Нужна одбрана

„Доколку неспособноста да се браниме со тело би била срамота, бесмислено би било кога за срамота не би се сметала неспособноста да се браниме со говор, чиешто користење и е посвојствено на човековата природа, отколку користењето со телото“ (Аристотел, „Реторика“)

Најнапред дисквалификација, па потоа ликвидација. Ова е начинот на дејствување на „комунистот“. Особено на „комунистот“ од стар ков.

Меѓутоа, како дел од десната влада, тој ја застапува Македонија пред Европскиот суд за човекови права.
Дека овој начин на дејствување е доминантен и денес кај комунистите, обвини десницата во Словенија. Така и Јанез Јанша: „Сé тече во контекст на Кучановата изјава, која ја изрече на 23 февруари 1994 година на пратеничката вечер на Борут Пахор во Нова Горица. Тоа е најнапред дисквалификација, а потоа ликвидација, доколку е потребна, дури и физичка („Младина“ од 5.3.2010 г., најпродаван словенечки неделник, близок до левицата)“.

Томаж Ертл, шефот на словенечка УДБА што го уапси Јанша и и го предаде на ЈНА, е тука некаде со годините на нашиот „комунист“. Кога пред неколку месеци беше одликуван од претседателот, десницата против претседателот поведе постапка за „импичмент“, или уставно обвинение. Претседателот, близок на левицата, објаснуваше дека одликуваниот удбаш бил најзаслужен како министер за внатрешни работи во операцијата „Север“, бидејќи го осуетил „митингот на вистината“ во Љубљана и така помогнал во борбата за осамостојувањето на Словенија.

Десницата истакна дека Врховниот суд ја прогласил УДБА за злосторничка организација затоа што одликуваниот во својство на шеф на УДБА самиот направил злосторство во 1979 година. Во словенечкиот парламент, во постапката против претседателот, Јанша го запраша: „Што е друго, ако не злосторство, тоа да поставуваш бомба во просторија, под која беше седницата на одборниците во Великовец? Зарем тоа не е злосторство (http://teletext.si/slovenija/ustavna-obtozba-zoper-tuerka-padla-v-vodo/224795)?“ Обвинението не стигна до Уставниот суд, бидејќи десницата беше надгласана.

Колку се разликуваме. Во Словенија претседател близок на левицата одликува удбаш што се борел за осамостојување на Словенија и доживува „импичмент“. Во Словенија, Уставниот суд, комунистичките судови ги прогласи за „борбен орган“ на комунистите. Кај нас, десна влада „комунистот“ го поставува на највисоки позиции. И никому ништо.

Резултатите на „комунистот“ се видливи од колумните што ги напишав за веронауката, екстерното, границата, новиот управен суд и системското кршење на човековото право на суд. Еве како ја застапува Македонија агентката пред Европскиот суд за човекови права.

На 15.9.2009 година „Нова Македонија“ објави статија „Во Стразбур Македонија изгуби и од словенечка фирма“. Со една реченица беше цитиран адвокатот на „Леснина“: „Поради силата на нашите докази и аргументи, добивме понуда за порамнување, која сега ја разгледуваме…“ Во моментот кога е објавена статијата, Македонија и „Леснина“ веќе имаат постигнато договор.

На 19.10.2009 година агентката бара од Европскиот суд за човекови права да ја отфрли апликацијата, бидејќи адвокатот во „Нова Македонија“ оддавал податоци за порамнувањето. Адвокатот му напиша на судот, дека токму агентката, во постапката Јанева против Македонија оддавала податоци за порамнувањето, во „Дневник“ од 18.3.2006 година. Побара, судот да го примени начелото немо аудитур турпитудинем аллеганс (никој не смее да се повикува на своето нечесно дело) и да пресуди дали делото на агентката е чесно.

Европскиот суд за човекови права ја повика Владата на Република Словенија да се вклучи во постапката, за да ги заштити интересите на „Леснина“.

Владата на Словенија одби да се вклучи. Веројатно оценила дека адвокатот добро си ја води постапката. Европскиот суд за човекови права донесе одлука 37619/04 од 2 март 2010 година, со која го одби барањето на агентката и одлучи во корист на адвокатот. До денес, изминаа повеќе од десет месеци, а агентката не ја има преведено одлуката. Што ли содржи, штом агентката не и ја дава на јавноста?

Според член 14, став 1 од Законот за извршување на одлуките на Европскиот суд за човекови права, Македонија мора во рок од еден месец да објави превод на одлуката на Европскиот суд за човекови права. Со овој факт, агентката докажа дека во Македонија се применуваат „Десетте Божји заповеди на комунистичкото право“, петта заповед: „Политичките власти правото не ги обврзува; таа власт е единствена група, која може правото да го менува и крши (види „Нова Македонија“ од 29.10.2010 г.)“.

Откако загуби, агентката побара од судот да важи договорот и да не се донесува пресуда. Адвокатот се согласи. Европскиот суд за човекови права не се согласи. Донесе пресуда 37619/04 од 14 октомври 2010 година, со која утврди дека Македонија ги прекршила човековите права.

Објавено во Нова Македонија на 23 декември 2010

  •