Република Северна Македонија како црвена крпа кон која јуриша Македонскиот народ

Кога треба да се одлучи помеѓу народот, или државата, секогаш треба да се одлучиме за народот. Државата е институција во која што живее и се развива народот. Доколку државата престане да ги исполнува овие услови таа треба да се сруши.[1]

Особено Република Северна Македонија, која што претставува негација на Македонскиот народ.[2]

Македонскиот народ интуитивно е свесен дека е укинат, како секој човек што е свесен за сите филозофски вистини: а тие да се внесат во неговото апстрактно знаење, во рефлексијата, тоа е работа на филозоф, кој ниту треба, ниту може, нешто повеќе да направи.[3] 

 

Има Македонци кои се истакнуваат со тоа интуитивно сознание, но, само мојот докторат, фељтони и колумни за името, претставуваат приведување во свеста на Македонците на тие вистини. Преку моето дело, тие се внесуваат во апстрактното знаење. Во размислувањето на Македонците.

Без оваа моја филозофска способност, Македонскиот народ личи на бик во арена, на кој што предавниците и Западот му ја покажуваат Република Северна Македонија, на која што Македонскиот народ јуриша како бик на црвена марама.

Да, но предавниците и Западот покрај црвената марама имаат и меч и нож, како секој тореадор. Бикот е веќе смртно ранет, а тореадорот дополнително го мрцвари на задоволство на западната публика.

Зошто оваа метафора?

Затоа што само со бојкотирање на претседателските избори, на смртно ранетиот Македонски народ  ќе му се зададе само уште еден убод од тореадорот. Дополнително мрцварење. Потоа тореадорот ќе му спроведе локални избори во две три општини на Република Северна Македонија. Бикот пак ќе нападне со бојкотирање, меѓутоа сега веќе пред смрт, поради бројните убоди на тореадорот. Потоа тореадорот ќе му спроведе парламентарни избори во Република Северна Македонија. Бикот повторно ќе бојкотира, сега со последните сили и тореадорот ќе го убие. Постојаното бојкотирање на Република Северна Македонија е постојано залетување на бикот кон црвената марама.

Ерго, шансите Македонскиот народ да победи само со бојкотирање, се колку и шансите на бикот да го победи тореадорот кој има црвена марама, меч, нож и ум.

Што треба да се направи за да се спаси Македонскиот народ?

Прво, треба да се бојкотираат претседателските избори за тие да бидат неуспешни.

За оваа работа да биде успешна, треба да се координираат неколку личности кои имаат силна македонска волја за спас на Македонскиот народ. На ум ги имам д-р Горазд Росоклија, Љупчо Палевски, Миленко Неделкоски[4]со класната[5], д-р Солза Грчева, Александар Пандов, Јордан Петровски, Виолета Македонска Тировска.

Второ, горенаведените веднаш по неуспешните претседателски избори да формираат политичка партија под името Партија на Македонскиот народ.

Зошто?

За да се отстранат двете заблуди на Македонскиот народ; ВМРО ДПМНЕ и СДСМ. Бидејќи душата не може да има корист од вистината, се додека не се отстранат двете заблуди (Платон). 

Трето, да се употреби моето правно средство што го предложив во колумна пред десетина години. Знаев дека ќе има предавство од ВМРО ДПМНЕ и СДСМ па предвидов правно средство што поединци Македонци можат да го поднесат против Македонија.

Правното средство се поднесува до Одборот за човекови права на ОН, заради заштита на правото на самоопределување предвидено во член 1 од Пактот за граѓански и други политички права. Одборот е орган на ОН за спроведување на Пактот за граѓански и други политички права, формиран со Протоколот. Во него членуваат 18 врвни правници од целиот свет, кои го претставуваат своето знаење, а не земјите од кои доаѓаат. Одлуката нема задолжително дејство, но државите ги почитуваат одлуките на Одборот за човекови права.

Материјал за правното средство има во моите фељтони од 2017 и 2018 година. Бидејќи “Нова Македонија” избриша сешто имам напишано, наскоро ќе излезе книга што сам ја финансирав.

За да се состави ова правно средство против Република Северна Македонија за кршење на правото на самоопределување, потребна е стручна екипа од десет Македонци, со највисоко научно звање, не помлади од педесет години. Шест правници од кои што тројца ќе знаат одлично да пишуваат англиски, двајца филозофи и двајца историчари.

Правното средство против Република Северна Македонија треба да се подготви веднаш по пропаднатите претседателски избори. За трошоците и награда на оваа група научници би биле потребни шеесет до сто илјади евра. Средствата да се соберат со донации од едно, до најмногу сто евра. Оваа работа треба да ја заврши дијаспората, бидејќи Република Северна Македонија ќе врши притисоци врз Македонскиот народ. Дијаспората да го преведе мојот докторат од словенечки на одличен англиски и да го шири на Запад. Како аргумент дека меѓународното право е на наша страна. Преводот мора да го направи правник со одлично познавање на англискиот, а мајчин да му е словенечкиот.

