Добри и сложни луѓе за Партијата на Македонскиот народ

Тешко болен, Антистен прашал; кој може да го ослободи од маките. Диоген, држејќи меч в раце му рекол:”Овој овде.”

Овој му рекол, дека бара да го ослободи од маките, а не од животот.[1]

Така и поранешниот Претседател д-р Ѓорге Иванов, ги одби советите на д-р Тони Дескоски[2], се откажа од пресудата на д-р Тони Дескоски и во историскиот говор на 27.09.2018., на Генералното собрание на ОН, го употреби мојот совет за ослободување од маките на Македонскиот народ, во спорот за името. Пред цел свет побара во спорот за името, да се почитува човековото[3] право на самоопределување, како норма ius cogens.

Овој говор на д-р Иванов е правен факт и има правни последици на спорот за името.

За да знае мојот разумен[4] читател што значи говор на шеф на држава на генерално собрание на ОН, нека го спореди говорот на д-р Иванов со познатиот случај помеѓу Данска и Норвешка за Источен Гренланд.

Имено, одрекување од правата, е дел од сувереноста на државата.[5]

Во споменатиот случај, министерот за надворешни работи на Норвешка, во разговор со дански дипломат се одрекол од правата врз Источен Гренланд, со изјава, дека Норвешка нема да се противи, Данска да ги шири нејзините интереси на Источен Гренланд.[6]

“Судот, имаше во предвид и други околности и утврди, дека, тој одговор на министерот, даден во име на владата, а на прашање на дипломатски претставник, спаѓа во негова надлежност, што значи ја обврзува неговата држава (превел М.П.).”[7]

Шефот на државата д-р Иванов, не само што не се одрече од правото на самоопределување како норма ius cogens, туку побара заштита на тоа право пред цел свет, во спорот за името. Во текот на својот говор го спомна неколку десетици пати.

 

Овој правен аргумент ќе се употреби во моето правно средство кога Партијата на Македонскиот народ ќе формира влада.

“Сложните луѓе ги створиле чудата (Индиска ‘хинди’ поговорка)”.

Прво правило за да бидат сложни членовите и симпатизерите на Партијата на Македонскиот народ нека биде:

“Секој мисли повеќе на тоа, што има да каже, отколку на тоа, што го кажуваат другите; затоа има толку малку пријатни соговорници. Доколку сакаме да не слушаат, треба да го слушаме тој што зборува; на човек треба да му дозволиме да го каже своето, па дури и доколку кажува небитни ствари. На соговорникот не смееме постојано да му приговараме и да го прекинуваме. Напротив, мораме да се вживееме во неговите мисли и дух, да му покажеме дека го разбираме, да му зборуваме за работи, во кои се препознава, да се согласуваме со него кога треба и да му покажеме, дека нашето согласување не е ствар на љубезност, туку последица на сериозно размислување. Мораме да избегнуваме побивања (препирки) за неважни ствари, да поставуваме што помалку прашања, кои што по правило се непотребни и никогаш да не всилуваме убедување, дека имаме повеќе право од другите, како и великодушно да го препуштаме правото на последен збор.”[8]

Но, најубавиот совет за барање на вистината на членовите и симпатизерите на Партијата на Македонскиот народ доаѓа од најголемиот ум: “Имено, доказот, како и силогизмот, не се однесува на надворешниот говор, туку на внатрешниот говор на душата (Разликата помеѓу надворешниот и внатрешниот говор на душата ја постави Платон во Теет (189е). Надворешниот говор се извршува со зборови. Внатершниот искрен говор, душата си го држи сама себеси…). Бидејќи, секогаш можат да се прават приговори на надворешниот говор, додека не можат да се прават секогаш приговори на внатрешниот говор.”[9]

Под влијание на Рошфуко, Шопенхауер советува дека на секој човек му е потребно водство на максими и правила за добар живот. Веројатно од тука, неговото учење за вроден и стекнат карактер.[10]

Доколку ја земеме големата премиса на Аристотел (“Никомахова етика”) дека просечниот човек е лош, уште повеќе добива на вредност советот на Шопенхауер, да живееме под водство на стекнатиот карактер, а тоа се максимите и учењата на најголемите умови (Аристотел, Платон Шопенхауер…).

