Бајден

Стапот на Бајден ги растера не талентираните кои тврдеа дека ќе го раскинат Преспанскиот договор. Она што мене не ми успеа со повеќе колумни во кои докажав дека Времената согласност не може да биде раскината[1], на Бајден му успеа со стапот. Сега сите што тврдеа дека ќе го раскинат Преспанскиот договор се сокрија и полесно може да се види дека единствено моето решение со ius cogens ја отстранува Времената согласност и Преспанскиот договор, со утврдување на ништовност, а не раскинување, како што трубеа вувузелите на Депандансот на УДБА.

 

„Магарето го почитува само стапот (Лакска).„[2]

За проблемот со името, како најважен проблем на Македонија, треба да говориме елегантно, а да работиме чесно. Првото ја покажува совршеноста на умот, а второто совршеноста на срцето. Двете произлегуваат од благородноста на душата. Зборовите се сенки на делата. Зборовите се од женска природа, а делата од машка природа. Подобро е да се биде оној што го фалат, отколку оној што фали. Да се каже е лесно, да се работи е тешко. Делата се срж на животот, а говорот негов украс. Што е одлично, тоа во делата е стално, а во говорот минливо. Делата се плод на мисли. Доколку мислите биле здрави, делата се неминовно успешни.[3]

Треба да се биде секогаш ист. Не треба да се афектира, за да твоето однесување не и противречи на твојата природа. Човек со здрав разум е секогаш еден ист во сите свои положби и со тоа стекнува глас на разборит човек. Во работите кои се однесуваат на мудроста, промените се грди. Има луѓе кои секој ден се поинакви. Дури и разумот не им е секој ден ист. Тоа што вчера им било бело, денес им е црно. Така тие непрекинато работаат против својот углед, а воедно им ги реметат поимите на другите.[4]

Мојот докторат и мојата книга се мои дела за проблемот со името, кои што до денес никој не ги побил. Против нив, дури и кога би сакал, Бајден не може ништо. Јас дванаесет години говорам и пишувам едно исто: Времената согласност го прекршува правото на самоопределување, кое што е ius cogens, поради што Времената согласност е ништовна. Нудам и правно средство од Виенската конвенција за договорно право против овие договори, што досега никој на светот не го употребил.[5] Правното средство е наменето за пред Меѓународниот суд на правдата.

Таму каде што престанува желбата, настанува стравот.[6]

Стапот на Бајден ја уништи желбата на „раскинувачите„ од Депандансот на УДБА и тие се преплашени.

Но не е така со мојот разумен читател.

Јас го опремив со вистинско знаење, со докази за ништовност на Времената согласност и Преспанскиот договор, а против мојот ius cogens мора Бајден со аргумент.

За да ја зголемам желбата на мојот разумен читател за утврдување на ништовност на Времената согласност и Преспанскиот договор, прв пат ќе посочам едно општо правно правило што го признаваат цивилизираните народи; „Nemo plus iuris ad alium transferre potest, quam ipse habet”[7].

Ставот на Бајден дека стапот ќе го употреби кон сите што работаат против преспанскиот договор е во спротивност со меѓународното право.

Заклучокот на Бајден не е изведен во склад со правилата за силогистичко докажување и тоа ќе го докажеме со објекција[8] , односно со побивање на заклучокот на Бајден дека треба да се казнуваат сите што работаат против Преспанскиот договор.

„Објекцијата е премиса контрерно спротивна на една премиса. Објекцијата се разликува од премисата  [на која што и е спротивна] со тоа што објекцијата може да биде партикуларна, а премисата или воопшто не може да биде таква, или барем не е таква во универзалниот силогизам.„[9]

Нашата објекција против премисата на Бајден, дека треба да се казнуваат сите што работаат против Препанскиот договор, ќе ја побиеме со партикуларна објекција.

Имено, ние тврдиме дека заклучокот на Бајден е невистинит, кога некој како јас со совршен силогизам и три просилогизми силогистички докажува дека Времената согласност го крши правото на самоопределување од член 1, став 2 на Повелбата, која што е норма ius cogens.[10] Валидноста на Преспанскиот договор е од акцесорна природа од валидноста на Времената согласност и резолуциите на ОН за Македонија. Или; валидноста на Времената согласност и резолуциите за Македонија се претходно прашање, од кое што зависи валидноста на Преспанскиот договор. Ако е ништовна Времената согласност, ништовен е и Преспанскиот договор.

На пример, во Преспанскиот договор има одредба која што вели дека престанува да важи Времената согласност. Бидејќи јас во мојот докторат докажав дека Времената согласност е ништовна и одредбата од Преспанскиот договор е ништовна. Ако е една одредба од Преспанскиот договор ништовна, ништовен е целиот Преспански.

