Наредбодавците први за лустрација

„Значи, кој мисли дека во светот ѓаволите никогаш не одат без рогови, а будалите без ѕвонци, секогаш ќе биде нивен плен, или нивна играчка“ (Шопенхауер, „Парерга и паралипомена“)

Се чини дека Хитлер најмногу го проучувал и практикувал марксизмот, па Германците верувале дека тој е марксист. Така тој говори за себе: „Мудрите водачи на дојч-националистите си потшепнуваа дека ние можеби сме прикриени марксисти… А кога дознаа дека во својата средина се ословуваме со ‘партиски другари’, нашиот ‘марксизам’ беше веќе надвор од секое сомнение“ (Хитлер, „Мојата борба“, Скопје, 2005, страница 393-394).

Судењето во Нирнберг и изречените казни говорат во прилог на тоа дека најголема вина носат наредбодавците. И со комунистичките злосторства е исто. Полицискиот службеник Јамник долго време ги истражувал масовните убиства во Словенија. Во 2001 година, иако обвинител е Зденка Церар (припадник на левицата), Јамник поднесува кривична пријава против Митја Рибичич за геноцид (најчитан политички неделник во Словенија „Младина“, број 22, Љубљана, 2005). Јамник во словенечките архиви нашол докази дека во 1945 година, Рибичич како мајор на ОЗНА дал согласност да се запишат 6.000 луѓе, од коишто за 234 непобитно е утврдено дека се усмртени. Обвинителката ја прифаќа кривичната пријава и во 2005 година поднесува барање за спроведување истрага. Словенечките судови не дозволуваат ни истрага. Синот на Рибичич, проф. д-р Цирил Рибичич, во тоа време е судија на Уставниот суд на Словенија (избран во 2001 година).

Значи, Словенците не ги бараат извршителите, туку поднесуваат кривична пријава за геноцид против наводниот наредбодавец. Рибичич во СФРЈ беше претседател на сојузната влада, а уште пред завршувањето на војната, во Москва завршува специјална школа на НКВД (школата е именувана по Жержински).

Стојан Андов (а голема вина има десната влада што прифатила вакво решение), ги истопорил во членот 2 од Законот за соработниците, додека наредбодавците ги „скрил“ во членот 3, став 2:

„Исполнет дополнителен услов, во согласност со овој закон, претставува верифицирана од комисијата писмена изјава, на лице опфатено со овој закон, дека немал својство на наредбодавец или корисник на информации од таен соработник или таен информатор, за периодот утврден во членот 2, став (1) од овој закон.“

За просечен правник оваа одредба е нејасна. За да ја разјасниме мора да го примениме правното начело заклучување според спротивното толкување и компаративното право. Со примена на споменатото правно начело, комисијата треба да провери дали лицата што подлежат на лустрација биле наредбодавци или корисници. Општопознат факт е дека голем дел од поранешните комунисти кај Црвенковски и неговата дружина биле наредбодавци и корисници, а такви има и на другата страна. Еден од дружината на Црвенковски дури и на телевизија призна дека тој како секретар на комунистите морал да добива информации, а комисијата веќе утврди дека тој не треба да биде лустриран. Овој факт е тешко бреме за комисијата.

Компаративното право, на пример чешкиот закон за лустрација (послужи како прецедентен закон), во членовите 2 и 3 го наведува членството во одредени организации како причина за лустрација:

1. доколку лицето имало висока функција (секретар, член на претседателство или на централниот комитет) на комунистичката партија, или на нејзините сателитски организации;

2. доколку имал висока функција на одделението за политичко управување со Државната безбедност;

3. доколку лицето било припадник, соработник, информатор, или агент на Државната безбедност;

4. доколку бил припадник на народната милиција;

5. доколку бил студент на високата школа “Феликс Едмундович Жержински&рдљуо;, или на слични партиски или полициски школи во СССР.

Според Андраж Зидар („ЛУСТРАЦИЈА, издвојување на противниците на демократијата од јавните функции“, Љубљана, 1996, страница 119), членството во овие организации има за последица отпуштање од јавната функција или преместување на пониско работно место, како и неможност за кандидирање на јавна функција за одредено време.

Прекршувањетао на човековите права продолжи до крајот на СФРЈ. Така, во осумдесеттите години: на 22 април 1982 година, од Југославија побегна угледниот хрватски стопанственик Стјепан Ѓурековиќ… Ѓурековиќ во Германија дошол во контакт со хрватската политичка емиграција и ја објавил книгата „Комунизам – голема измама“. Ракописот наводно го донел со себе од Југославија… Според бившите удбашки извори, ликвидацијата на Ѓурековиќ наводно ја презел и организирал тогашниот полициски министер Стане Доланц лично. Тој извор потенцирал (некогашен функционер на хрватската УДБА) дека тогаш Доланц имал моќ над животот и над смртта во Југославија. Покрај тоа, ликвидацијата на некогашниот директор на ИНА-маркетинг, наводно, ја одобрила претседателката на Сојузниот извршен совет Милка Планинц, значи претседателката на сојузната влада (Богдан Сајовиц, „УДБА“, Љубљана, 2006, страница 116-123).

Објавено во Нова Македонија – 9 ноември 2010

  •