Грчка лажга
„Има маскирани лажги што претставуваат толку убава вистина што човек би испаднал глупав кога не би се фатил на нив“ (Франсоа Ларошфуко, „Максими“).
Таква е грчката лажга со кршење на Привремената согласност, со блокирање на нашата интеграција во НАТО и во ЕУ. Како што грешат жените што сакаат да имаат деца, кога повеќе се интересираат за деца, отколку за мажи, така и Македонија греши кога повеќе се интересира за НАТО и за ЕУ, отколку за меѓународното иус цогенс.Едо Равникар („УДБОМАФИЈА“, Љубљана, 1994), вели дека откако напишал за „Генекс“ во контекст на УДБОМАФИЈАТА, застанал и чекал да почнат да пливаат лешеви. Но дури после му станало јасно дека народот не знае што е „Генекс“ (удбашка фирма). Така и мене ми стана јасно дека народот не знае што е иус цогенс. Аристотел вели дека човекот размислува во слики („Спис за душата“). Па еве една слика за иус цогенс. Грк и Македонец се договараат, Гркот да му даде милион долари на Македонецот. Овој има 15 години да ужива во трошењето и потоа треба да се обеси. Македонецот се изнауживал 15 години, ги потрошил сите пари, дури направил и солидна мала фирма што му носела пристојни приходи. Бидејќи не се обесил, Гркот го потсетил на договорената обврска. Овој не сакал да се обеси. Гркот не може да го тужи и да бара судот да му наложи да се обеси. Доколку ја направи таа глупост, тој ќе биде обвинет за кривично дело поттикнување самоубиство и ќе заврши во затвор.
Така и Македонија: иако со Привремената согласност е договорено да се обеси (компромис), правото на самоопределување е иус цогенс и има дејство ерга омнес (спрема сите), па како што судот ќе ја одбие тужбата на Гркот што дал милион долари за самоубиство и ќе биде ставен во затвор, така и Грција, доколку ја тужи Македонија за да си го смени името, ќе биде одбиена.
Иус цогенс во меѓународното право се појавува за прв пат во 1969 година во Виенската конвенција за договорно право, која стапи во сила 1980 година. Сé ми се чини дека светот по најголемата кланица, Втората светска војна, сфати колку е битно меѓународните договори да се правични, па некои меѓународни норми ги прогласи за иус цогенс, односно норми за кои не може да се преговара.
Поучен пример е Версајскиот договор, на кој Хитлер („Мојата борба“) гледа вака: „Ако таквото политичко угнетување и економскиот грабеж траат 10-20 години, тие би можеле да ја уништат и најсилната држава. И токму на тој начин, целта на Франција би била постигната“.
Таквото тврдење денес е афирмирано во британски учебник за дипломатија од највисока класа: „Грешките направени во Версајскиот мировен договор, Харалд Николсон делумно му ги припиша на американскиот претседател Вудро Вилсон заради тоа што донел одлука лично да учествува на тоа ‘историско фијаско од прв ред’“ (Џ.Р.Бериџ, „ДИПЛОМАТИЈА теорија и практика“, српски превод, Белград, 2008, страница 254-255).
Поминаа 20 години, а Македонија сé уште не е уништена, што ги надмина сите очекувања. Но лажгата од почетокот на текстов и долгото јаже ја поттикнаа Владата да го употреби јажето. Поднесе тужба за исполнување, наместо тужба за ништавност поради прекршување на иус цогенс. Бидејќи Виенската конвенција нема одредби за дејството на иус цогенс, судот не внимава по службена должност на ништавноста, туку Македонија треба да вложи прејудициелна деклараторна тужба за ништавност на Привремената согласност. Така ќе биде спасена честа на тие што ја вложија тужбата и задоволена суетата на десната влада. Доколку победи мојата прејудициелна тужба: спас за Македонија и опрост за тужбата на Владата. Доколку загуби мојата прејудициелна тужба, продолжува тужбата на Владата.
Според Едо Равникар („УДБОМАФИЈА“, Љубљана, 1994, страница 428), Европа е живо заинтересирана да ја уништи УДБОМАФИЈАТА. Поради тоа, УДБОМАФИЈАТА „плива помеѓу Сцила и Карибда“, мора да фати таква рамнотежа, за Европа да дојде во Македонија со нејзино посредување. Ова е најголемата слабост на УДБОМАФИЈАТА, која Македонија треба да ја искористи. Како прво, треба да и се каже на Европа дека: „Кој поставува кози за градинари, тоа не го прави поради тоа што се поправиле, туку бидејќи му е потребен нивниот know-hov (Едо Равникар, „УДБОМАФИЈА“, Љубљана, 1994, страница 461).“
Значи козите во градината Македонија се оние од „Генекс“. Во левицата, сите се такви. Но видете колку ги има во десницата. Тие се оние што се обидуваат да и се додворат на Европа, сметајќи дека е неморална како нив, и прво со Привремената согласност 1995 година, а сега со тужбата, ја нудат Македонија како курбан за нивните филистерски потреби и навики. Во оваа нехигиенска постапка, оние од „Генекс“ внесоа млади луѓе, чија македонска волја не е оштетена, но се ставени во заблуда со лажгата.
И за крај: најкратко логички да го докажам овој текст.
Тужбата на Владата ја крши логичната доследност во форма на игноратио еленцхи (непознавање на спорната точка). Оваа грешка ја прават оние што немаат чувство за тоа што е најважно. Владата смета дека најважно е Грција да не ја попречува Македонија во зачленувањето. Јас сметам дека најважно е иус цогенс. Доколку сум во право дека правото на самоопределување важи ерга омнес, тоа значи по пресудата на Меѓународниот суд на правдата ќе мора и членките на ЕУ да нé признат како и оние 129 држави.
Објавено во Нова Македонија на 24 јануари 2011
Последни коментари