Како да ја преживееме тиранијата на УДБОМАФИЈАТА

Кога д-р Груевски ја освои власта, направи нешто што ниедна поранешна југословенска република не го има направено. Лустрација. Тоа беше во склад со две резолуции на Советот на Европа и една на ЕУ.

Не го послуша мојот совет[1] да донесе закон со кој што комунистичката партија ќе ја прогласи за злосторничка. После тоа ќе згниеше и СДСМ, правниот сукцесор на комунистичката партија, а денес Македонија ќе беше нормална држава.

Во своите редови имаше комунисти што во време на комунистичкиот режим имаа важни функции: Михајло Манески, Ѓорѓи Наумов и многу други.

Во 2009 веќе ми стана јасно, дека ВМРО на Груевски е Депанданс на УДБА.

Во 2017 година веќе отворено ставив на знаење, дека за да се сочува името, треба да пропадне ВМРО на д-р Мицковски, кој продолжи да го работи она што го работеше д-р Груевски.

Денес е веќе за сите видливо дека нема разлика помеѓу ВМРО и СДСМ и ова измама ќе биде поразена.

Затоа, во периодот што следи СДСМ отворено ќе се пресмета со се´ што е македонско. Тоа ќе го прави со помош на своите транзициски богаташи и судот, за кој што пред десет години пишував дека е борбен орган на комунизмот.

На Западот, ова искоренување на македонштината, ќе му биде продадено како, борба со корупцијата и криминалот и средување на судството.

Во Словенија вакво страшилиште беше во деведесетите години.

Транзициските богаташи си имаа свои политичари, свои судии и свои новинари рекетари.

Иван Зидар, директор на најмоќното градежно претпријатие “СЦТ”. Душан Чрнигој, директор на “Приморје”, второ најмоќно градежно претпријатие. Бине Кордеж, директор на “Меркур”, трговско претпријатие за градежна опрема и материјали. Бошко Шрот директор на пиварата “Лашко”. Ја купи пиварата “Унион” во Љубљана и најголемата трговска фирма “Меркатор”. Можеше да ја ниша владата кога ќе посака. Хилда Товшак, директор на градежно претпријатие “Веград”. Игор Бавчар, директор на нафтена компанија “ИМВ” и поранешен министер за полиција.

Сиве овие имаа невидена моќ. Имаа свои политичари, свои судии, свои новинари рекетари.

Но, се случија три важни работи. Премиерот Јанша најави дека ќе чисти. Се случи кризата 2008 година и тајкуниве станаа неликвидни. И трето, се случи обвинителот Јоже Козина, кој одлично го познаваше стопанскиот криминал.

Тајкуните беа јавно посрамотени и носени со марици во лисици. Останаа без пари, беа осудени и завршија во затвор. Фирмите пропаднаа. “Меркур” живурка, “Лашко” беше продадено, “Меркатор” исто така. Бошко Шрот акциите од “Лашко” ги пренел на жена му. Словенечката држава со паулијанска тужба го побива ова дејствие и акциите си ги бара од жена му.

Во Македонија имаме само еден од трите услови што постоеа во Словенија 2008 година за тајкуните да бидат осудени. Криза. Претстои економска криза заради короната. Недостасува премиер десничар како Јанша и обвинител како Јоже Козина.

Доколку ви се чини дека судииве и обвинителиве се страшни, во Словенија беа уште пострашни.

Удбашкото судство во спрега со удбашкото обвинителство, пред изборите подготвуваше монтиран процес против веројатниот победник, шефот на десницата Јанша.

Обвинителката Бранка Зобец Храстар, жена на удбашот што го уапси Јанша во осумдесетите, поднесе обвинение дека Јанша на неутврдено место, во неутврдено време, од неутврдено лице примил понуда за поткуп.

 

Јанша на обвинителката и поднесе кривична пријава за лажно пријавување.

Под притисок на јавноста и аргументите, таа даде отказ и замина во адвокати.

Медиумите создадоа атмосвера дека Јанша е виновен. Првостепената судијка го осуди на преку двеста страници. Второстепениот суд ја потврди пресудата. Врховниот суд ја потврди пресудата, на чело со претседателот на врховниот, Бранко Маслеша.[2]

Се појавија двајца сведоци кои тврдеа дека го чуле претседателот на врховниот Бранко Маслеша како вели дека Јанша треба да се уништи.[3]

Непосредно пред изборите, Јанша отиде во затвор. Изборите ги загуби.

Неговиот адвокат Франци Матоз, поранешен полицаец, вложи уставна жалба до Уставниот суд, заради кршење на човековите права.

Уставниот суд на Република Словенија, под претседателство на проф.д-р Ернест Петрич, со едногласна одлука на сите осум судии (еден беше отсутен) ги укина одлуките на Врховниот суд на Република Словенија, Вишиот суд во Љубљана и Месниот суд во Љубљана. Јанша излезе од затвор.

Јанша и неговата странка, преку својот адвокат поднесоа тужба за надомест на штета против претседателот на Врховниот суд  на Република Словенија Бранко Маслеша и другите двајца членови на советот на Врховниот суд на Република Словенија што го осудија и пратија во затвор. Исто и против обвинителката што го вложи обвинението, иако побегна во адвокати.

Јанша и неговата странка не глумат лудило како нашиве овде, туку ја тужија и Словенија. Јанша и неговата странка тврдат дека претседателот на врховниот и другите двајца врховни судии, како и обвинителката му нанеле нему и на неговата странка ненадоместлива штета со незаконкито постапување, заради што тој беше во затвор, а неговата странка ги загуби изборите.

Доколку ова се случува во Словенија, спакувано од комунистите и УДБОМАФИЈАТА во Словенија, очекувајте и полоши работи од нашите комунисти и нашата УДБОМАФИЈА, под превезот на борба со корупцијата и криминалот.

Тие што ќе бидат жртви нека се бранат до крај.

Како што во Словенија жртвите станаа прогонители, така и во Македонија жртвите ќе ги прогонуваат судиите и обвинителите на УДБОМАФИЈАТА.

Сега, Јанша е премиер, а Бранко Маслеша не е претседател на Врховниот суд на Република Словенија.



[1] Колумна во “Нова Македонија”.

[2] Право завршил во Босна. Работел во судот во Копар. Неговиот колега, и од Копар и на Врховниот суд во Љубљана, Јан Зобец, излезе во јавност со изјава дека за време на осамостојувањето на Словенија, на колегите Словенци им велел дека Словенија ќе биде “тепихувана” доколку се обиде да се осамостали. Во друга прилика, Маслеша кога се вратил од увид на граница, со воодушевување говорел дека југословенскиот граничар го погодил право в чело човекот што сакал да пребега во Италија.

[3] Претседателот на Врховниот суд на Словенија Бранко Маслеша, го употребил зборот “сфукати”, а јас не наоѓам македонски збор. Србите би рекле “сјебати”.

  •