Судски убиства

[Објавено почеток на 2018 во Нова Македонија]

Автор на поимот е Ниче (NIETZSCHE, Friedrich, Človeško, prečloveško:-V Ljubljani: Slovenska matica, 2005, stran 342). Тој ни кажува за две судски убиства, без да каже кои се тие судски убиства. Тврди дека убиените сакале да бидат убиени. Веројатно станува збор за овие две судски убиства подолу.

Не плаши се од судот, туку од судиите (Руска поговорка).

Судењето на Сократ не е ништо друго, туку судско убиство.

Обвинет е дека ја расипува младината и дека не верува во боговите.

Сократ ја поучувал младината на дијалектика. Имал своја метода, која се состоела во поставување на прашања во дијалогот. Бидејќи негови ученици биле синовите на најбогатите атињани, тие често ги доведувале во неприлика своите татковци, предочувајќи им со помош на дијалектиката, дека не знаат одредени работи. Тие не можат да сватат, дека тоа што се одлични занаетчии, или одлични поети, не ги прави мудри и во останатите работи, кои што воопшто не ги познаваат. Поради ова, атињаните се гневат на Сократ, а не на своето незнаење. Така, почнуваат да велат, дека има еден гаден Сократ, што ја расипува младината. Гревот на Сократ е во тоа што ги победува во расправите и јавно докажува дека не знаат (PLATO, Zbrana dela-Ljubljana: KUD Logos, 2009, Knj. 1: Evtifron, ;Apologija; Kriton; Fajdon; Kratil; Teajtet;Sofist, stran 77-79).

Сократ на судењето го прашува својот обвинител Мелет, дали постои некој што признава божествена дејност, а да не признава божество. Мелет одговара дека не постои. Потоа Сократ заклучува дека Мелет му направил услуга. Во обвинението напишал дека Сократ признава божествени дејности, што значи дека признава и божества. Мелет на ова не одговара, па Сократ го прашува; дали божествата се богови, или деца божји. Мелет одговара потврдно. Тогаш Сократ генијално аргументира, велејќи му на Мелет дека тој си поигрува со Сократ и измислува загатки, кога тврди дека Сократ верува во божества (незаконски деца на боговите со нимфите), кои се исто така богови. Тоа би било исто така неумесно, како да се тврди дека постои маска, како пород на коњи и магариња, а да не се верува дека постојат коњи и магариња (Ибидем, страница 81).

И Аристотел ја смета одбраната на Сократ за врвна, бидејќи од дефиницијата на поимот божество, изведува заклучок, дека тој што верува во божество, верува и во богови (ARISTOTEL, Retorika-Zagreb: Naprijed, 1989, stranica 144).

Наместо врвната аргументација на Сократ кој го побил својот обвинител, победува гневот на судиите кон Сократ и тој е осуден. Не осуден, туку судски убиен, бидејќи пресудата е неправедна и неправична.

Видете како денешната западна наука и после 2.400 години го оправдува ова судско убиство.

Така, разумен читателу, ќе престане твоето чудење над ова што цивилизираниот Запад и го прави на Македонија во спорот со името. Видете ја оваа бедна аргументација: “Вистина е дека оваа нова демократија во 399 година пред нашата ера била наговорена да го убие Сократ, но тоа воопшто не беше постапка на брутална глупост. Нека се сети читателот, што виде и што претрпи поротата која што судеше во овој случај. Нивниот град поразен, изложен на глад и опустошен од Спартанците, демократијата укината, а народот мачен од сурова тиранија. Нека се сети дека човекот кој и нанесе на Атина најголема штета, а на Спартанците им направи најголеми услуги, беше атинскиот аристократ Алкибијад и дека тој Алкибијад беше стално во друштво со Сократ и дека ужасниот Критиј, исто така се дружеше со него. Нека се сети дека Сократ, иако исклучително лојален граѓанин, беше остар критичар на демократските начела. Поради тоа, не треба да изненади, дека многу едноставни Атињани, мислеа дека издајството на Алкибијад и олигархискиот бес на Критиј и неговата дружина, претставуваа непосредна последица на учењето на Сократ. Што и многу други, припишувајќи му не без причина несреќите на градот, на рушењето на традиционалните норми на однесување и на моралот,извесен дел од одговорноста за тоа префрлија на Сократ, кој секогаш и јавно, сите ствари ги доведуваше во прашање (превел М. П. , КИТО, Хамфри Дејви Финдли, Грци-Београд: Просвета, 2008, страница 181-182).”

