Судот е борбен орган на комунистите

„Тешко на она поколение, чиишто судии заслужуваат да им се суди“ – (Арапска поговорка)

Во пресудата У-И-247/96 од 22.10.1998 година, Уставниот суд на Република Словенија тврди дека судот е борбен орган на комунистите:

„22. Историчарот Микола Микола, во уводот кон своето истражување за судските процеси на цељското подрачје во годините 1944-1951 утврдува: Доколку се изразам со зборовите кои во 1948 година ги запиша тогашниот претседател на цељскиот окружен суд, судот во тоа време претставувал ‘борбен орган, кој што морал да се бори против класниот непријател‘. Таквата улога на судовите дојде до израз, пред сé, во спроведувањето политички и изрежирани судски процеси, кои во Словенија ги имаше во огромен број од 1948 до 1951 година, што никако не беше случајно…“

Стручното и политичко влијание врз судскиот кадар била една од основните задачи на Министерството за правосудство, при што акцентот бил на политичкото, односно идеолошкото влијание. Според цитираната одлука на Уставниот суд на Словенија:

„Записникот од конференцијата на Министерството за правосудство со претседателите на Окружните судови од 10. декември 1947, на страница 3 го наведува воведниот збор на помошникот министер д-р Хелија Модица: Судот мора да стане борбен орган на народната власт“.

Дел од аргументите на Уставниот суд на Словенија се и ставовите на проф. д-р Бавцон, еден од најголемите авторитети во СФРЈ за казнено право. Тој во „Комунист“, 1990, страница 133-134 тврди дека судот не е ништо друго, туку идеолошка и политичка репресија. За таа цел (според него) на тајната комунистичка полиција и се доделува улога на ударен и водечки центар. Така судот добива значење на церемонијален инструмент и станува непогрешливо оружје за истребување на класните и други непријатели.

На индустријалците, трговците, занаетчиите, земјоделците, свештените лица, па дури и на работниците, „борбениот орган“ и за најмали казниви дејства им изрекува најстроги казни од неколку години затвор, одземање на имотот, па дури и смртни казни, а на припадниците на владејачката структура за најтешки казниви дејства им изрекува најблаги казни. Еден пратеник и директор на текстилна фабрика, за убиство го осудува само на една година затвор. Имало случаи кога убијците воопшто не дошле на суд, иако во истражна постапка го признале делото („Комунист“, Љубљана, страница 68 и 87).

Во Македонија, ништо не е изменето во овој поглед.

„Меѓутоа, не е доволно само да се каже вистината, туку треба да се образложи причината за лагата. Имено, тоа придонесува за поголема убедливост: доколку ни стане јасно зошто ни се чини вистинито, нешто што не е вистинито, тогаш полесно и веруваме на вистината (Аристотел, „Никомахова етика“)“.

Словенија уште во 1994 година внесе лустрациска одредба во законот за судови и сите судии што можеа да бидат лустрирани, си дадоа отказ. Во Македонија тоа не се случи до денес.

Со одлука У-И-83/94 од 15.07.1994 година, Уставниот суд на Република Словенија потврди дека лустрацијата е уставна. Уставниот суд на Република Македонија укина суштински одредби од лустрацијата.

Врховниот суд на Република Словенија со пресуда од 23.5.2002 година ја прогласи УДБА за злосторничка организација. Врховниот суд на Република Македонија до денес не го има направено тоа.

Во Словенија, господинот Душан Лајовиц, почесен конзул на Словенија за Нов Зеланд, во книга објави имиња на 14.000 кодоши. До денес никој не го има тужено. Македонија не ги знае кодошите. Десната влада дури се закани со закон дека ќе оди во затвор тој што ќе објави податоци за кодошите.

Во Словенија, д-р Јоже Пучник во 1996 година, во книгата „Од архивите на словенечката политичка полиција“ ги објави имињата на сите припадници на тајната политичка полиција до 1948 година, од кои е сплетена удбашката мрежа, така што многу лесно можат да се поврзат подоцнежните имиња и настани. Ова беше најтежок удар за УДБА што една нејзина жртва и го нанесе. Од оваа книга беше изненаден и вториот човек на УДБА по војната во Словенија, Алберт Светина, иако подоцна и самиот е жртва на УДБА. Сметаше дека силно се загрозени безбедносните структури.

Македонија не ги знае удбашите до 1948 година, од кои е сплетена подоцнежната удбашка мрежа, па и денешната.

Во Словенија во 2001 година, д-р Иван Беле се кандидира за судија на Врховен суд. Беше лустриран. Словенечкиот закон е многу построг од нашиот. За Словенците е доволно тоа што д-р Беле учествувал во судска постапка, во која биле прекршени човековите права. Тој ги искористи сите правни средства и во сите постапки загуби. Во 2008 година, загуби и во постапката пред Уставниот суд на Република Словенија. Изјави дека нема да се жали пред Европскиот суд за човекови права.

Во Македонија имаме верификувани факти дека претседателот на Уставниот суд на Република Македонија 20 години непрекинато бил соработник на тајните служби и човекот уште раководи со Уставниот суд на Република Македонија.

Дали еден комунистички министер за правда може „борбениот орган“ да го претвори во суд?

Објавено во Нова Македонија на 12 октомври 2010

  •