Пропаганда

„Кој што држи придики, мора да знае да рече и амин (германска поговорка).“

Пропагандата е средство на надворешната полтика, кое што го употребува и дипломатијата.[1]

Шармот на дипломатот и неговото познавање на психологијата на народите меѓу кои што живее, се суштествени реквизити  при извршувањето на дипломатската задача, која се нарекува „продавање“ на надворешна политика.[2]

Холандската амбасадорка ги проблематизираше последните избори. Одговарајќи на прашање во телевизиско интервју таа го употреби еристичкиот трик брј три[3] и за изборите го употреби оној пример на Аристотел; црнецот е црн, ама што се однесува до забите бел е. Излезе надвор од вообичаените стандарди за демократски избори, спроведувајќи ја надворешната политика на Холандија кон Македонија.

Еристиката е нечесен начин на расправање со недозволени средства. Аристотел[4] ја споредува со неправда направена на јавен натпревар. На пример, кога Тајсон му одгризе дел од увото на Холифилд, а во боксот е забрането гризење.

По реакцијата на Македонија преку новинарот близок до власта Миленко Неделкоски во едно телевизиско интервју, надворешната политика на Холандија кон Македонија по однос на изборите беше исмеана. Македонија преку новинарот се одлучи да го прифати советот на Шопенхауер; со еристичари да не расправа ad drem, туку ad personam.

Балтазар Грацијани[5] вели дека постојат клеветници кои што побрзо ќе ти го уништат големиот углед со некаква смешка, отколку со бесрамно префрлување. Човек брзо доаѓа на слаб глас, бидејќи во тоа што важи за лошо, многу лесно се верува, а да се измиеш од тоа е скоро невозможно.

Новинарот Неделкоски во интервјуто изјави дека холандската амбасадорка е „јебазовна“ и секој жив се згази од смеење, а угледот на холандската амбасадорка исчезна, а со тоа и релевантноста на нејзините изјави за последните избори. Се покажа; дека амбасадорката го исполнува првиот услов (е шармантна) за спроведување на надворешната политика на Холандија, но воопшто не ја проучила психологијата на народот меѓу кој што живее.

Петтата колона во Македонија, веднаш го нападна новинарот Неделкоски, а Мирка Велиновска (во блиски пријателски релации со Миленко Неделкоски и наклонета кон власта) го одбрани со еристичкиот трик број шест[6]; тој рекол дека амбасадорката е секси[7] (еден збор се заменува со сличен на него, на пример; наместо „чест“, „добар глас“).

Скоро во исто време, новинарката Велиновска го направи смешен и еден млад поранешен македонски амбасадор, кој избра да живее и работи во Холандија. Тој и се обрати на Македонија (очигледно има многу убаво мислење за себе) во пишаните медиуми, на некој начин повторувајќи го својот став за спорот со Грција.

Велиновска го направи смешен, кога му напиша да не „жилави“. Го потсети на неговите заслуги (родителите) и неговите огромни успеси (сите знаат дека нема такви, а д-р Фрчковски на времето го нарече „Кен“, така да втор пат му се случува истото).

На некој начин, пропагандата што доаѓа од најдемократската земја, Холандија, е оркестрирана, па нужна беше дигресијата со „Кен“.Тој не направи силогизам (доказ) за своите ставови во спорот со Грција, што ќе рече неговите ставови се најобични софистички ујдурми, за во поново време да прераснат во еристички испади, така да реакцијата на Велиновска е дозволена и одмерена.

Да се вратиме на холандската амбасадорка.

Таа беше земена во заштита од германската амбасадорка, која што исто така се послужи со еристички трик. Таа употреби argumentum ad baculum и побара Македонија казнено да го гони новинарот Миленко Неделкоски.

Бидејќи никој не одговори на нејзините барања, во наредните редови ќе ги побиеме нејзините ставови.

Имено, американскиот амбасадор во Словенија во интервју за најпродаваниот политички весник во Словенија, изјави дека новинарите не треба да бидат тужени за своите изјави и написи, бидејќи тоа предизвикува страв кај нив, кој што влијае на квалитетот на пишувањето.

Германската амбасадорка е демантирана и од Европскиот суд за човекови права. Во еден случај австриски политчар беше наречен од новинар идиот и не доби судска заштита.