Овој совет е особено наменет за членовите и симпатизерите на Партијата на Македонскиот народ за да постигнат слога, зашто за слогата, државниците се грижат повеќе, отколку за правичност. Зашто, кај што има слога, не е потребна правичност, а каде што има правичност, потребна е и слога (Аристотел).

Членовите и симпатизерите на Партијата на Македонскиот народ, секогаш нека имаат во предвид дека: “Како што на олимписките игри не го достигнуваат венецот на победата најличните и најсилните, туку само тие кои што се натпреваруваат (само некои помеѓу нив можат да победат), така и во животот убаво и добро уживаат, само тие, кои правилно работат (превел М.П.).”[11]

Само членовите и симпатизерите на Партијата на Македонскиот народ преку моето правно средство можат да победат.

И ова правило е битно за членовите и симпатизерите на Партијата на Македонскиот народ: “Повеќето жени и се препуштаат на љубовта заради слабост, отколку поради страст; затоа повеќе успех имаат упорни мажи, дури и доколку не се вредни за љубов (prevel M.P.).”[12]

Најмногу треба да се внимава на ова правило: “Не треба да се испитува секој проблем и секоја теза, туку [тоа треба да се чини] само [во случај] кога тешкотијата ја изнесуваат луѓе кои бараат доказ, а не кога тие бараат казна…Така, на пример, на оние кои се сомневаат дали треба, или не треба да се почитуваат боговите и да се сакаат родителите, потребна им е казна…(превел М.П.).”[13]

Тие што бараат доказ дека треба да се одбрани Македонскиот народ, бараат казна.

Слогата е еден вид пријателство, меѓутоа тоа не е исто, како еднаквост на погледите. Таква еднаквост е можна и помеѓу луѓе што не се познаваат. Доколку имаат исти ставови во врска со астрономијата, тоа не значи дека се сложни. Таквата согласност, нема никаква врска со пријателство. За слога во државата зборуваме, кога државјаните имаат еднакви погледи за своите интереси, кога се одлучуваат за исто и ја спроведуваат заедничката одлука. Тоа значи дека слогата се однесува на дејанија (дејствувања) и тоа на такви дејанија, кои што се важни и ги задоволуваат сите засегнати. Така на пример, слога е кога во државата сите ќе одлучат дека државните службеници мора да бидат бирани. Кога сите сакаат сојузништво со Спарта, или сите сакаат да владее еден одреден човек. Кога двајца ја сакаат сета власт, тоа е раздор. Слога не е кога двајца мислат исто, туку кога двајцата тоа “исто” го замислуваат и во исто лице. Кога сите ќе одлучат да владеат најдобрите: само на тој начин, сите се учесници кон тоа, кон што тежнеат. Слогата е некакво “пријателство помеѓу државјаните”. Се однесува на заедничките интереси и ствари, кои што се важни за живеењето. Таква слога, постои само помеѓу добри. Тие, сами со себе и со другите имаат исто мнение, бидејќи стојат на исто тло. Нивните желби се трајни и не се прелеваат де ваму, де таму, како вода во морски теснец. Го сакаат тоа што е праведно и корисно и кон тоа се насочени, нивните заеднички тежнеења.[14]

“Љубовта не може долго да се крие онаму каде што постои, ниту да се глуми таму каде што ја нема.”[15]

Ниту членовите и симпатизерите на Партијата на Македонскиот народ уште долго ќе кријат дека го љубат Македонскиот народ, ниту ВМРО ДПМНЕ уште долго ќе глуми.

Во Партијата на македонскиот народ не се добредојдени само богатите[16].

