Софисти

Најмудриот човек на светот бил свесен дека луѓето не проштеваат мудрост. Така и се однесувал. Својата мудрост ја покажувал само на поединци и во мали групи. Никогаш во собрание. Сепак бил откриен и осуден на смрт.

Спротивно, софизмите и еристичките трикови и денес се фалени. Постојано парадираат на телевизија и луѓето не им замераат. Но, време е тие што видот ги напушта, а во нив се вселува разумот, во корист на Македонија, да ја соопштуваат вистината.

Најмудриот, до вистината доаѓал со поставување прашања. Со поставеното прашање ќе ги натерал да споредат и овие самите ќе виделе дека работите се противречни. Тогаш поединецот е лут само на себе. Ова е ненадминат начин човек сам да се ослободи од заблудата. За сведоците, овој начин е пријатен, а за тој што го доживува ослободувањето од заблудата претставува најтрајна корист. Така Сократ и нему сличните, ги чистат душите од заблуди. Како лекарите, кои сметаат дека телото нема никаква корист од храната, сé додека не се извади она што му пречело на телото. Исто е и со душата. За да има таа корист од вистината, прво треба да се побие заблудата и да се посрамоти противникот со отстранување на погрешните мислења, кои на знаењето не му пуштаат пат. Чистејќи ги заблудите, можеме да ја наполниме душата со вистина.

Денес во Македонија постојат две страни кои тврдат дека ја поседуваат вистината, а дека другата страна создава заблуда. Имињата си ги дадоа една на друга, па имаат пејоративен призвук. Едните се антиквизатори, а другите соросоиди. Јас имам малку поинаков пристап. Поучен од антиката, ги барам само софистите, без разлика дали се класифицирани како антиквизатори или соросоиди. Ова, поради тоа што и кај антиквизаторите има многу марксисти, а тие се докажани софисти.

На дебатна емисија, новинарката Билјана Секуловска имаше поставено прашање: „Дали Владата ќе се откаже од притисоците врз Уставниот суд?“

Гости во емисијата беа професорката Рената Десковска, поранешната судијка на Европскиот суд за човекови права Маргарита Цаца Николовска и пратеникот Александар Николовски. Тој постави приговор на прашањето, кој мене не ми беше јасен, а водителката го дефинира како дебатното прашање да е нелегитимно. Сé заврши на тоа. Судијката и професорката немаа приговор и ја критикуваа Владата дека нема да престане со наводен притисок врз Уставниот суд. Забележав дека се работи за еден фин скриен петитио принципи. Имено, прашањето содржи недокажано тврдење дека Владата врши притисок врз Уставниот суд, а тоа е петитио принципи.

Во една прилика, американскиот претседател Линколн ги прашал своите пријатели колку нозе има овцата, доколку опашката ја наречеме нога. -Пет – одговориле сите. – Погрешно – рекол Линколн. Ако опашката ја наречеме нога, таа не станува нога. Така и во случајов. Ако речеме дека Владата врши притисок врз Уставниот суд, не значи дека Владата го врши тој притисок. Јас направив три правни силогизми во „Нова Македонија“ (веронаука, екстерно, лустрација), со кои докажав дека одлуките на Уставниот се во спротивност со Европската конвенција за човекови права и Уставот.

Примеров е избран, па одговара на нивото на поранешната судијка на Европскиот суд за човекови права Маргарита Цаца Николовска и професорката на Правен факултет Рената Десковска. Прашање на кое би реагирал секој просечен правник во судница, доколку биде поставено? Се чини дека одговорот лежи во резултатите на анкетата: 94 отсто од гледачите одговориле со „не“, а 6 отсто одговориле со „да“. Но, бидејќи се работи за одличен софизам, сите анкетирани се против Владата. И тие што одговориле со „да“, потврдуваат дека Владата врши притисок врз Уставниот суд, но ќе престане да го прави тоа, а оние 94 отсто потврдуваат дека Владата врши притисок врз Уставниот суд и дека нема да престане да врши притисок.

За да останам доследен на Сократовскиот метод, како најуспешен за ловење софисти, ќе го посочам следниов пример на Шнајдер. Еден интелигентен човек учествувал во судска постапка. Постапката ја водел флегматичен судија, кој бил цврсто убеден дека на секое прашање може да се одговори со да или со не. Кога на сведокот му било поставено прашање, тој наместо да одговори со да или со не, почнал да објаснува, а судијата загрмел сведокот да одговори со да или со не. Сведокот му одговорил дека не е можно на секое прашање да се одговори со да или со не. Судијата уште посамоуверено загрмел, дека се разбира дека е можно на секое прашање да се одговори со да или со не. Тогаш, сведок му се обратил на судијата, прашувајќи го дали ќе му дозволи тој на судијата да му постави едно прашање, на кое што судијата ќе му одговори со да или со не. Судијата му дозволил да му постави прашање.

Сведокот го прашал судијата: „Господине судија, дали престанавте да ја тепате својата жена? Одговорете ми со да, или со не.“

Судијата почнал да се поместува во својата фотелја, да менува боја, за да на крајот му дозволи на сведокот да не одговара со да или со не, туку да даде образложен одговор.

Објавено во Нова Македонија на 6 февруари 2010

  •