Право на самоопределување

„Оружјето со кое што се браниш не давај му го в рака на непријателот(португалска поговорка).“

Оружјето со кое што ја бранам Македонија е правото на самоопредлување, како норма ius cogens.

Тие што го гледаа интервјуто, видоа дека јас не го дадов правото на самоопределување, кога новинарот(како адвокат на ѓаволот) ми рече дека и Грците се самоопределуваат како Македонци.

Новинарот сакаше да ми го земе оружјето и да им го даде на Грците, како што впрочем се изучени од Грците многу Македонци. Затоа, не дозволувајте да ве изучуваат денешниве Грци. Ќе ви го земат оружјето со кое што се браните: правото на самоопределување.„Подобро Турчин да те мачи, отколку Грк да те изучи(бугарска поговорка).“

Учете се кај Аристотел и Платон, а не кај денешните Грци. Учењето од денешните Грци во однос на учењето на Аристотел и Платон се разликуваат по својата чистота, како вода од водовод и вода од извор.

Па да видиме дали јас оправдано не им го дадов на Грците оружјето со кое што ја бранам Македонија. Прво треба да  знаеме што е правото на самоопределување, а второ, кому тоа му припаѓа. За првиот проблем решение нуди Аристотел(„Органон“, Култура, Београд, 1970, страница 327), кој што вели дека дефиницијата ја прави јасна, што е една ствар.

И за вториот проблем(кому му припаѓа правото на самоопределување), решението го дава Аристотел на истата страница. Тој вели дека за да утврдиме;дали еден атрибут му припаѓа, или не му припаѓа на одреден субјект, треба да направиме доказ(силогизам).

Но, пред доследно да го примениме Аристотел за правото на самоопределување(дефиниција и доказ), да направиме една мала дигресија, која ќе ве вчудоневиди, а многу ќе ни користи при дефинирањето на правото на самоопределување, а особено при докажувањето кому му припаѓа самоопределувањето.

Нема кој не знае за кратенката ООН, која што значи Организација на обединетите нации.

Меѓутоа, кога ќе ви кажам дека во Словенија кратенката е ОЗН и значи Организација на здружените народи, ќе забележите дека има суштинска разлика. Зборовите “nation” и “state” во англискиот се синоними, но во македонскиот и словенечкиот „народ“ и „држава“ сигурно не се.

Доколку се примени и историскиот метод на аргументирање; претходникот на ООН беше Друштвото на народите, така да словенечкиот превод е пологичен. Од друга страна;и Македонците и Словенците, по осамостојувањето, за првпат се запишавме како народи во ова организација.

Да се вратиме кај Аристотел и да дефинираме што е правото на самоопределување. За правилно да се дефинира правото на смоопределување, неопходно е да се каже дека доаѓа од Америка и се дефинира како право на народот сам да управува со себе.

Бидејќи го дефиниравме правото на самоопределување, сега треба да видиме кому му припаѓа ова право.

Бидејќи според дефиницијата само народ може да биде носител на правото на самоопреелување, ова право му припаѓа само на Македонскиот народ, кој што живее на територијата на Република Македонија.

Значи, правилно сум постапил што не сум им го дал оружјето(правото на самоопредлување) со кое ја бранам Македонија на Грците.

Имено, Македонците во Грција се малцинство, а според дефиницијата;само народ е носител на самоопределување.

Значи, на Македонците во Грција им припаѓа правото на внатрешно самоопределување, согласно член 27 од Пактот, какво што добија Албанците во Македонија.

правото на надворешно самоопределување им припаѓа само на народите и е предвидено со член 1, став 2 и член 55 од Повелбата, како и со член 1 од двата Пакта. За да го задржам вниманието на читателот, најкратко;посочените норми се голема премиса за доказот што ви го ветив, а мала премиса е Македонскиот народ во Република Македонија.

Меѓутоа, Америка(Вилсон) правото на самоопределување го прокламира како начело, а не право. Го искористи за себе, а најповеќе се послужи со него при поделбата на   Османското и Австрроунгарското царство.

За нас Македонците, најголема заслуга што направивме држава во рамките на Југославија има Лењин, кој инсистираше на овој принцип. Колку и да беше тоталитарен режимот на Советскиот Сојуз, најголема заслуга за правењето македонска држава има токму тој.

Благодарејќи на Советскиот Сојуз, односно Сталин(Antonio Cassese, “Self-Determination of Peoples, Cambridge University Press, 1995), самоопределувањето на народите, кое што дотогаш беше само принцип и начело, стана право. Со огромни напори на Советскиот сојуз, самоопределувањето на народите влезе во повелбата на ООН како право, во 1945 година.

Значи, доколку добивме нешто добро од комунизмот, тоа е сигурно правото на самоопределување кое е најсилно оружје за одбрана од Грција. Ова македонските комунисти знаеа да го ценат. Велам знаеа, бидејќи го имаа ставено во преамбулата на уставот од 1974(како и Словенците). Србите го немаа во својот устав. Но, проф. д-р Јован Ѓорѓевиќ во својот учебник ќе запише:„Правото на самоопределување кога актот на обединување на определени слободни и независни субјекти, не го исклучува „правото на отцепување„. Во социјалистичката традиција „правото на отцепување“ значи: а) крајна гаранција за самоопределувањето;б) потврда на доброволноста; в) конститутивен елемент на самоопределувањето како процес(„Уставно право“, второ издание, Савремена администрација, Београд, 1976, превел М.П.)“

Во македонскиот устав од 1974 во преамбулата дословно стоеше:„Тргнувајќи од правото на секој народ на самоопределување, вклучувајчи го и правото на отцепување…(„Службен весник на СРМ“, број 7, 25. 02. 1974).“

Правото на самоопределување е внесено и во „Декларацијата за сувереност на Социјалистичка република Македонија“(„Службен весник на СРМ“, број 5, 01.02.1991.).“

По декларацијата имаме успешен референдум со кој е искористено правото на самоопределување. За отцепување немаше потреба, бидејќи Бадинтеровата комисија во едно од своите мислења констатира дека СФРЈ престана да постои.

По ова се формира комисија за пишување устав. Од сите членови, најекспонирани, а и самите најмногу се устат во медиумите дека тие го напишале новиот устав, се проф. д-р Љубомир Фрчкоски(близок до СДСМ) и проф. д-р Владо Попоски(близок до ВМРО).

Внимавајте добро.

Во декларацијата од 17. 09. 1991. година го нема правото на самоопределување.

Во новиот устав го нема правото на самоопределување(„Службен весник“, бр. 52/91 од 22. 11. 1991“, Устав на Република Македонија).

Србија, како и во СФРЈ и по распаѓањето на СФРЈ го нема правото на самоопределување.

Самостојна Словенија го има правото на самоопределување во преамбулата и во член 3, став 1 од Уставот на Република Словенија. Словенците потенцираат во својот устав дека правото на самоопределување е трајно и неотуѓиво право на Словенечкиот народ.

Не знам каде го однеле правото на самоопределување Фрчкоски и Попоски, но јас ова оружје со кое што ја бранам Македонија, го најдов во Повелбата, во Пактот за граѓански и политички права, како и во Пактот за економски и социјални права и не им го давам на Грците. Наведените меѓународни договори се наши-дел од правниот систем на Македонија.

Господ не чувал и откако правото на самоопределување исчезна од нашиот устав, тоа се појави како норма ius cogens во пресудата на Меѓународниот суд на правдата за источен Тимор од 1995 година и ја брани Македонија од Грција. 

  •