Магариња

„Црна се чума зададе…“

Секоја злоупотреба е неправда, но најголема неправда, според Ниче, е кога најнеспособните, најлошите, најсуровите, ги злоупотребуваат најспособните, најдобрите, најблагите. Тоа е за Ниче социјализмот, односно марксизмот.

Комунистичката Европа стана свесна за својата неизлечива болест. Како и многупати порано, Европа реши да се лустрира. Да се очисти со принесување жртва. Очистувањето на психолошко – морален план има катарзичен ефект. Овој елемент на лустрацијата произлегува од фактот, што во бившите социјалистички држави, државјанинот беше жртва на режимот, но истовремено соучесник при неговите дејствија. Пократко кажано – ние го прифативме животот во лага и станавме морално нечисти. Но, за да се очистиме треба да ги жртвуваме највиновните. Кој се тие, најдобро кажува Печјак Вид, (“Како се сруши комунизмот: психосоцијална анализа на случувањата во социјалистичките држави”): „Најмоќна улога при надзирањето на луѓето имаа таканаречените „чувари на социјализмот“- тајната полиција, нетајната полиција и судството – кои што во стварност беа органи за притисок. “Причината пак, ја дава поранешниот уставен судија и претседател на врховниот суд на Словенија Франц Тестен, кој што вели дека во преодниот период, на овие луѓе треба да им се спречи пристапот до јавни функции, бидејќи врз нив „би можеле да ги перпетуираат вредностите, начинот на однесување и личните врски, кои што го овозможија постоењето на претходниот режим“ (според Андраж Зидар, Лустрација“, Љубљана, 1996, страница 93 и 103).

Кај нас, овие што треба да бидат жртвувани, одлучуваат кој треба да биде жртвуван.

Аристотел во „Реторика“, за уверливост на кажаното предлага три средства: басна, пример, или  ентимем. Јас се одлучив за басна.

„Најстрашното од сите зла
што небото во гнев го распосла
за да ги казни на сиот свет гревовите
со еден збор, Чумата ќе ја именувам јас,
способна пеколот да го насели вчас,
ги нападна жестоко ѕверовите.
Не услекнаа сите, но сите ги фати
болеста, и умот им го смати
па тие не бараа ништо од животот лит,
изгубија за јадење апетит;
невин плен полн со сладости
не демнеа волците и лисиците,
избегаа в уплав и грлиците,
исчезна љубовта и сите радости.
Лавот свика собир: „Народе верен мој,
јас мислам дека небото-рече тој-
за нашите гревој ја прати казнава клета,
о, нека најгрешниот  меѓу нас
го принесеме како жртва света
и тогаш ќе ни дојде спас.
Историјата не учи: во таков страшен очај,
да се дава курбан е обичај;
впрочем, без ласкање и лажна повест,
да си погледнеме во нашата совест.
На пример, јас од кого се тресат сите ловци,
сум изел многу овци.
Што ми сториле тие? Никаква штета!
Дури ми се случи во неиздржлива глад
да изедам и по некој овчар млад.
Ќе се жртвувам ако треба, но сметам
дека е добро секој да се обвини сам,
зашто правдата налага, и чесно е, знам,
највиновниот да биде жртвуван.“
Лисицата се јави: „Вие сте прекрасен цар,
совеста ве мачи зашто сте предобар.
Па што! Сте јале овци и по некој овчар!
Зар тоа е грев? Та вие, глодајќи ги в бес,
сте им правеле голема чест;
а пак овчарите омразнети,
за својата неразумна страст
врз животните да имаат власт,
заслужено се казнети.“
На лисицата и ракоплескаше собирот цел.
И никој не беше толку смел
во гревовите на тигарот и мечката да  гибне,
зашто можеше несреќа да го стигне.
Сите видови од кавгаџии, дури и простите пци,
се претставија како да се мали светци.
Му дојде ред и на магарето: „Си спомнам, рече,
врвејќи покрај една калуѓерска лака,
гладта ли, случајот ли, тревата, воздухот речен,
или некој ѓавол ме поттикна така,
та испасив од лаката доста трева.
Да кажам искрено, немав право јас.“
Веднаш се крена на негодување глас.
Еден волк, приучен малку, се јави во општата врева:
„Ова краставо животно жртва да биде,
од него гледајте, пакост ни иде!“
Да се погуби, гласаше пресудата, низ рев.
Да се пасе туѓа трева? Каков страшен грев!
Само смртта е казна совршена
за таков злостор: и пресудата беше извршена.
Според тоа дали сте моќен или бедник цел
ви се суди вам како за црн или бел (Лафонтен, „Животните болни од чума“).“

  •