Книга за одбрана на МАКЕДОНИЈА (дел 3)

2.3 Обврски на државите во случај на меѓународен спор[1]

1. Прва обврска на државите е брзо барање на соодветен начин за решавање на спорот, со почитување на околностите и природата на спорот и врз основа на начелото на доверба, соработка и равноправност на државите.Таа прва обврска, произлегува имплицитно од одредбите на Повелбата на ОН и тоа од член 33. став 1., а изричито од декларацијата за пријателство(став 2.) и Манилската декларација(I, став 5.).

2. При решавањето на споровите, државите мораат да го почитуваат меѓународното право.Јасно е, дека правните спорови(а такви се повеќето од меѓународните спорови), не можат да бидат разрешени поинаку, освен во склад со меѓународното право.Меѓународниот судија, или меѓународниот арбитар, исклучиво ги употребува одредбите на меѓународното право.

3. Доколку државите, или страните што се инволвирани во спор не можат да се спогодат за начинот на неговото решавање, или доколку избраниот начин не бил успешен, државите мораат „без одлагање“ да продолжат со барање-како што вели Манилската декларација(I, став 7.)-соодветен начин за разрешување на спорот.Декларацијата за пријателство изричито одредува, дека во таков случај, државите „се должни да продолжат со барање решение за спорот, на други мирољубиви начини, за кои што ќе се спогодат“(став 3.).Значи, се работи за обврска, која што е стална и која што е потребно да се почитува, се до конечно решавање на спорот.

4. Во текот на целото траење на спорот, од самиот почеток до конечното решавање, мора секоја држава, која што е инволвирана, да ги почитува следните обврски:

а) Мора да ја почитува сувереноста, независноста и територијалната целовитост на другата, или другите инволвирани држави(Манилска декларација, I, став 4.).

б) Државите инволвирани во спорот, како и трети држави, должни се да се воздржуваат од било какви дејствија, кои што би можеле да го загрозат мирот и меѓународната безбедност(Декларација за пријателство, став 4., Манилска декларација, I, став 8.).

в) Употребата на сила и заканата со употреба на сила се строго забранети(член 2., став 4. на Повелбата на Обединетите нации).Манилската декларација ја содржи следната одредба:„Ниту самиот спор, ниту неуспешната постапка за мирољубиво решавање на спорот, не и дава право на ниедна држава да употреби сила, или со неа да се заканува“(I, став 13.).

г) Државите во спорот, исто така мораат да се воздржуваат од дејствија, кои што би можеле да го заострат спорот, да го отежнат, или да го спречат неговото решавање(Манилска декларација, I, став 8.).

Ова последна обврска е исто така општо начело на меѓународното право, кое што е спомнато во основната исправа за решавање на меѓународни спорови од Женева од 1928(член 33., став 3.), па дури и во многу голем број слични конвенции, како билатерални, така мултилатерални.

5. Доколку државите и покрај напорите не успеат да го разрешат спорот и доколку спорот е од таква природа, што може да го загрози меѓународниот мир и безбедност, тогаш мора за него да расправа Советот за безбедност на обединетите нации.Ова обврска ја предвидува член 37., став 1. од Повелбата на обединетите нации.[2]



[1] Поглавјето е преземено според C.Economides, Меѓународно право и решавање на спорови меѓу државите, во:Dignitas:Revija za človekove pravice, 9(2001), str.246-248

[2] Членот 37., став 1. од Повелбата на обединетите нации одредува:„Доколку странките во спорот, кој што е од таква природа, како што е наведено во член 33, не успеат да го решат со средства, наведени во споменатиот член, го предложуваат до Советот за безбедност.“

  •