Магариња

„Црна се чума зададе…“

Секоја злоупотреба е неправда, но најголема неправда, според Ниче, е кога најнеспособните, најлошите, најсуровите, ги злоупотребуваат најспособните, најдобрите, најблагите. Тоа е за Ниче социјализмот, односно марксизмот.

Комунистичката Европа стана свесна за својата неизлечива болест. Како и многупати порано, Европа реши да се лустрира. Да се очисти со принесување жртва. Очистувањето на психолошко – морален план има катарзичен ефект. Овој елемент на лустрацијата произлегува од фактот, што во бившите социјалистички држави, државјанинот беше жртва на режимот, но истовремено соучесник при неговите дејствија. Пократко кажано – ние го прифативме животот во лага и станавме морално нечисти. Но, за да се очистиме треба да ги жртвуваме највиновните. Кој се тие, најдобро кажува Печјак Вид, (“Како се сруши комунизмот: психосоцијална анализа на случувањата во социјалистичките држави”): „Најмоќна улога при надзирањето на луѓето имаа таканаречените „чувари на социјализмот“- тајната полиција, нетајната полиција и судството – кои што во стварност беа органи за притисок. “Причината пак, ја дава поранешниот уставен судија и претседател на врховниот суд на Словенија Франц Тестен, кој што вели дека во преодниот период, на овие луѓе треба да им се спречи пристапот до јавни функции, бидејќи врз нив „би можеле да ги перпетуираат вредностите, начинот на однесување и личните врски, кои што го овозможија постоењето на претходниот режим“ (според Андраж Зидар, Лустрација“, Љубљана, 1996, страница 93 и 103).

Кај нас, овие што треба да бидат жртвувани, одлучуваат кој треба да биде жртвуван.

Аристотел во „Реторика“, за уверливост на кажаното предлага три средства: басна, пример, или  ентимем. Јас се одлучив за басна.

„Најстрашното од сите зла
што небото во гнев го распосла
за да ги казни на сиот свет гревовите
со еден збор, Чумата ќе ја именувам јас,
способна пеколот да го насели вчас,
ги нападна жестоко ѕверовите.
Не услекнаа сите, но сите ги фати
болеста, и умот им го смати
па тие не бараа ништо од животот лит,
изгубија за јадење апетит;
невин плен полн со сладости
не демнеа волците и лисиците,
избегаа в уплав и грлиците,
исчезна љубовта и сите радости.
Лавот свика собир: „Народе верен мој,
јас мислам дека небото-рече тој-
за нашите гревој ја прати казнава клета,
о, нека најгрешниот  меѓу нас
го принесеме како жртва света
и тогаш ќе ни дојде спас.
Историјата не учи: во таков страшен очај,
да се дава курбан е обичај;
впрочем, без ласкање и лажна повест,
да си погледнеме во нашата совест.
На пример, јас од кого се тресат сите ловци,
сум изел многу овци.
Што ми сториле тие? Никаква штета!
Дури ми се случи во неиздржлива глад
да изедам и по некој овчар млад.
Ќе се жртвувам ако треба, но сметам
дека е добро секој да се обвини сам,
зашто правдата налага, и чесно е, знам,
највиновниот да биде жртвуван.“
Лисицата се јави: „Вие сте прекрасен цар,
совеста ве мачи зашто сте предобар.
Па што! Сте јале овци и по некој овчар!
Зар тоа е грев? Та вие, глодајќи ги в бес,
сте им правеле голема чест;
а пак овчарите омразнети,
за својата неразумна страст
врз животните да имаат власт,
заслужено се казнети.“
На лисицата и ракоплескаше собирот цел.
И никој не беше толку смел
во гревовите на тигарот и мечката да  гибне,
зашто можеше несреќа да го стигне.
Сите видови од кавгаџии, дури и простите пци,
се претставија како да се мали светци.
Му дојде ред и на магарето: „Си спомнам, рече,
врвејќи покрај една калуѓерска лака,
гладта ли, случајот ли, тревата, воздухот речен,
или некој ѓавол ме поттикна така,
та испасив од лаката доста трева.
Да кажам искрено, немав право јас.“
Веднаш се крена на негодување глас.
Еден волк, приучен малку, се јави во општата врева:
„Ова краставо животно жртва да биде,
од него гледајте, пакост ни иде!“
Да се погуби, гласаше пресудата, низ рев.
Да се пасе туѓа трева? Каков страшен грев!
Само смртта е казна совршена
за таков злостор: и пресудата беше извршена.
Според тоа дали сте моќен или бедник цел
ви се суди вам како за црн или бел (Лафонтен, „Животните болни од чума“).“

  • George

    Марјан, неможам да се сложам со констатацијата на Ниче. Јас би рекол дека тоа се разни ‘диктаторски’ општества, како и општества во транизиција. Во вториот случај предност е што повеќето најспособни, најдобри, најблаги, итн. веќе го напуштиле општеството. На местото кај реченицата „Кај нас, овие што треба да бидат жртвувани, одлучуваат кој треба да биде жртвуван.“ би можел да се осврнеш на ова подетално.

