Банкарската криза, филозофите и исламот

За банкарската криза се доволни човечки средства. Тие се две: генијалност, доколку треба да се пронајде ново решение, или разумност, доколку треба да се направи добар избор од веќе постојните решенија. За банкарската криза веќе постојат решенија, значи треба да се направи добар избор.

Првиот обид ми беше со Маркс и веднаш се почувствував како Јесењин, кој ништо не можел да сфати од „Капитал“, додека неговите сестри го топеле без проблем. После се сетив дека Ниче го уништи ова учење и ја предвиде неговата пропаст, па испадна дека и не бил Јесењин толку глупав, а сестрите веројатно биле бубалици, зашто станува збор за нелогично учење, полно со софизми. И аргументот на Маркс е аргумент против Маркс: практиката како критериум на вистината покажа дека марксизмот не го издржа тој тест.

Како и за сé друго, и за овој проблем најдобро решение дава Аристотел. А тој не би бил Аристотел доколку неговото решение не е од животот, па пред да ја образложи својата теза ќе ни го соопшти судот на народот: „…со право најмногу се мрази лихварството, поради тоа што со лихварството доаѓа добивката од самите пари, а не од она за што парите служат. Бидејќи парите настанаа поради размена, додека добивката ги зголемува парите (оттаму потекнува и името, бидејќи роденото личи на родителот, а таква добивка е дел од парите, што потекнуваат од пари), па така добиените пари од пари се најмногу во спротивност со сите начини на стекнување пари“ (Аристотел, „Политика“). А доколку знаеме што е најлошо, знаеме и што е најдобро. Сите знаат дека банкарската криза не го погоди исламскиот свет. Но малкумина знаат зошто. Поради тоа што доследно го практикуваат Аристотел: банките во исламскиот свет не работаат со камата. Не се лихвари.

Доколку (според Херодот) Персијците поради помодарство од Грците ја презеле педерастијата, нивните потомци од Македонија го зеле најдоброто. Најголемиот човек на светот, Александар Македонски Велики го ставиле во Коранот да им говори (глава Пештера) и му прават многу поголема чест од нас Македонците, неговите потомци. И Аристотел е од Македонија. Дете на грчки колонисти. Роден е во Стагира и до својата осумнаесетта година живее во Македонија, кога му се придружува на Платон. Затоа, од најумните западни глави често ќе чуете: „Аристотел и не бил Грк“, се разбира не оспорувајќи ја грчката крв, туку потенцирајќи го македонското во него, поради што бил на нишан на Грците како македонски шпион, а за да не се огрешат втор пат Грците кон филозофијата, ја напушта Атина, но набргу умира, а пријателите го пренесуваат и погребуваат во Стагира. Во Македонија.

Така, интересирањето за исламското банкарство нагло порасна во Европа.

Лондон е центар на исламските банки, а за него се загрева и Франција. Британија е заљубена во исламското банкарство, а САД даваат отпор. И покрај кризата, според податоци на „Фајненшл тајмс“, последниве години исламскиот имот пораснал за 30 проценти и достига 500 милијарди долари. Се очекува пораст на 800 милијарди долари.

Уште еднаш: исламското банкарство се темели на забрана на камата. Коранот одредува: „Тие што даваат и земаат камати, тие што се сведоци на такви договори и тие што составуваат такви договори, сите се грешници, кои на крајот ќе завршат во пеколниот оган“. И покрај тоа, се разбира дека и муслиманите купуваат автомобили на кредит, но така што го купува банката, која потоа и го продава на својата странка, а таа, пак, го отплаќа на рати.

Исламските банки при изборот на службеници најмногу внимаваат дали тие разликуваат помеѓу забрането-харам и тоа што е законско-халал. Се множат по Европа семинари за исламските финансии, а никој не го споменува Аристотел и сега ќе испадне дека исламот нашол решение за проблемот. Еве, овој весник, веројатно како прв ќе соопшти дека Аристотел десет века пред да се појави Коранот го пронашол лекот.

Нашата старица Европа е за жалење. А убаво им соопшти Шопенхауер на европските научници дека само го преџвакуваат она што ќе го кажат филозофите. Денес, очигледно, престанале и тоа да го прават, па сега решенијата ќе ги нарекуваме исламски, а по дваесетина години ќе учиме дека исламската наука го спаси светот, или во најмала рака капитализмот. И со право.

Така ти е тоа, кога во земјата каде што се родил најголемиот ум луѓето измислија термин „антиквизација“ како нешто негативно, а Европа се гордее со овој изум на моите содржавјани и ни го обесува на нос. Е па драги мои Европејци, сé било до антиката и во антиката. До вистината се доаѓа преку антиката. Не случајно Данте го става на највисокиот пиедестал, а од страна му стојат Платон и Сократ. Не случајно, најмудриот крал на светот го замолил да дојде во Пела и да му го воспитува синот Александар. Аристотел со задоволство прифатил да го реализира идеалот на Платон: државник-филозоф.

Објавено во Нова Македонија на 21 април 2010

  •