Д-р Гордана Силјаноска Давкова (ETOS)

Во претходните колумни понудив предлог во осум точки како да се спаси Македонскиот народ. Како да се одстранат двете заблуди ВМРО ДПМНЕ и СДСМ, за да има корист душата од вистината што ја соопштувам.

Како прв чекор; се приклучив кон оние кои нема да гласаат на претседателските избори.

Бидејќи успешни претседателски избори во Република Северна Македонија се во спротивност со интересите на Македонскиот народ, ние што нема да гласаме на претседателските избори, треба со реторички средства (ентимем, текмерион, пример, знак, басна) да увериме што поголем дел од Македонскиот народ, да не гласа на претседателските избори.

Во три колумни ќе ги анализирам реторичките способности на нашиот противник д-р Силјаноска[1]. Како што предлага Аристотел; најголема убедувачка моќ има етиката, односно карактерот на говорникот.[2]

На второ место по убедливост е способноста на говорникот да побудува кај народот добри, или лоши чувства.[3]Ова реторичка способност нема да и помогне на д-р Силјаноска, бидејќи народот е многу повнимателен кога е во прашање неговиот интерес, отколку некој судија на суд, кого воопшто не го засега парницата помеѓу странките.

На трето место е доказната вредност на она што го говори и пишува д-р Силјаноска.

Таа ми беше асистентка кога студирав право. Нејзините предавања беа посетени. Зедов тема за есеј кај неа.

Од основно до крајот на средно бев главен рецитатор, што укажуваше на тоа дека добро се служам со јазикот и добро ги изразувам чувствата. Како резултат на тоа, водев и радио емисија со уште две девојки во средно. Таму веќе почнаа да се наѕираат моите реторички способности. На аудицијата во “Мирче Ацев”, Лекоски беше изненаден кога одреди дека сум прв тенор, а во говорен регистар баритон (тоа се негови зборови).

Значи, одлучив да ги проверам комплетно своите реторички способности кај д-р Силјаноска.

Излагањето траеше педесетина минути. Почнав со читање кое траеше дваесетина минути. Наеднаш прекинав и до крајот на моето излагање не читав ништо. Д-р Силјаноска беше воодушевена, а и студентите.

Еден од студентите се јави со заклучок дека мојот настап не бил ништо посебно. Д-р Силјаноска го поби, а тоа наиде на општо одобрување кај студентите. Јас, не му се спротивставив. После десетина години, јас веќе успешен млад адвокат, го сретнав како продава локум. Двајцата се правевме како да не се познаваме.

Моето излагање на повеќе места беше во спротивност со она што се предаваше на факултетот. Така да одобрувањето на д-р Силјаноска кај мене создаде заклучок дека таа ја поседува доблеста храброст.

На едно предавање дури малку и ме засрами со својот национализам. Љубезно ми укажа дека моите пројугословенски ставови не и се прифатливи. Мислам дека стануваше збор за рафинеријата. Дали треба да се гради во Скопје. И тогаш, и денес, таа беше во право. Тито беше починат и очигледно јас сум пропуштил важна работа. Можеби тоа беше почеток на моето национално освестување.

Како резултат на претходното искуство, пред десетина години ја истакнав неа и д-р Татјана Петрушевска, како посебни интелектуалци во моја колумна.

Пред крајот на минатата година, веќе се пишуваше дека д-р Силјаноска ќе биде кандидат на ВМРО ДПМНЕ. Известен бев, дека сака средба со мене (така рече посредникот). Средбата се реализира и тема во најголем дел беше меѓународното право. Сеуште беше под силно влијание на д-р Јанев.

Во понатамошните контакти, експлицитно и кажав дека треба да се одстранат заблудите ВМРО ДПМНЕ и СДСМ, за да има корист македонската душа од мојата вистина (докторатот). Потенцирав дека прво треба да се одстрани ВМРО ДПМНЕ, бидејќи СДСМ е паразит кос се храни со ВМРО ДПМНЕ. Кога ќе го снема ВМРО ДПМНЕ, ќе умре и паразитот СДСМ. Нема да има храна за паразитот.

Од тој момент прекина комуникацијата.

Мојот разумен читател знае дека само по исклкучок пишувам на овој начин. Овој пат за да се знае дека јас и д-р Силјаноска имаме дијаметрално спротивставени волји. За да може мојот разумен читател да оцени дали ова што ќе го пишувам понатака е резултат на мојот интелект, или резултат на мојата волја.

Шопенхауер вели дека волјата ги поставува целите, а интелектот ги пронаоѓа средствата за задоволување на волјата.

Јас бев јасен дека моја волја е да се се спаси Македонскиот народ. Како средства ги понудив докторатот донесен од ЕУ што ќе го примени една Партија на Македонскиот народ, а во меѓувреме да се примени моето правно средство од колумна објавена пред десетина години. Бидејќи ВМРО ДПМНЕ (значи и д-р Силјаноска) и СДССМ го предадоа Македонскиот народ, поединци Македонци, да вложат правно средство против Република северна Македонија, заради кршење на правото на самоопределување на Македонскиот народ.

Одиме директно на ЕТОС.

