Што е паметно во спорот со Грција

Учената глава зборува и по смртта (германска поговорка).

Особено Аристотел:
„Најдобар човек е оној што сам знае да просуди;
Вреден е и оној што збор ќе послуша добар.
А кој не мисли ниту сам, ниту во душата прима
Она што другите го говорат, тој е невреден човек“ („Никомахова етика“).

„Адвокатите“ на левицата и на десницата ниту самите знаат да просудат, ниту, пак, го слушаат оној што добро просудил. Тие се невредни луѓе. „Адвокатите“ на левицата и на десницата, сите се комунисти. Вака им се потсмева Едо Равникар („УДБОМАФИЈА“, Љубљана, 1994 г.): „Погледнете нé, до газ длабоко во струка, пребројте ги нашите магистри и доктори“. Тука не влегуваат оние млади луѓе, зашто, според Аристотел, човек е способен за етика, право и политика дури по четириесеттата година. Интелектуалниот зенит, пак, го достигнува во четириесет и деветтата година („Реторика“). Ова десницата ја прави во голема мера некомпетентна. Кој не знае дека секоја диктатура темели на негативна селекција на кадри? Ова е најпотенцирано во комунизмот, како најстрашна диктатура. Доколку десницата не е способна да процени дека тие ништо не знаат, како ќе процени дека решението за спорот со Грција што го нудат тие е добро? За ова второво треба многу повеќе памет. Има двајца луѓе што досега направиле правен силогизам за спорот со Грција. Врз првиот, се чини, успешно е спроведен остракизам, а врз вториот неупешно.

„Доколку како прогонети се боревме за да се вратиме, зарем е можно дека по враќањето во татковината, ќе се вратиме во прогонство за да не се бориме“ (Аристотел, „Реторика“). Особено сега, кога татковината, освен од комунистите, е загрозена и од Грција. Време е за Солон (Плутарх): „…секого го прогласува за нечесен, доколку при внатрешни немири не и се приклучи на оваа, или онаа странка. Законодавецот очигледно сака да не биде никој нечувствителен и незаинтересиран кон заедницата, да не се грижи само за безбедноста на својот имот и да не се фали со рамнодушноста кон кризата и страдањето на татковината. Напротив: секој веднаш да му се придружи на оној што според негово убедување ја застапува подобрата и поправичната работа, со нив нека ризикува опасности и нека им помага, подобро тоа отколку да чека во безбедно затишје која страна ќе победи“ („Животот на големите Грци“). Видете ги Грците, и денес се однесуваат така кога им е во прашање татковината.

Никој нека не биде нечувствителен. Да се ослободиме од комунистите. Тоа ќе го направиме со лустрација по примерот на Германија, зашто само ШТАЗИ беше пострашен од УДБА. А тој што се справил со најстрашниот, ќе се справи и со УДБА, па Македонија треба да побара помош од Германија за лустрацијата. Дури тогаш ќе се создадат услови за второто и најважното. Македонија да се одлучи дали ќе го примени моето правно средство, или она на Игор Јанев. Само во овие два случаја има правен силогизам со судска практика. Она што го прави Владата со тужбата е привиден силогизам, побиен од мојот правен силогизам. Доколку Владата успее со тужбата, тогаш сами сме си го ставиле јажето и ќе мора да правиме компромис. А меѓународното право вели дека за ius cogens, какви што се посочените норми во мојата „Стратегија за зачувување на името“, која ја објави „Нова Македонија“, не смее да се прави компромис.

Господинот Никовски предлага странска памет. Странската памет ќе му понуди решенија, но дали е тој способен да процени кое решение е добро? Аристотел („Никомахова етика“) вели не: „…ниту пак би мислеле дека е лесно да се поставуваат закони, собирајќи ги оние закони што се на најдобар глас, бидејќи сметаат дека можат да се изберат оние што се најдобри, како самиот избор да не бара темелно знаење и како да не е токму правилното расудување најтешката задача, како на пример во музиката.“
Ако Никовски не знае дека јас и Јанев сме направиле правен силогизам во корист на Македонија, како тој ќе знае која странска памет направила правен силогизам во корист на Македонија?

И за крај; доколку привремената согласност е важечка, зошто тогаш Грција петнаесет години не поднесува тужба против Македонија за mala fides? Зошто не ја обвини Македонија пред Меѓународниот суд на правдата дека Македонија веќе петнаесет години ги влече преговорите и нема добра волја да ја исполни? Судот може да ја натера Македонија на компромис.

Заради тоа што правото на самоопределување е иус цогенс, а Меѓународниот суд на правдата во случајот „Источен Тимор“ 1995 година веќе одлучи дека правото на самоопределување важи erga omnes.
Значи, Грција знае дека ќе загуби. Затоа траат толку преговорите.

Дај му на будалата доволно јаже, па самиот ќе се обеси (англиска поговорка).

„‘Зошто сакаш да се оддалечиш од нас и од нашето мислење?’ –

Јас не пишувам за да ви се допаднам, вие треба нешто да научите“ (Гете, Питоми ксении, I, 2, според Шопенхауер, „Светот како волја и претстава“).

Објавено во Нова Македонија на 5 јануари 2011

  •