Трговија

„Филозофијата лесно триумфира над злото од минатото и она (за) во иднина, ама сегашното зло ја надвладува неа („Франсоа Ларошфуко, „Максими“).“

Кога се разбра за должничкото зло на Грција, кое што денес изнесува над четиристотини  милијарди евра, некои земји на ЕУ, гневни заради лажните извештаи што биле доставувани до ЕУ, преку своите медиуми и порачаа на Грција да ги продаде островите за да се раздолжи.

Грците навредено одбија.

Во Словенија, сите се сложија дека Грција нема да ги врати силните милијарди што ЕУ ќе и ги даде. Зошто тогаш ЕУ и дава толку милијарди на Грција, прашуваше словенечката јавност? Немаше логично објаснување, па некако природно беше, да се обвини капитализмот и шпекулантите.

Меѓутоа, пострпливите, направија компарација со платата што ја добива еден словенечки работник и еден грчки работник. Оваа анализа покажа, дека грчкиот народ, во целина, имал убав стандард и убаво живеел. Бројките беа во прилог на грчкиот работник (скоро двојно), а сега тој словенечки работник кој што работел грижливо, штедел, се пензионира подоцна од грчкиот, треба да издвои околу четиристотини милиони евра за Грција во наредните три години. Додуше, во форма на заем, на кој што Грција дури има обврска да плати еден процент повеќе, отколку што тоа ќе ја чини Словенија, ама компетентните Словенци му рекоа на народот дека е тоа лага и дека Словенците уште сега треба да се простат од тие пари. Народот стана гневен. Синдикатите нервозни.

Се јавија други пожарникари со теза дека го спасуваат еврото. Гневот не се стиши.

Други рекоа дека се работи за Европа. Ни тоа не помогна.

Излезе министерот за финансии и рече дека Словенија само и ја позајмува на Грција својата кредитна способност. Никого не го убеди.

Во првата половина на мај, лидерот на опозицијата на Словенија Јанез Јанша, учествуваше во телевизиска емисија. Во присуство на поранешниот министер за финансии професор Макс Тајникар, поранешниот гувернер и сегашен министер од економска област Митја Гаспари и уште еден на кој не се сеќавам, Јанез Јанша изјави нешто, што според мене, јавноста го прифати како добра причина.

Парафразирано кажано, Јанез Јанша рече дека ЕУ и дава милијарди на Грција заради Аристотел и Платон. Ниту учесниците, ниту новинарот ја коментираше ова изјава.

Колку што ги следам работиве, словенечката јавност не ја коментира ова изјава. Како да ја прифати и како да го изгасна пожарот што се закануваше да ја изгори и Словенија.

Што може човек да заклучи од досега кажаново.

Се обидов да си помогнам со условно заклучување и го направив следниов дисјунктивен суд:

Или ЕУ е премногу великодушна и од благодарност кон Аристотел и Платон за денешна ЕУ ги даваат милијардите, или Грците направиле трговија, па наместо островите ги продале Аристотел и Платон како робови, кои што и онака се остарени и за ништо не служат (подолу ќе стане јасно, зошто би можеле така да размислуваат Грците).

Да беше ЕУ толку великодушна и благодарна кон Аристотел и Платон, не ќе ја малтретираше Македонија дваесет години. Значи ги купиле како робови. Евтино. Нешто што не може да се плати со пари е продадено така евтино.

А Грците, како се испазариле? Ќе имаат ли право во иднина да ги нарекуваат Аристотел и Платон Грци?

Овој детаљ од пазарот, многу ме интересира, заради тоа што Република Македонија не смее да се нарекува Република Македонија. Барем колку што ми е мене познато, во Грција досега Јанез(односно Јоргос), не изјавил дека ја купил Македонија.

Диоген Лаертие не известува за една историска личност, која е истовремено поучен пример. Аристип имал се што човек може да посака. Убав бил, паметен и богат. Ученик на Сократ и во голема милост кај владетелот Дионизие, со многу пријатели. Ја уживал и наклонетоста на најубавата хетера Лаида, за која што Демостен потрошил цело богатство.

Но, Сократ и Платон не биле воодушевени од него, а вториов често го критикувал.

Во случајов е најбитен настанот, кога некој му го донел својот син да го учи, а Аристип побарал награда од 500,00 драхми. Кога таткото на детето му префрлил дека за таа сума ќе купи роб, според Лаертие, овој му одговорил:„Купи, па ќе имаш два.“

Но, што доколку таткото се премислил и му платил на Аристип 500,00 драхми?

Аристип, според Лаертие, учел дека е подобро да пропаднат парите заради Аристип, отколку да пропадне Аристип заради парите.

Доколку е така, станува јасно, зошто денешниов Грк вели, подобро да пропадне еврото заради Гркот, отколку да пропадне Гркот заради еврото.

  •