Креуз против министерот Маневски

Против лукавството, вниманието е најдобра заштита. За фини сплетки, потребен е и фин нос, вели уште Грацијан. Многумина од својата сопствена работа, прават туѓа, па немајќи клуч да ги решат туѓите проблеми, постојано доаѓаат во ситуација за нив да вадат жешки костени и притоа си ја горат сопствената рака (Грацијан).

Во две реченици, на ова може да се сведе расправата што ја водеше опозицијата по повод интерпелацијата за министерот Михајло Маневски.

Опозицијата напаѓаше дека Маневски, како ортодоксен комунист, се понуди во ВМРО-ДПМНЕ да го среди комунистичкото судство, а во реалноста поставувал луѓе на власта и свои луѓе по судовите и обвинителствата.
Опозицијата му „оддаде признание“ за исклучителната способност да ги пронаоѓа туѓите слабости. Со таа уметност тој ја покренувал волјата на другите (левите и десните). Како долгогодишен судија и републички обвинител, а особено како министер за правда осум години (четири комунистички, четири капиталистички), тој се вооружил како ЦИА.

Така, нападите на опозицијата беа повеќе фалење на дипломатските вештини на Маневски, отколку критика. Зошто инаку познатиот професор и дипломат Живорад Ковачевиќ за дефинирање на дипломатијата би го користел Валтазар Грацијан? Зошто еден од најголемите филозофи Шопенхауер, лично би го преведувал Грацијан?

Опозицијата ни кажа дека нема човек што нема слабост; некои премногу и служат на Венера, некои се на парите роб, а некои неизмерно тежнеат по слава и чест. Ни кажа дека вештината на Маневски е во тоа што тој собрал информации за идолите, па сега на идолопоклониците само им го покажува идолот и тие паѓаат ничкум. Така, наводно, Маневски управува со сите, левите и десните. Бидејќи Маневски знаел што за кого е средство што го поттикнува, тоа е како да имаш клуч за неговата волја. Со тој клуч тој буквално управувал со нивните волји. Бил стрплив, ја воспитувал нивната склоност, а доколку некој помислел дека е слободен, Маневски со еден збор ќе го поттикнел и со помош на она кон што најмногу бил склон, ќе го извршел главниот напад. Така, слободната волја на жртвата била матирана.

Дали опозицијата е свесна дека со фалењето на Маневски ја бетонира позицијата на министерот. Па, кој премиер не би посакал ваков министер, доколку сево ова е точно.

Мене ова фалење на министерот не ме импресионира, па преку еден пример ќе се обидам да насликам како јас гледам на министерот.

Маневски предложи, а парламентот донесе Закон за изменување и дополнување на Законот за парничната постапка, „Службен весник“ на РМ, бр.110 од 2.9.2008 година, кој е еден од најважните во секоја демократска земја. Министерот Маневски, во член 9 од цитираниот Закон одредил:

„По членот 146 по ставот (2) се додава нов став (3), кој гласи:

‘(3) Ако тужителот не ја плати судската такса во рок од 15 дена од денот на поднесувањето на тужбата, се смета дека тужбата е повлечена‘.“

Судовите го применуваат Законот и го кршат човековото право на суд.

Министерот има право кога инсистира државата да го реализира своето право на наплата на судски такси. Меѓутоа, за него човековото право на суд, заштитено со член 6(1) од Европската конвенција за човекови права, е неважно во однос на правото на државата да си ги наплати судските такси.

Спиноза („Политичка расправа“) вака го уредува плаќањето на судските такси: „Покрај тоа, после секоја пресуда, која беше изречена во цивилен предмет, странката која го изгубила случајот плаќа некој одреден износ, сразмерен на целосниот износ во спорот“. За Спиноза, правото на суд е поважно од правото државата да си ги наплати судските такси.

Така е и денес пред Европскиот суд за човекови права.

Поради тоа што некој странски или домашен експерт му напишал закон што го крши човековото право на суд, Маневски не може да се екскулпира. Тој си го нарачал законот, тој си го избрал и го платил експертот. Тој и го предложил на Владата и го бранел пред парламентот. Но добро е на јавноста да и каже кој експерт му го напишал законот.

Со пресуда Креуз против Полска 28249/95 од 29 мај 2001 година, Европскиот суд за човекови права веќе го санкционирал прекршувањето на човековото право на суд за сметка на правото државата да си ги наплати судските такси.

Господинот Креуз бил австриски државјанин. Имал исто така и полско државјанство. Во Полска дошол со намера да се занимава со бизнис. Повел судска постапка. Судот барал 200.000.000 стари полски злоти, на име судски такси. Споменатиот износ бил во висина на една просечна полска плата. Изјавил дека не може да го плати тој износ, дека се издржува од заштедата. Недвосмислено било утврдено дека има стан во Виена, автомобил „пежо 405“ и удел во претпријатие вреден 300.000.000 полски злоти.

Европскиот суд за човекови права, во 52. точка од својата одлука го појаснува правото на суд. Овој суд смета дека е бесмислено Конвенцијата да регулира како да тече постапката за да биде правична, брза и слично, доколку претходно не го обезбеди правото на суд. Правото на државата да ги наплати таксите не може да биде поважно од правото на суд.

Европскиот суд за човекови права утврди прекршување на член 6(1) од Европската конвенција за човекови права, право на суд, иако полските судови драстично го снижиле износот на таксите.

Објавено во Нова Македонија на 9 јули 2010

  •