Пулчинела

Горчлив е лебот на професорите! Прво мора да играат онака како што министерот им свири, а кога тоа ќе го одработат, можат да станат жртви на диви човекојадци, односно вистински научници. Вистинските научници се во состојба таквите да ги стават во џеб и да ги скријат како џепен Пулчинела, покажувајќи ги заради забава и развеселување.[1]

 

За да разликувате вистински научник и привиден научник, треба да ја прочитате колумната на д-р Фрчковски “Тивко тече Теткиниот Дон”, во која тој привидно ја става во џеб (со еристика) една од неговите “три невесте”. Потоа, прочитајте ги моите колумни “ETOS”, “PATOS” и “LOGOS” за да видите како вистински научник, истата невеста со силогистика ја става в џеб.

Зошто е битна оваа споредба и каква врска има со враќањето на името?

Заради тоа што “невестата” пишува за ius cogens, без да има елементарно познавање за тоа.

Каква врска има тоа со мене?

Кај мене се` е излиено во едно парче. Никој не може да најде противречност од 2010 година, па до денес. Прв и единствен пред десет години пишував дека решението на проблемот е во кршењето на правото на самоопределување, кое што е норма ius cogens.

За да одговорам на прашањето што го поставив, ќе се послужам со ставот на Шопенхауер, како со општо место; најмногу можеме да и наштетиме на некоја добра ствар, доколку ја браниме со погрешни аргументи.

Ерго, “невестата”, што без да ме цитира се расфрла со правото на самоопределување како норма ius cogens, нема елементарни познавања за темата, а камоли аргументи.

Поради тоа, д-р Фрчковски привидно ја поби, служејќи се со еристика. Тоа кај мојот разумен читател може да предизвика дилема; доколку д-р Фрчковски ја побил “невестава” која пишува за ius cogens, тој можеби го побил и д-р Попески.

Платон вели дека некои добри работи треба да ги повториме, па јас тоа ќе го направам против д-р Јанев.

Д-р Јанев и неговиот ultra vires не беше прифатен ниту од Глигоров, ниту од Трајкоски, ниту од Црвенкоски, ниту од д-р Иванов.

Па, ни коњ кој има златни узди и раскошна опрема, а инаку е лош, не го сакаме и го сметаме за невреден. Повеќе сакаме коњ во добра состојба.[2]

Во конкретниов случај јас го побив д-р Јанев со тоа што му ја уништив големата премиса. Според големата премиса на д-р Јанев, Генералното собрание на ОН има право да му предложи на Меѓународниот суд на правдата да донесе незадолжително правно мислење по поставеното прашање.

Големата премиса на д-р Јанев ја побивам со моето тврдење дека неговата голема премиса има партикуларна важност, а не универзална важност како што сака да прикаже д-р Јанев. Своето тврдење за партикуларна важност на неговата голема премиса го докажувам со член 12 од Повелбата на ОН. Според член 12 од Повелбата, Генералното собрание на ОН не смее да се бави со прашање, со кое веќе се бави Советот за безбедност на ОН.

Доказ дека Советот за безбедност се бави со спорот за името се двете резолуции на Советот за безбедност, врз основа на кои е склучена Времената согласност. Доказ дека сум во право е фактот што Генералното собрание на ОН никогаш не се бавело со спорот за името.

Тој се повикува на мислење на Меѓународниот суд на правдата од 1948 година.

Јас го уништувам прецеденсот на д-р Јанев со помош на општото правно начело што го признаваат цивилизираните народи lex posterior derogat legi priori.

Имено, Меѓународниот суд на правдата во 1950 година носи ново мислење, со кое го дерогира своето мислење од 1948, на кое што се повикува д-р Јанев.[3]

Во поново време, д-р Јанев настапува со теза дека е прекршено правото на самоопределување и ius cogens, што е мој став од 2010 година, а д-р Јанев никаде не ме наведува. Инкриминирано дејствие и интелектуално бедно.

Мојот разумен читател може да го праша “чичко Гугл” и да види дека д-р Попески пишува за правото на самоопредлување и ius cogens од 2010 година, а д-р Јанев и “невестата” на д-р Фрчковски од 2018 година, односно по објавувањето на моите два фељтони во 2017 и 2018 во “Нова Македонија”.

Пред неколку дена, д-р Јанев се појави на телевизија и пак со моите ставоти, како и со своите ствови за ultra vires и дополнителни услови кои јас погоре ги побив.

Бидејќи со една моја колумна веќе го претворив во мој џепен Пулчинела, еве пак ќе го извадам од џеп и ќе си поиграм со него.

Имено, во емисијата, д-р Јанев тврди дека Преспанскиот бил ништовен. Новинарот го гледа егзалтирано, но му укажува на една противречност. Му вели дека Преспанскиот не е ништовен, бидејќи е регистриран во секретаријатот на ООН. Д-р Јанев се согласува дека не е ништовен, што се однесува до секретаријатот на ООН.

О ва е противречност. Д-р јанев тврди дека Преспанскиот е ништовен, ама што се однесува до секретаријатот на ООН не е ништовен, зашто таму е регистриран.

На овој начин, д-р Јанев го крши вториот закон на мислење на Аристотел (“Органон”): закон за исклучена противречност.

Аристотел (“Органон”) го дава следниов пример за кршење на овој закон (contradictio in adiecto): црнецот е црн, ама што се однесува до забите, бел е.

Црнецот не може да биде и црн и бел. Така исто и Преспанскиот не може да биде ништовен,  ама што се однесува до сeкретаријатот на ООН каде што е регистриран, да не е ништовен.

Сега повторно ќе го вратам в џеб мојот Пулчинела, а доколку пак се појави во медиумите, пак ќе го извадам и пак ќе си поиграм.

Еден римски благородник, му се пожалил на друг повисок благородник дека има спор. Овој му понудил еден адвокат кој бил благородник, но многу глупав.

Тогаш тој му рекол адвокатот да му го даде на неговиот противник, а нему не треба да му дава ништо.

 


[1] ШОПЕНХАУЕР, Артур, Parerga i paralipomena-Beograd: Dereta, 2014, 43.

[2] ARISTOTEL, “O duši” i “Nagovor na filozofiju”, Naprijed, Zagreb, 1996, stranica 109.

[3] Поопширно во мојот докторат “Problem imena države “Republika Makedonija” v mednarodnem pravu”, достапен на интернет.

Во полемика, големата премиса му ја поби и Ристо Никоски. Меѓутоа, многу нечесно, не кажа дека тоа го презел од кај мене. Прво излезе мојот фељтон и колумни, каде што јас го побив д-р Јанев, па дури потоа Ристо Никоски го поби со мојот интелект, без да го каже тоа.

Со ова му правам услуга на д-р Јанев.

Да бидеш побиен од еден доктор по меѓународно право кој донел докторат според “Болоња” од ЕУ, не е срамота.

Да бидеш побиен од Ристо Никоски, кој не е ни правник, би било срамота.

  •