Сојузот со САД – причина што Грција не го користи правото на војна

Втора повреда на императивна норма на општото меѓународно право е нормата содржана во членот 21, став 2 од Привремената спогодба.

Со оваа одредба на Македонија и се забранува пристап до Меѓународниот суд на правдата за прашања од членот 5, став 1, односно за името на Македонија.

Оваа одредба го прекршува правото на суд, односно членот 6(1) од Европската конвенција за човекови права, која е императивна норма на општото меѓународно право.

Според членот 93 од Повелбата на Обединетите нации, секоја членка е странка на Статутот на Меѓудржавниот суд и може да се обрати до судот.

И според членот 96 од Повелбата за Обединетите нации, Генералното собрание и Советот за безбедност можат од Меѓудржавниот суд да побараат советодавно мислење за секое правно прашање, што посредно значи дека и Македонија преку овие тела може да побара советодавно мислење за нејзиниот прием под привременото име ПЈРМ, како и мислење за нормите од Привремената спогодба што се во спротивност со императивните норми на општото меѓународно право. Тоа значи дека Македонија е попречена да ги остварува правата загарантирани со императивни норми на општото меѓународно право.

Спорните норми од Привремената спогодба се во спротивност и со Виенската конвенција за договорно право, членот 66, како императивна норма на општото меѓународно право.

Имено, членот 66 од Виенската конвенција за договорно право одредува:

доколку во рок од 12 месеци од денот на ставањето примедби не беше можно да се постигне решение според точката 3 од членот 65, се применува следната постапка:

а) Секоја странка во спорот околу примената или толкувањето на членовите 53 и 64 може со молба спорот да го поднесат на решавање пред Меѓународниот суд на правдата, освен доколку членките не одлучат спогодбено спорот да го изнесат пред арбитража.

б) Секоја странка во спорот околу примената или толкувањето на кој било друг член од одделот 5 на конвенцијата, можат да ја применат постапката спомната во прилогот на конвенцијата, упатувајќи во таа смисла барање до генералниот секретар на Обединетите нации.

„Никој, на пример, не може да се откаже од способноста за расудување: со какви награди, или закани е можно да го натерате човек да верува дека целото не е поголемо од еден негов поединечен дел, дека не постои Бог, дека телото, кое се гледа дека е конечно, дека е нешто бесконечно, или воопштено, да верува што било што е во спротивност со она што чувствува, мисли, верува? (Спиноза, ‘Политичка расправа’).“

Уште повеќе ова важи (Спиноза) за оние дејства, пред кои човековата природа толку силно се згрозува, што тие дејства и се чинат полоши од секое друго зло, како на пример, човек да сведочи против самиот себе, да се мачи, да ги убие своите родители, да не се обиде да ја избегне смртта. Вакви нешта не е подготвен да направи никој, ниту за награда, ниту под притисок.

„Доколку и покрај тоа, сакаме да кажеме дека државата има право, односно моќ, да нареди такви работи, тоа можеме да си го претставиме само во таа смисла, како кога некој би рекол дека човек има право да биде луд, или душевно болен: бидејќи, што друго би можело да биде право, кое не може да обврзува никого, доколку не е душевна болест (Спиноза, ‘Политичка расправа’)?“

Значи, тие што тврдат дека Македонија има право да го смени името, тврдат дека Македонија има право да биде луда.

Тие, пак, што тврдат дека доколку Македонија не го смени името, ќе се распадне, треба да го имаат во предвид фактот дека над 60 насто од Македонците не сакаат членство во НАТО и ЕУ како луди. А бидејќи правото на државата е одредено со заедничката моќ на мнозинството, сигурно е дека нејзината моќ и нејзините права се помали, во зависност од тоа колку на поголем број државјани самата им дава причини да се здружат против неа.

Значи, најголема опасност за Македонија е да го смени името. Оттука, секоја власт, што ќе го смени името дејствува директно против државата Македонија.

Кој не ја гледа ова опасност, навистина е ограничен или има други мотиви. Ниту албанското малцинство, ниту незачленувањето во НАТО и во ЕУ не се толкава опасност за државата Македонија, како промената на името Македонија.

Основниот мотив на Грција да ја склучи Привремената спогодба со Македонија беше наводната безбедносна закана на Македонија за Грција. Македонија ги прифати тие причини како релевантни и направи интервенции во Уставот за македонското малцинство во Грција, го смени знамето, се согласи со ново привремено име, а за возврат побара Грција да не ја попречува во зачленувањето во меѓународни организации. Веќе овие отстапки, како што беше кажано, се правно ништовни, а и политички неправилни.

Државата е независна толку колку што може да ги осигури своите интереси и да се заштити пред притисокот на друга држава и толку подредена на правата на другата држава, колку што се плаши од нејзината моќ, доколку другата држава ја попречува, да го направи тоа што сака, а исто така и колку има потреба од помош на другата држава за сопствено зачувување.

Бидејќи секому му е познато како стои Македонија во однос на Грција кога се во прашање наведените релации, порационално е да се премине на кршењето на Привремената спогодба од страна на Грција со попречување на Македонија да стане членка на НАТО, што е јасен акт на непријателска држава.
Оттука, неосновани се обвинувањата кон Македонија.

Имено, за мир е потребна согласност на волјата на двете држави, а Грција со недозволувањето Македонија да се зачлени во НАТО, кој гарантира пријателски односи помеѓу Грција и Македонија, јасно манифестира непријателство и го истакна правото на војна. За разлика од правото на мир, кое не зависи ниту само од Грција, ниту само од Македонија, правото на војна зависи само од Грција. Самиот факт што Македонија е оставена надвор од НАТО (воен сојуз), Македонија ја прави непријател и воена цел. Некогаш ни според делата не треба да судиме за нечии намери, ама според зборовите никако. Грција ги погази зборовите (Привремената спогодба), а според дејствата, на овој или оној начин сака да ја уништи Македонија. Само договорот за сојузништво со САД е причина што Грција не го користи правото на војна. Се работи за силен сојузник, кој остава простор Македонија да ги искористи правните средства за да се одбрани од Грција и да стане членка на НАТО и на ЕУ.

Објавено како фељтон за “Стратегија за зачувување на името” во Нова Македонија на 5 мај 2010
Сите делови:
1. Дали случајот помеѓу Македонија и Грција правно е меѓународен спор?!
2. Зошто Европа ја поддржува грчката неправда кон Македонија?
3. Има правни лекови за нашата болест
4. Привремената спогодба е неправда за Македонија
5. Сојузот со САД – причина што Грција не го користи правото на војна
6. Пресудата на Меѓународниот суд на правда ќе биде како светилник

  •