Четврто, Партијата на Македонскиот народ да стапи во контакт со пријателска земја, која што ќе ја тужи Грција пред Меѓународниот суд на правдата, заради кршење на правото на самоопределување со Времената и Преспанскиот.

Имено, во докторатот докажувам дека правото на самоопределување е норма ius cogensи има дејство erga omnes. Во докторатот докажувам дека за правото на самоопределување постои actio popularis, што значи било која членка на ОН може да ја тужи Грција за ништовност на Времената и Преспанскиот.

Петто, Партијата на Македонскиот народ да учествува на идните парламентарните избори што ќе ги организира Република Северна Македонија, со основна цел освојување на власта во Република Северна Македонија. Со поднесувањето на правното средство до Одборот за човекови права против Република Северна Македонија, Партијата на Македонскиот народ ја спречила легализацијата на Република Северна Македонија. Со победа на парламентарните избори ќе бидат отстранети двете заблуди, ВМРО ДПМНЕ и СДСМ.

Шесто, Партијата на Македонскиот народ по освојувањето на власта, веднаш ќе го промени Уставот и ќе го врати името Република Македонија. Истовремено ќе поднесе тужба против Грција за ништовност на Времената и Преспанската (плод на затруено дрво), со употреба на моето правно средство од докторатот, кое условно е наречено ius cogens. Доколку претходно некоја пријателска земја вложила actio popularis против Грција врз основа на моето правно средство, Република Македонија[6]ќе се придружи кон тужбата.

Лојалните малцинства во Република Македонија, со новиот устав на Република Македонија ќе ги добијат сите права од член 27 од Пактот за граѓански и други политички права.

Седмо, Република Македонија ќе ја почитува одлуката на Меѓународниот суд на правдата. Доколку тужбата (или претходно actio popularis), биде успешна, си остануваме Република Македонија. Бидејќи правото на самоопределување има дејство erga omnes (пресудата на Меѓународниот суд на правдата Источен Тимор од 1995) меѓународниот проблем со името е решен. И Грција ќе мора да не нарекува Република Македонија.

Седмо, доколку некоја членка од Советот за безбедност со право на вето се повикува на резолуциите, или стави вето, Република Македонија ќе го употреби моето правно средство од докторатот и ќе го тужи Советот за безбедност пред Меѓународниот суд на правдата, барајќи ништовност на резолуциите за Македонија и евентуалното вето, врз основа на правото на самоопределување, кое што е норма ius cogens. И ова правно средство е дел од докторатот и е потврдено од врвот на словенечката наука.

 

Сево ова што го предлагам е одобрено од ЕУ, односно во докторатот одбранет во Љубљана, пред врвот на словенечката наука.

Од лани, 27. септември, правото на самоопредлување и моето правно средство го побара во ООН и Претседателот д-р Ѓорге Иванов, откако официјално ме повика и го советував писмено и усно. Воопшто повеќе не ја споменува пресудата[7]  и д-р Дескоски, ниту пак д-р Јанев. Претседателот д-р Иванов ова не го има кажано јавно, но мене ми состави писмена исправа од која се гледа дека ова што го зборувам е вистина. Тоа е релативно чесно, но почесно е јавно да каже дека јас го советував за правото на самоопределување и правното средство за правото на самоопределување.

И д-р Груески од пред еден месец зборува за правото на самоопредлување како нова парадигма, но интелектуално нечесно, мене не ме спомнува.

И д-р Гордана Силјаноска, кандидатот на ВМРО ДПМНЕ, зборува за правото на самоопределување и мојот [8]ius cogens, а интелектуално нечесно, не го споменува моето име. До пред три месеци го заговараше решението на д-р Игор Јанев и беше на врвот од тие 200 што се потпишаа за примена на решението на д-р Игор Јанев, а сега наеднаш се просветли и тврди дека правото на самоопредлување е решение за проблемот.

Ерго.

Сее тука и како што треба.

Ајде цивилизирано да докажеме дека сме вредни да го носиме името.

Дека сме потомци на Александар Македонски. Најголемиот човек на сите времиња, ученик на најголемиот ум, Гркот Аристотел.

 


[1]Во друга колумна наведов дека ова е заклучок на д-р Ернест Петрич, еден од најугледните маѓународни правници на светот.

[2]Низ целата книга има докази дека се крши правото на самоопределување.

[3]Artur Šopenhauer, Svet kao volja i predstava (I2)ITO GRAFOS, Beograd, 1984, str .155.

[4]Земјата плоча, сам нека си ја носи на плеќи.

[5]Комунистите се најзаслужни за правото на самоопределување.

[6]Спомнав дека веднаш штом ќе ја освои власта, Партијата на Македонскиот народ ќе го смени уставот и ќе го врати името Република Македонија.

[7]Во мојата колумна “Судски убиства”, ќе видите дека таа пресуда е судско убиство на Република Македонија, а не победа.

[8]Велам мојот, зашто само јас научно имам докажано дека правото на самоопредлување е норма ius cogens. Членовите на Комисијата за меѓународно право, кои од пред две години се занимаваат со ова прашање, се поделени околу тоа дали правото на самоопределување е норма ius cogens.

  •