“Кога Херакле бил изедначен по чест со боговите и бил повикан на гоштевање кај Sевс, секого од боговите со голема љубезност го пречекувал. Но, кога на крајот влегло Богатството, Херакле наведнал глава кон земјата и се свртел на другата страна. Sевс, зачуден од случката, фатил да го прашува за причината, зошто сите радосно ги поздравил, а само Богатството го гледал под око. А овој рекол: “Го гледам смуртено, зашто во времето кога бевме меѓу луѓето, најчесто го гледав во друштво со никаквеци”.”[17]

 


[1] DIOGEN, Laertije, Život i imišljenja istaknutih filozofa: -Beograd, Dereta, 2003, stranica 16.

[2] Во мојата колумна “Судски убиства” докажав дека тужбата и пресудата на д-р Тони Дескоски, се ослободување од маките на Македонскиот народ, колку што е мечот на Диоген ослободување од маките на Антистен.

[3] ”Човековите права се развија во цел кодекс, кој што е можно да се толкува со природни категории : тие права се составен дел на човековата суштина, тие не му го долгуваат својот настанок на државата и правото, туку државата и правото само ги признаваат. Затоа мора позитивното меѓународно право да биде во склад со човековите права (превел М.П. , TURK, Danilo, Temelji mednarodnega prava-Ljubljana : GV Založba, 2007, stran 48.

[4] Д-р Фрчковски им се обраќа на своите читатели со “драги мои”, а Клетников со “драг читателу”. И двајцата и се обраќаат на волјата на читателот. И ласкаат на волјата на читателот, за да ја стекнат наклонетоста и да можат да им всадат недокажани ставови. Тоа е реторички дозволено, меѓутоа со обраќање на волјата, веднаш покажуваме дека повеќе ни е важно да не сака читателот, отколку да не цени.

Кај мене е поинаку. Јас се обраќам со “разумен читателу”. Гласно и јасно му се обраќам на разумот на мојот читател. Јасно и гласно му ставам на знаење дека не ми е до неговата наклонетост, туку до вистината. Доколку со својот разум тој утврди дека ја пишувам вистината, тој ќе ме цени. Мора да ме цени, бидејќи му се обраќам на неговиот разум.

Со волјата, со сакањето, не е така. Бидејќи, сакањето е во оној што сака. Значи, тој може да престане да сака, било кога. Со ценењето, не е така. Оној што ја пишува вистината можеш да не го сакаш, но не можеш да не го цениш.

[5] Ибидем, страница 241.

[6] Ибидем.

[7] Ибидем.

[8] LA Rochefoucauld, Francois de, Maksime: misli o človeški naravi-Ljubljana : Mladinska knjiga,2007, stran 122-123.

[9] ARISTOTEL, Organon, Kultura, 1970, Beograd, stranica 279-280.

[10] Фројд чесно признава дека е цел Шопенхауер, како и учењето за вроден и стекнат карактер.

[11] ARISTOTELES, Nikomahova etika, -Reprint iz leta 1994.-V Ljubljani: Slovenska matica,2002, stran 62.

[12] LA Rochefoucauld, Francois de, Maksime: misli o človeški naravi-Ljubljana : Mladinska knjiga, 2007, stran 112.

[13] ARISTOTEL,  Organon, Kultura, 1970, Beograd, stranica 384.

[14] ARISTOTELES, Nikomahova etika, Reprint iz leta 1994.-V Ljubljani: Slovenska matica, 2002, stran 282-283.

[15] ЛАРОШФУКО, Франсоа, Максими-Скопје : АЕА, Мисла, 2001, страница 15.

[16] Над десет милиони евра.

Најпожелна е средната класа, а според Словенците висока средна класа е четиричлено семејство со куќа лепенка до 200м2, два автомобили и двајца вработени со месечни приходи до 5.000,00 евра. Ова значи дека дијаспората (или поточно: прогонетите, како што ги нарекува Нестор Огинар) и трите слоја на средната класа во Македонија, ќе го спасат Македонскиот народ.

[17] АЈСОП, Басни-Скопје : ТРИ,2008, страница 113.

  •