Д-р Силјаноска во јавноста настапува со правото на самоопределување, без мене да ме цитира, или спомне, како тоа решение да е нејзино. Па таа до пред три месеци го заговараше решението на д-р Јанев и беше на врвот од оние 200 што бараа да се примени решението на д-р Јанев, кое јас во докторатот го побив.

Јас за правото на самоопределување пишував пред десетина години. За ius cogens. Јас за правното средство од Виенската конвенција за договорно право пишував пред десетина години и тоа е одобрено во докторат на донесен од ЕУ, а таа јавно зборува дека имало решение во Виенската конвенција за договорно право, без мене да ме спомне, или цитира.

Во 2017 и 2018 се објавени мои фељтони во “Нова Македонија”[4], кои ги докажуваат претходните наводи.

Д-р Татјана Петрушевска е десет години запозната со моите решенија и до ден денешен нема преземено ниту еден збор без да ме цитира.

A fortiori.

Во секој труд на д-р Татјана Петрушевска, каде се спомнуваат моите решенија, јас сум коавтор.

Д-р Петрич е друга крајност на интелектуална чесност. Иако најдобро го разбра и одобри мојот докторат, нема употребено ниту една моја мисла како своја.

За разлика од него, д-р Силјаноска наведува клучна премиса од докторатот како своја, односно подоцна изјави дека тоа и го кажал некој професор од Кембриџ.

Лага.

Премисата: “Правото на државата сама да си избере име е дел од правото на самоопределување” е на мојот ментор д-р Ернест Петрич. Постои писмен доказ за тоа од пред пет години. Јас, интелектуално чесно, ја употребив таа премиса во докторатот, но напишав дека автор на таа премиса е д-р Петрич, иако тој тоа не го бараше од мене. Сакаше да ми помогне. Тој ми помогна со ова важна премиса, но јас во докторатот кажав дека д-р Петрич е автор, а не јас.

Од пред неколку дена излезе моја книга во “Матица” и д-р Силјаноска престана да се повикува на правото на самоопределување.

Ова е недопустиво за доктор на науки.

Во Словенија, една докторка и деканка на угледен факултет беше многу плодна. Внимателен истражувач се заинтересирал дали е направена една анкета што се спомнува во стручниот труд на плодната деканка. Доби негативен одговор. Го објави тоа. Плодната деканка никого не украде, не направи плагијат. Само не направила некоја не толку битна анкета, за која тврдеше дека ја направила. Веднаш си даде оставка од декан, замина од факултетот и никаде ја нема повеќе.

Кога д-р Силјаноска беше министер во владата на Црвенкоски, се зборуваше дека нејзиниот сопруг добил “фри шоп”. За помладите, тоа е фабрика за пари. Монопол. Продаваш луксузна стока, скапи цигари и алкохолни пијалоци, без да плаќаш царина.

Јас не верував, поради искуството од студентските денови.

Но, д-р Силјаноска призна во интервју кај Васко Поп Петрески дека сопругот добил “фри шоп” додека таа беше министерка.

Еристички го нападна новинарот дека тоа се случило пред триесет години. Да, ама народот не бира ѕидар на оглас кој пред триесет години украл 200 цигли, туку претседател. А сопругот на ова кандидатка добил “фри шоп” додека таа била министерка.

Шопенхауер вели дека карактерот е непроменлив.

Се бранеше дека д-р Фрчкоски е виновен што му дал “фри шоп”, дека се обратила кај Црвенкоски по тој повод и дека тој и рекол дека таа нема ништо со тоа.

Наизглед, постои противречност во ова моја колумна. Д-р Силјаноска добар интелектуалец и д-р Силјаноска без ЕТОС.

Од ова противречност ме разбременува Аристотел (“Никомахова етика”), кој прави разлика помеѓу способен човек и добар човек. Според Аристотел способниот човек (д-р Силјаноска) многу наликува на добриот човек и просечниот човек ги поистоветува. Разликата е во тоа што добриот човек до резултатите доаѓа со крепости, а способниот без нив. Аристотел уште вели дека само на добриот човек му се покажува вистината.

Шопенхауер вели дека и најголемата духовна моќ може да оди заедно со најголема морална[5]расипаност и го посочува примерот на еден од најголемите англиски филозофи Френсис Бекон:

“Дури и најголемата духовна моќ, може да постои заедно со најголема морална расипаност. Пример е Бекон Веруламски. Неблагодарен, властољубив, зол и подол, , тој на крајот отишол толку далеку, што како лорд канцелар и врховен судија на кралството, често примал мито во граѓански парници. Обвинет пред членовите на горниот дом, тој ја признал вината, па бил исфрлен од тој Дом, осуден да плати четириесет илјади фунти и затворен во лондонскиот Тауер (превел М.П.).[6]

 


[1]Со настапот на изборите ја легализира Република Северна Македонија, а не вети дека ќе стори нешто за спасување на Македонскиот народ. Како кандидат на ВМРО ДПМНЕ очекува гласови само од Македонскиот народ, а тоа е штетно за Македонскиот народ.

[2]Aristotel, “Retorika”, Naprijed, Zagreb, 1989, stranica 7.

[3]Ибидем.

[4]За постапките на “Нова Македонија” во друга прилика.

[5]Морал е латински збор за грчкиот збор етика.

[6]Artur Šopenhauer, SVET KAO VOLJA I PREDSTAVA (II/1), Grafos, Beograd, 1990, stranica 267.

  •