Пријатели на судот

Во западните демократии постои пракса лица да му се обраќаат на уставниот суд со цел правилно да се реши одредено прашање. Тие се нарекуваат пријатели на судот. Во конкретниов случај сме пријатели на судот за лустрацијата.

Лустрацијата е повторно пред Уставниот суд и повторно најмногу по заслуга на господинот Стамен Филипов.

Поради тоа, ќе го побиеме главниот аргумент на Претседателот на Уставниот суд и уште две професорки (судии на Уставниот суд); законот за лустрација уредувал материја и прашање за кое што уставниот веќе донел поинаква одлука.

Познат е случај од блиското минато на Уставниот суд, кога во многу посилен состав, направи кардинална грешка и ја укина правдата и правичноста како неуставна.

Имено, во 1996 година, адвокатот Рафаил Черепналкоски од Скопје, поднел иницијатива со која што побарал да се утврди неуставност на член 4, став 2 од Законот за судовите што гласи:„водејќи сметка за принципот на правда и правичност.“

Секој добро известен правник знае дека правичноста е врховно начело на правото и веќе беше вградено во некои закони, помеѓу кои Законот за облигационите односи (основните начела и справедлив надомест и така натака).

И покрај тоа, Уставниот суд во состав: др. Јован Проески (претседател), Бахри Исљами, д-р. Никола Крлески, Олга Лазова, д-р.Стојмен Михајловски, д-р.Милан Недков, Бесим Селими, д-р.Јосиф Талески и д-р.Тодор Џунов, на 07.03.1996.година носи решение У.Број:20/1996-1-0, со кое што се поведува постапка за уставноста на член 4, став 2 од Законот за судовите.

Истиот состав на Уставниот суд на 10. 09. 1996.година носи одлука У. Број: 20/1996-0-0 со која што се укинува член 4 став 2 во делот што гласи:„водејќи сметка за принципот на правда и правичност“.

Надеж дава фактот, што одлуката не е едногласна, но нема издвоени мислења.

Образложувајќи ја одлуката, Уставниот суд на страница 3 ќе наведе:„Тргнувајќи од уставната и законската определба дека во остварувањето на своите цели и функции судиите се врзани единствено за Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот, Судот смета дека, судовите при донесувањето на одлуките да водат сметка за принципот на правда и правичност, дава можност судијата врз основа на своето субјективно сваќање за правдата и правичноста при пресудувањето да излезе надвор од рамките на Уставот, законите и меѓународните договори односно дава можност за необјективно и пристрасно пресудување во конкретните спорови поради што оцени дека овој дел од одредбата на член 4 став 2 од Законот излегува од рамките на означената уставна одредба и е во несогласност со Уставот.“

Спротивно на нашиот Уставен суд, Аристотел(„Никомахова етика“) смета дека правдата е кралица на сите доблести(крепости), а дека правичноста е еден вид праведност но подобра од праведноста, бидејќи таму каде што законодавецот не предвидел решение за одредена животна ситуација, се појавува правичноста и го решава случајот како што би го решол законодавецот, доколку случајот би постоел во време на носењето на законот.

Значи, според дефиницијата што ја дава Аристотел, а до денес никој не ја соборил, правичноста е токму сппротивното на она што тврди Уставниот суд дека е.

На тој начин, мнозинството судии на Уставниот, докажале дека не знаат што е правичност.

Отрезнувањето и казната стигнува неполни шест месеци по одлуката на Уставниот суд.

Имено, на 10. 04. 1997.година,  Македонија ја ратификува Европската конвенција за човекови права, а во неа правичноста е врховно правило, содржано во член 6 на Конвенцијата.

Господинот Стамен Филипов, сега ангажиран од Сорос да ја руши лустрацијата, ни после скоро пет години од ратификацијата на Европската конвенција за човекови права не ја проучил истата и повторно бара во 2001 година Уставниот суд да ја укине правичноста, сега во друг закон.

Овој пат за истата работа, за правичноста, Уставниот суд носи сосема спротивна одлука од предходната, со која ја укинува правичноста.

Сега, Уставниот суд носи решение У. Број: 79/2001-0-0 од 14.11.2001. година, со кое не се поведува постапка за оценување на членот 122 став 3 во делот што гласи:„водејќи сметка за принципот на правичност“.

Носејќи спротивна одлука, за исто прашање, Уставниот суд во истиот состав, ја признава сопствената грешка, сега со сосема поинакво образложение на страница три од цитираното решение: „Во случај, пак, кога повеќето етажни сопственици се заинтересирани за доградбата, односно надградбата на зградата, отколку што е предвидено со урбанистичкиот план да се изградат нови делови од зградата, при непостоење на меѓусебна согласност, предвидувајќи по барање на секој од нив да одлучуваат редовните  судови(член 122 став 3 од Законот), всушност законодавецот им дава можност на судиите, како самостојни и независни органи, раководени од принципот на правичност, при пресудувањето да се движат токму во рамките на Уставот, законите и меѓународните договори во кои овој принцип е застапен.

A fortiori.

Доколку било можно Уставниот суд во најсилниот состав, за врховното начело на правото да направи таква кардинална грешка и да ја укине правичноста, уште повеќе е веројатно дека Уставениот суд донесе погрешна одлука за лустрацијата, која што сега (правилно сметат некои судии на Уставниот суд) може да се исправи.

Доказ дека Македонија не беше демократска држава долго по осамостојувањето е фактот што токму Уставниот суд на Република Македонија имаше одлучно влијание со своите одлуки во втората половина на деведесеттите, да престане да излегува „тајниот службен веснк“ (Македонија го користеше еуфемизмот „посебен“), а во Словенија „тајниот службен весник“ престана да излегува уште во 1989 година.