 

За да бидеме поубедливи, ќе го конвертираме[11] заклучокот на Бајден: „Тие што работаат против Преспанскиот договор силогистички докажувајќи дека Преспанскиот договор е ништовен заради кршење на правото на самоопредлување од член 1, став 2 од Повелбата, која што е норма ius cogens, не смеат да се казнуваат.

 

За да го задржам вниманието на мојот читател, љубезно го молам на вака конвертираниот заклучок на Бајден, сам да му ги додаде соодветните премиси од мојот полисилогизам за ништовност на Времената согласност и сам да ужива во побивањето на Бајден со објекција.

Од успешното побивање на заклучокот на Бајден, произлегува дека и една од премисите на Бајден е соборена, бидејќи доколку се вистинити двете премиси, тогаш заклучокот на нужен начин треба да биде изведен.[12]

А јас, со објекција, го побив заклучокот на Бајден, кога тој се однесува на мене.

Како што забележа мојот разумен читател, успешното побивање на Бајден зависи од поставување добар приговор. Јас со мојот приговор од една ствар направив две ствари.[13]

Имено, со поставениот приговор, јас ја поделив стварта на две ствари и со тоа ја побив, така што еден дел од пропозицијата на Бајден го одобрив, а другиот дел не го одобрив. Кога се во прашање оние кои што велат дека ќе го раскинат Преспанскиот договор, заклучокот на Бајден е правилен, а кога е во прашање моето силогистичко докажување дека Времената согласност и Препанскиот договор се ништовни заради кршење на правото на самоопредлување од член 1, став 2 на Повелбата, како норма ius cogens, заклучокот на Бајден е погрешен.

И за крај, аргументи зошто Бајден има право да ги тепа „раскинувачите„ на Депандансот на УДБА.

Уште пред десет години, сум ги поучил „раскинувачите„ дека Времената согласност не може да се раскине (mutatis mutandis и Преспанскиот договор) и за тоа составив правен силогизам, каде што голема премиса е општото правно начело што го признаваат цивилизираните народи “Quod nullum est, rescindi non potest”.[14]

Значи, како што од криво дрво не може да се направи прав стап, така не може да се раскине ништовен договор.

Вториот аргумент во прилог на Бајден јас го посочив уште пред десет години, тврдејќи дека резолуциите за Македонија се обврзувачки, бидејќи се донесени врз основа на VII глава од Повелбата и проблемот со името го третират како безбедносен проблем (член 39 од Повелбата). Објаснив дека таквите резолуции се сметаат за дел од Повелбата на ОН и дека имаат предност над било кој меѓународен договор. Посочив и пример, кога Либија тужи пред Меѓународниот суд на правдата, повикувајќи се на Монтреалската конвенција. Меѓународниот суд на правдата ја одби Либија повикувајќи се на член 103 од Повелбата. Судот појасни дека резолуциите на Советот за безбедност содржат „обврски според Повелбата„ , кои што имаат предност над меѓународните договори.[15]

 


[1] Преспанскиот договор е чедо на Времената согласност и без неа не може да постои.

[2] Превел М.П. : RADIČ, Tomislav, Vox populi : zlatna knjiga poslovica svijeta/2. prošireno izd.-Zagreb : Nakladni zavod Globus, 1995, stranica 16.

[3] ГРАЦИЈАН И МОРАЛЕС, Балтасар, Vrelo mudrosti ili pravila život-Beograd : Ušće,1997, stranica 149.

[4] Ибидем, страница 43-44.

[5] Во мојот докторат и книга, се наведени двајца референтни автори за ова мое тврдење.

[6] ГРАЦИЈАН И МОРАЛЕС, Балтасар, Vrelo mudrosti ili pravila život-Beograd : Ušće,1997, stranica 109.

[7] KRANJC, Janez, Latinski pravni reki-2.izd.- Ljubljana : Cankarjeva založba, 2000, stran 86.

[8] ARISTOTEL, Retorika, Naprijed, Zagreb, 1989, stranica 161.

[9] Превел М. П. :ARISTOTEL, Organon, Kultura, 1970, Beograd, stranica 223.

[10] Види го мојот докторат достапен на интернет: “Problem imena države “Republika Makedonija” v mednarodnem pravu”.

[11] ARISTOTEL, Organon, Kultura, 1970, Beograd, stranica 568.

[12] Ибидем.

[13] Ибидем, страница 570.

[14] ПОПЕСКИ, Марјан, Решение на проблемот со името во меѓународното право-Скопје : Матица македонска, 2019, страница 188-190.

[15] TURK, Danilo, Temelji mednarodnega prava-Ljubljana : GV Založba, 2007, stran 434-435.

  •