Копилиња

“Нека се употребуваат човечките средства како да нема божествени, а божествените, како да нема човечки (превел М.П.).”[1]

Сметав дека дека имам човечки средства за најголемиот проблем на Македонија, проблемот со името и затоа ја напишав колумната “1004 луѓе само”.

Меѓутоа, добронамерни луѓе од “Преродба” ми кажаа дека д-р Вера Лалческа (политиколог) пред повеќе од една година вложила правно средство до Советот за човекови права на ОН. Бидејќи и Одборот за човекови права е тело на ОН, поднесување на ново правно средство носи ризик од удвојување, а поради тоа и отфрлање на правното средство што би го поднел. Побарав да ја добијам барем првата страница од правното средство на д-р Лалческа, но не ја добив.

Поканата да се регистрираат лица што ќе склучат договор за налог со мене за поднесување на правно средство до Одборот за човекови права наиде на слаб одзив. До моментот на пишувањето на оваа колумна, 102.

“Не терај ја глупоста до крај. Има луѓе, кои мислат дека потфатот и кога не ќе успее, тој наметнува должност да се работи на него, па бидејќи тргнале по погрешен пат, сметаат дека јачината на нивниот карактер бара од нив да продолжат по погрешниот пат. Сами во себе ја окривуваат својата грешка, а пред други ја извинуваат. Така, се случува, на почетокот на нивната луда работа да ги кудат како непромислени, а подоцна, кога ќе продолжат на истата работа, им издаваат свидетелство дека се луди. Никаква обврска не наметнуваат, ниту непромисленото ветување, ниту погрешната одлука (превел М.П.)”[2]

Значи, нема 1004 одважни луѓе, како што го подобри насловот на колумната госпоѓата Елизабета Матевска.

Јас немам намера да си издавам свидетелство дека сум луд и го прекинувам овој потфат.

Има заинтерсирани политички субјекти во формирање кои што веќе го користат моето правно средство и чесно кажуваат дека е тоа мое дело. Еден политички субјект во формирање доби и ексклузивно право да го употреби моето правно средство доколку формира влада. Ја има и мојата подршка.

Меѓутоа историчарот м-р Илија Каланоски, кого имав чест лично да го познавам, има свое логично објаснување[3]за оваа состојба на духот на Македонскиот народ. Тој смета дека најдобриот дела од Македонскиот народ е ликвидиран за време на Информбирото. За него, тие што дошле по најдобрите и кои што владеат се до денес, се копилиња.[4]

Да му дадеме збор на м-р Каланоски: “Што се однесува на домашен план, информбировската црнина направи хаос во меѓусебните внатрешни односи меѓу човекот и човештвото и го удри од земи почитувањето и достоинството на родот и породот на семејната лоза. Во врвното партиско раководство, како и на локално ниво, се упразнуваа местата. Исчистените комунисти и револуционери кои ја донесоа слободата (потенцирал М.П.) беа прогласени за информбировци, кочничари, бојкотери, сталинисти, непријатели на државата и народот. Тие се направија монструми и џелати за соборците и сопартијците, психопати со поматен ум, самоубијци во депресија, опасни бандити без направено и докажано дело, самоубијци на кои не им се знае гробот, обвинети и ликвидирани без вина на кои никогаш нема да се дознае каде им се коските.

И…!?

На нивните места доаѓаа кодошите и злонамерниците, кариеристите и титоистите (потенцирал М.П.) преданите и некомпромитираните пријатели на народот и државата.

Не карајте ме мили мои, велат, некои од нив “ни криви ни должни” влегоа и во плурализмот и како повеќепартиски кадри градат ново повеќеумно плуралистичко општество. Има решени. И за нив ќе следи обелоденување на скриените гревови. Кога и како? Има Закон за лустрација!?”[5]

Мишо Китаноски[6]портретирајќи го м-р Каланоски и пишувајќи за романот ќе напише: “Во двете книги вниманието на авторот е насочено кон еден компромисен неморал со кој се обезбедува вонбрачно дете во случаи кога продолжувањето на семејната лоза не било можно во законската брачна заедница…Тука вообичаено се употребува зборот “копиле” за сите тие луѓе што работеле надвор од уставните и законските регулативи во социјалистичкото едноумие. Тие “копилиња” ја искористија и ја злоупотребија Резолуцијата на Информбирото и ги овековечаија страшилата на голооточкото безумие и пекол.”[7]

Д-р Груевски ќе биде запаметен како единствен што спроведе лустрација од сите поранешни југословенски републики.

Јас во три колумни (2011 и 2012) му предлагав комунистичкиот режим со закон да го прогласи за злосторнички (по примерот на Чешка). Да ме послушаше, немаше да постои СДСМ. Немаше да биде сменето името.

На новиот политички субјект со македонска волја, што ќе формира влада, како прв чекор му предлагам да го примени моето правно средство за најголемиот проблем, проблемот со името, а како втор чекор, прогласување на комунистичкиот режим за злосторнички (со тоа ќе биде избришана СДСМ, како правен сукцесор на Сојузот на комунистите) и прогласување на ВМРО ДПМНЕ за злосторничко здружение против Македонскиот народ.

За крај метафората на Драган Шутиноски, кој што го подржува моето правно средство и мојата работа, а мене ми го крена духот: “И јас да крикнам пред колење.”

Тој ми тврди дека такви како него има многу и дека тие не допуштаат да се смета дека работата со името е завршена.



[1]ГРАЦИЈАН И МОРАЛЕС, Балтасар, Vrelo mudrosti ili pravila za život-Beograd: Ušće, 1997, stranica 133.

[2]Ибидем, страница 138-139.

[3]КАЛАНОСКИ Калан, Илија, Безгрешни копилиња 2-Струга,: Ирис, 2013, страница 140-141.

[4]Всушност, станува збор за роман објавен во два дела. Првиот, со наслов Копилиња, објавен 2009, а вториот дел со наслов Безгрешни копилиња, објавен 2013. Кога ми ја подари втората книга, ми рече дека некои му префрлувале за книгата. Очигледно беше, дека го застрашувале, но тој не покажа никаков страв. Поживеа уште неколку години.

Иако, како негов адвокат добив пресуда пред Европскиот суд за човекови права, Македонија не му ја надомести материјалната штета за кршење на човековите права.

[5]КАЛАНОСКИ Калан, Илија, Безгрешни копилиња 2-Струга: Ирис, 2013, страница 140-141.

[6]Ибидем, страница 171.

[7]Ибидем.

  •