Во друг случај, кој што неодамна доби епилог пред Европскиот суд за човекови права, словенечки новинар нарече пратеник на Словенија „церебрален банкротиранец“ (најблиску до македонскиот би било „церебрален стечаец“). Новинарот бил испровоциран од дискусијата на пратеникот и неговото имитирање на хомосексуалците во расправата за законот за хомосексуалната заедница. Во Словенија, новинарот беше осуден во сите судски инстанци, па дури и Уставниот суд не му даде заштита, за Европскиот суд за човекови права да ја осуди Словенија заради кршење на човековите права на новинарот.

Се чини дека најумно постапи холандската амбасадорка која што има шарм, кога рече амин.

Што е друго, ако не амин, нејзината реакција дека не се согласува со тоа што го изјавил новинарот Неделкоски, но дека ќе се бори со сета сила тој да има право да го каже тоа. После придиките што и ги упати на Македонија за изборите, тоа беше најпаметното што можеше да го направи амбасадорката.

Реакцијата на македонската пропаганда е етички оправдана во однос на холандската пропаганда. Цицерон[8] вели дека поубедливо е она што го велиме кога сме предизвикани, отколку кога ќе нападнеме први. Оставаме впечаток дека ќе молчевме доколку не бевме предизвикани. Доколку изборите не беа, и црни, и бели, ќе немаше ни „јебазовна“. Цицерон[9] уште вели дека против доказ настапуваме со доказ, а пртив чувства, со спротивни чувства. Амбасадорката не понуди доказ, туку само со помош на argumentum ad verecundiam и споменатиот трик, предизвика негативни чувства кон Македонија. Со интервенцијата на Неделкоски беа поништени негативните чувства кон Македонија.

Читателте забележаа дека политичарите и јавните личности најчесто се служат со еристички трикови, а не со силогизми (докази), како што очекуваме од нив.

Затоа, за крај ќе ги наведеме трите користи од познавањето на еристиката, односно софистиката според Аристотел[10](според него постои само една разлика помеѓу софистиката и еристиката; софистиката тежи кон привидна мудрост, а еристиката кон привидна победа): 1. софистичките и еристичките докази се корисни заради тоа што тие пред се се засноваат на говорот, така што можеме да видиме дали одреден збор е земен само во еден смисол во расправата или дискусијата и така ни помагаат да сватиме што во еден, а што во друг смисол значи тој збор кај стварите и имињата за стварите; 2. софистичките и еристичките докази се корисни за истражувањата што сами ги правиме, бидејќи оној што од друг лесно е наведен на заблуда, а тоа не го гледа, често се излага на опасност истото да го претрпи од самиот себе; 3. и на последно место, еристичките и софистичките докази се корисни за оние кои што со нив се служат, да стекнат глас дека се извежбани во сите работи и дека во ниедна работа не се неискусни, бидејќи оној што зема учество во расправањето и ги критикува, иако не знае да каже ништо одредено за јаловоста на софистичките и еристичките докази, предизвикува сомнение дека тешкотијата на која укажува би можела да има причина во неговото неискуство, а не во неговото тежнеење кон вистината.

Амин.

 

 



[1] Ernest Petrič, »Zunanja politika«, Center za evropsko prihodnost-CEP 2010, Znanstvenoraziskovalni center  Slovenske akademije znanosti in umetnosti-ZRC SAZU 2010, Ljubljana, 2010, stran 387.

[2] Hans Morgenthau, »Politika med narodi«, DZS, Ljubljana, 1995, stran 666.

[3] Arthur Schopenhauer, »Logika in dialektika«, Amalietti&Amalietti, Ljubljana, 2001, stran79-80.

[4] Aristotel, »Organon«, Kultura. Beograd, 1970, stranica 607.

[5] Baltasar Gracian, »Priročni orakelj in umetnsot razumnega«, Mohorjeva založba, Celovec-Ljubljana-Dunaj, 2008, stran 61.

[6] Artur Schopenhauer, Logika in dialektika«, Amalietti&Amalietti, Ljubljana, 2001, stran 83.

[7] „…сексуално привлечен, или стимулативен: изгледа секси, секси гаќички“ Зозе Мургоски, „Речник на Македонскиот јазик“, Зозе Мургоски, Скопје, 2005, страница 732.

[8] Mark Tulij Ciceron, »O govorniku«, Družina, Ljubljana, 2002, stran 171.

[9] Ибидем, страница 165.

[10] Aristotel, »Organon«, Kultura, Beograd, 1970, stranica 618.