално го префрлувате преку граница и со него управувате илегално, надвор од државните институции. Нејзините припадници во Трст, малку по војната, меѓу другото украдоа и пари, кои беа наменети за месечна плата за работниците и ги донесоа во Љубљана. Од друга страна, ОЗНА одземаше приватна сопственост без секаква основа. Доколку на озновците, или на членовите на ЦК им се допаднеше некој стан или куќа, сé заедно едноставно ќе запоседнеа, а сопствениците ќе ги сместеа зад решетки, доколку не одеше поинаку“.

За првиот шеф на УДБА за Словенија, Иван Мачек, вели дека имал само четири одделенија основна школа. Во борбата со Зденка Кидрич за шеф на УДБА победил заради поголемата суровост. Член на УДБА се станувало со посебна проверка од раѓањето па до денот на приемот. Бидејќи бил во позиција да прима удбаши, Светина вели дека при изборот за него било најважно кандидатот да е вистински комунист и да е подготвен да го ликвидира непријателот. Не на фронт со оружје, туку во својата околина или каде било на друго место. Удбаши станувале обични луѓе, но подготвени да убијат, без разлика дали се работи за роднина. Според него, удбаш е човек без душа, кој е подготвен да изврши сé што УДБА ќе побара. Поради тоа, во своите редови прибирала убијци. Крвници биле срж на УДБА, а меѓу нив се истакнувале Море и Шилих, кои уживале дури и кога убивале партизани. Според Светина, ОЗНА (подоцна УДБА) била банда на убијци, натопена со болшевизам и сталинистичка бездушност.

Многу корисно за македонските услови е сведочењето на Светина дека удбашите што биле дисциплински казнувани, завршувале како директори во стопанството во странство. Тие шверцувале дрога, цигари и алкохол. Бази имале на неколку места по Словенија. Светина пишува сам за себе: „Според упатствата на Мачек, организирано крадев и правев други противзаконски работи“. Според него, УДБА толку се осилила, што по 1948 година упаѓала во државите на источниот лагер и киднапирала непријатели на СФРЈ. Овој заклучок произлегува од неуспешниот обид на киднапирање на Верстовшек од Унгарија. Тројцата браќа Пупош биле фатени и обесени во затвор во Унгарија. Удбашот Светина вели: „Удбашкиот систем, по углед на советскиот, беше построг и понечовечки од гестаповскиот“. Удбашите се делеле на разузнавачи и ликвидатори. Едните не смееле да знаат за другите. Авторот ја опишува судбината на ликвидаторот Франц Поковец. Нешто се замерил со партијата и на 24.5.1961 е извршен обид за убиство во Љубљана. Бива ранет и преживува. По оздравувањето целосно се повлекува од јавниот живот. УДБА цело време го следела. Отишла дотаму, што ја присилила неговата жена да работи за УДБА и цело време да известува за сопствениот маж. Поковец почнал да се сомнева во својата жена, но не можел да си помогне: „Сомневањата за нејзината присилна работа за УДБА му ги потврдила дури пред нејзината смрт, откако веќе неколку години морала во детали да ја известува УДБА за својот маж… Кога се приближувал нејзиниот последен час, собрала толку сила, го прегрнала и го молела за простување. Му се исповедала за својата долгогодишна несреќа и притоа горко плачела. Наредниот ден била мртва“.

Од цитираното може да се заклучи дека УДБА е многу поопасна од мафијата. За волја на вистината, треба да се каже дека УДБА првобитно е формирана за заштита на народот и борба против окупаторот и таа улога успешно ја остварува за време на војната. Меѓутоа и мафијата во деветтиот век, за време на арапската окупација на Сицилија, имала позитивна улога. Арапскиот збор мафија значи прибежиште, каде што се криело домашното население пред арапските освојувачи. Се работи за општ социолошки примерок, кога организацијата создадена за одбрана на легитимни интереси на најшироките маси, кога ќе дојдат кормилари злосторници без белег за да можеш да ги препознаеш, ја насочуваат кон други цели.

Меѓутоа, ниеден пример не ја потенцира толку сличноста помеѓу мафијата и УДБА, како вистинскиот настан, според судијата Фалконе (убиен од мафијата). Кога Фалконе го прашал тукушто затворениот Френк Копола што е мафија, мафијашот му одговорил: „Има три кандидати за местото јавен обвинител. Првиот е необично прониклив, признаен и почитуван стручњак. За другиот се договориле странките на владејачката коалиција. Третиот е идиот. Службата ја добива третиот. Тоа е мафија, господине“.

Објавено во Нова Македонија на 9 април 2010