Напишаното е беден еристички трик број 35, според Шопенхауер. Овој трик е до таа мера ефикасен, што тој кон кого е насочен го фрла вистинскиот аргумент како врело железо. Овој трик и се обраќа на волјата, наместо на разумот. Притоа, неопходно е тој што го користи трикот и тој кон кого што е насочен трикот, да имаат исти интереси. На противникот му укажуваме, дека, доколку се прифати неговиот аргумент, тоа ќе им наштети на неговите интереси. На пример, некој свештеник брани некој филозофски став. Му ставаме до знаење, дека тој став е во спротивност со основната догма на неговата црква и тој веднаш ќе го напушти својот филозофски став. Техничкиот термин на овој трик е argumentum ab utili, а описно може да се означи со “фати го дрвото за корен”. (ŠOPENHAUER, Artur, Eristička dijalektika ili Umeće kako da se bide uvek u pravu objašnjeno u 38 trikova-(2.izd.)-Novi Sad:Svetovi, 1997, stranica36-37).

Во конкретниов случај, западната наука и се обраќа на волјата, на интересот на родителите децата да им бидат послушни, како и да не ги доведуваат во неприлика своите татковци со помош на диалектиката, со која што Сократ ги опремувал. Воопшто не е важно, дали Сократ е во право. Битен е само интересот.

Според Аристотел (“Органон”), еристичките докази се привидни докази и се идентични со софизмите. Разликата е само во тоа, што еристичкиот доказ тежи кон привидна победа, а софизмот кон привидна мудрост.

Денешните западни научници и професори, дури и не се срамат дека се софисти, туку тоа и го потенцираат: “Можеби “професор” претставува соодветен модерен збор за “софист” (КИТО, Хамфри Дејви Финдли, Грци-Београд: Просвета,2008, страница 198).”

Второто судско убиство што ја обележи западната цивилизација е судското убиство на Исус Христос. И во овој случај жртвата е судски убиена од најблиските. Евреинот Исус Христос е обвинет од своите Евреи. Суден, осуден и убиен. Невин, како и Сократ. Спротивно на интересите на Еврејската религија и црква е да постои Исус Христос.

Третото судско убиство е најстрашно. Судско убиство на цел еден народ. Македонскиот. Спротивно на интересите на Западот е да постои Македонија. Не се важни аргументите.

Дај му на будалата доволно долго јаже и самиот ќе се обеси (Англиска поговорка).

Јажето во овој случај е Времената согласност, подарена од Англичаните и Американците, а бесењето е пресудата по тужбата на Македонија против Грција. Главните актери на ова судско убиство, како и во претходните судски убиства, се најблиските. Маккедонските партии ВМРО ДПМНЕ и СДСМ. Најистакнати актери: д-р Тони Дескоски, Никола Димитров, м-р Антонио Милошоски и д-р Никола Груески. Овие актери се сега рамномерно распоредени во СДСМ и ВМРО ДПМНЕ.

Од почит кон мојот разумен читател, избегнувам повторување и повикувам да го прочита мојот фељтон во “Нова Македонија” од јули 2017 година. Таму се доказите за тоа како да се избегне судското убиство на Македонија.

ВМРО ДПМНЕ од 2009 година го игнорира моето решение, а после докторатот во Љубљана, моето решение сака да и го додаде на нивната пресуда, што е contradictio in adiecto. Моето решение ја уништува нивната тужба.

Да видиме дали СДСМ ќе го примени моето решение.

  •