Плодови на затруено дрво

За Шопенхауер, предавството е најодвратното нешто на светот: „Според тоа и Данте предавниците ги сместува на дното на пеколот, каде што се наоѓа и самиот сатана (Шопенхауер, „Етика“). Кај нас левицата се прогласи за правен сукцесор на марксизмот, а голем дел марксисти се и во десната влада. Нам најпознат марксист ни е Тито. Овој текст има намера оваа историска личност да ја претстави според досега непознати факти, во контекст на лустрацијата во Македонија. Досега за Тито знаевме од неколкуте дебели книги на Владимир Дедиер, кој ја пишуваше биографијата според кажувањето на Тито.

Лани во Словенија се појави една книга, која беше брзо распродадена. Русите му дозволиле да ѕирне во нивните архиви на австрискиот научник д-р Силвин Ејлец, кој ја напиша книгата „Титовите таинствени години во Москва 1935-1940“. Според оваа книга, Тито бил кодош на советската тајна полиција НКВД. Овој автор, пишувајќи за Јосип Броз Валтер, смета дека е од особена важност да се цитира изјавата на Валтер, поткрепена со два писмени документи: „Доколку е потребно да предадам карактеристика уште за некој друг, кој овде не сум го спомнал, молам да бидам потсетен“. Според авторот, оваа изјава дадена на 23.9.1938, сведочи дека Броз не бил присилен да пишува карактеристики, туку сам и го понудил своето доброволно соработување на НКВД. Според авторот, Броз најнапред напишал карактеристики за осум видни југословенски комунисти, вклучувајќи го и водачот на партијата Милан Горкиќ, со чија помош дошол во Москва и излегол од анонимност. Горкиќ, како генерален секретар на КПЈ, го става во најтесното водство на КПЈ и и го препорачува на Москва. Во карактеристиката што Броз ја напишал за Горкиќ напишал дека кај него забележал неправилна кадровска политика и го осомничил за штетник и непријател. Горкиќ во 1937 година бидува повикан во Москва и уапсен. Валтер сам си се прогласил за шеф на КПЈ, иако не бил омилен, а другите го сакале Петко Милетиќ. Валтер му пишува на генералот на НКВД Москвин писмо на 12 страници, каде што ги напаѓа сите, а себеси се претставува така за да и се допадне на НКВД. Но ова писмо доаѓа во рацете на водачот на Коминтерната, Ѓорѓи Димитров, чија реакција е студен туш и понижување за Валтер. На Валтер му изјавува дека тој не е главен водач на КПЈ.

Валтер напишал карактеристика и за поранешниот секретар на КПЈ Антун Маврак, за кого во 1937 година и напишал на НКВД: „И покрај тоа што Маврак во септември 1925 година бесплатно ми го отстапи својот скромен стан, кога со жената и детето бев во Загреб без работа и без стан, немав доверба во него и не сум убеден дека тој нема да и наштети на партијата“. Во 1938 година Маврак е повикан во Москва и осуден на смрт. Карактеристиката на Валтер за секретарот на партијата Ѓуро Цвијиќ во 1936 година е лоша. Тој во 1938 година е уапсен за троцкизам, осуден на смрт и стрелан. Истото го снајдува и членот на ЦК Јован Малишиќ.

Филип Филиповиќ бил прв секретар на КПЈ. По карактеристиката на Броз, Филиповиќ е уапсен, осуден на смрт и истиот ден стрелан. Гргур Вујовиќ бил претставник во Коминтерната од КПЈ. По карактеристиката на Броз, Вујовиќ е осуден на смрт и истиот ден стрелан. Една година подоцна, Броз посмртно го исклучува од партија. Истото се случува и со Камило Хорватин. Судење. Стрелање. Иван Гржетиќ. Карактеристика на Броз. Стрелање. Радомир Вујовиќ се школувал на париска Сорбона. Бил водач на комунистичката младина на Балканот, претставник на КПЈ во Коминтерната и организационен секретар на КПЈ. Јосип Броз на НКВД и сигнализира „негативни карактеристики за неговиот карактер“. Броз го исклучува од КПЈ. Во 1939 година Вујовиќ е стрелан.

Според авторот, заради карактеристиките што ги пишувал Броз, во Москва се ликвидирани тројца основачи на КПЈ во еден ден. На 10.4.1939 година, агентите на НКВД ги убиле: Коста Новаковиќ, Симо Миљуш и Симо Марковиќ. Авторот се повикува на Ѓилас, кога тврди дека Сталин ги критикувал полските комунисти заради попустливост, фалејќи го притоа Броз: „Тито е јунак, сите ги испоубива“. По смртта на Сталин, според авторот, Броз сите чистки му ги припишува на Сталин, прикажувајќи се себеси како невин. Но авторот констатира дека СССР ги рехабилитира речиси сите жртви на Броз, додека тоа во СФРЈ не е направено.

Дека Тито бил соработник на НКВД тврди и белградскиот публицист Перо Симиќ. Нему му успеал подвиг во архивите на Коминтерната во Москва што не му успеал ни на најпознатиот биограф на Тито, Владимир Дедиер. Тој ја нашол и изјавата што Тито го претставува во многу грдо светло. Овој пат, Тито ги денунцира своите две дотогашни жени (Пелагија Белоусова и Ана Коген). Во моментот на пишувањето на изјавата, авторот вели дека Тито не знаел дека неговата втора жена Ана Коген (Германка) била веќе убиена. Во секој случај, пак, знаел дека е уапсена и каква судбина и претстои. Тоа со сигурност можел да го претпостави. И за едната и за другата жена во таа изјава дал многу негативно мислење. За својата прва жена, Пелагија Белоусова, напишал дека е многу неморална жена, дека го мрази нивниот син, дека е таа крива што станал пропаднато дете и хулиган. Наводно таа го пикнала својот син во поправен дом за да се отараси од него и да не се грижи за него. За втората жена Ана Коген, која била помлада од него 22 години, напишал дека ја оценува како политички неразвиена, многу наивна и дека и советувал да не се дружи и да нема никакви контакти со германските емигранти. А таа му го чувала синот од првиот брак.

Зошто Броз станал соработник на тајната советска полиција НКВД и така ги денунцирал своите партиски другари, а што е најгрозно и своите жени? Белградскиот публицист Перо Симиќ тврди дека е тоа заради исклучителната амбициозност и волја за моќ.

„Човек не треба да го смета за важно она што луѓето го мислат, туку она што е вистина за нештата (Августин, според Шопенхауер, ‘Етика‘)“.

Објавено во Нова Македонија на 12 март 2010

  •