    Thumb up 0

    • Марјан Попески

      „Георге“, вие веќе се сложивте со Ниче.Марксизмот е диктатура на пролетеријатот, а пролетеријатот го сочинуваат најнеспособните.Тито повторувал прво оделение, нашиот генерал изјави дека повторувал во основно, Иван Мачек(шеф на УДБА за Словенија) имал само четири идделенија образование, неговиот заменик Алберт Светина исто.На сите им е заедничко што спроведувале најсвирепа диктатура дотогаш видена, а вие диктатурата ја осудувате.
      Ниче(„Воља за моќ“) предвидел дека она што го прават комунистите во 19. век се обични грчеви во стомакот, во однос на она што ќе следи по цела Европа во 20. век.Така ја предвидел „Октомвриската револуција“ и нејзините 20 милиони жртви.Но, исто така предвиде дека комунизмот нема да успее, а добро е да постои за Европа, зашто во спротивно на Европа и се заканува поголемо зло, а според него тоа е феминизмот.
      Мислев дека е доволно што кажав дека судството, тајната полиција и нетајната полиција треба да бидат лустрирани, а не тие да лустрираат, но штом велите дека тоа не е доволно јасно, прифаќам дека е така.
      Имено, во законот на Андов се апстрофирани кодошите, наместо наредбодавците.Ви препорачувам да ја прочитате една мала книшка на др.Стојан Ристески, „Моите кодоши“.Од неа ќе видите дека човекот најдобро ја разбира лустрацијата и може најмногу да помогне во изготвување на добар закон.Ова што го направи Андов е бедно и неетички.
      Сега ќе одам во сржта.Во законот на Андов кодошите се апстрофираат, а тајната полиција, комунистичките водачи, нетајната полиција и судиите, кои што се органи за репресија, се камуфлираат во еден член, кој што лустрациската комисија не го забележува, а со однесувањето докажува дека е некомпетентна.
      Значи, дијагностициравте еден многу важен проблем.
      Јас уште ќе посочам на компаративното право на ЕУ за идентичен случај, за да не биде премногу претенциозен мојов одговор, но доколку и други ја препознаат вредноста на прашањето што го поставивте, подготвен сум повторно да се навратам на ова прашање и повторно да расправам со нови аргументи.
      Имено, во словенечкиот закон за лустрација(кој што не помина заради распоредот на силите во парламентот, но се направи лустрација во судството со Законот за судовите и де факто лустрација со објавување на интернет и во книга на имињата на 14.000 кодоши) има една одредба(член 5), која што изворно на словенечки носи наслов “privilegiranci”, а за потребата на нашава расправа најдобро е да се преведе описно;привилегирани лица од комунистичкиот режим, па членот гласи(мој превод):

      Привилегирани лица се:
      а)лица, кои што во целос, или во суштествен дел имале пристап до информациите, кои што ги собирала тајната полиција, или известувачката, или противизвестувачката служба на ЈНА, односно имале право на располагање со тие информации.
      б)лица, кои што тајната полиција, или известувачката, односно проитвизвестувачката служба на ЈНА суштествено ги подпирала, така што имале материјални, или професионални, односно други предности, кои што на другите државјани не им биле достапни во еднаков обсег, под еднакви услови, или им биле сосема недостапни.
      ц)лица, на кои што заради посредување, или посегање на тајната полиција односно известувачката, или противизвестувачката служба на ЈНА, односно на Комунистичката партија им било овозможено да не одговараат при кривичното гонење за класични кривични дела, односно до кривично гонење не дошло во замена за соработка.
      д)лица, кои што со знаење на тајната полиција, односно известувачката, или противизвестувачката служба на ЈНА, на територијата на РС или во странство, планирале, потпирале, организирале, односно подготвувале или изведувале кривични дела, односно дејствија, кои што очигледно не се здружливи со начелата на правниот ред, на демократските држави.

      За да не ја навредувам вашата интелигенција, нема да ги сликам кои се набројаните во Македонија, туку ќе го повторам заклучокот дека тие ја спроведуваат лустрацијата и управуваат со Македонија.

      Thumb up 0