Откажете се од референдумот како решение за името

„Ретко кој е доволно мудар за повеќе да слуша корисна критика отколку лажлива пофалба.“[1]

Во мај 2011 година ја објавивме колумната „Референдум против референдумот“. Користејќи го фактот што и СДСМ се согласи со референдум за името, тоа го нарековме глупост, напаѓајќи го решението на страница 146 од „Преродбата“.

Оттогаш ова решение не се користи толку често од страна на ВМРО, но јавно тие не се откажаа од ова глупост.

Значи, наместо да ја послуша нашата критика за референдумот, ВМРО одбра да ја слуша лажливата пофалба на СДСМ  за референдумот.

Она што се случи во Словенија пред неколку дена е силен аргумент дека името не може да оди на референдум.

Имено, Уставниот суд на Република Словенија забрани два референдуми[2] за два закони[3] со образложение дека доколку на референдум се одбијат наведените закони ќе настанат противуставни последици. Судот одлучи при мерењето дека правото на референдум како вредност и уставно право, мора да се повлече пред други уставни права кои ќе бидат прекршени, доколку на референдум се укинат законите. Уставниот суд при одлучувањето ги имаше во предвид реалните околности и тешката економска криза, така што на правото на референдум му ги претпостави:

-ефикасно изведување на функциите на државата, вклучувајќи го и создавањето услови за развој на еконмскиот систем,

-остварувањето на човековите права, особено правото на социјална сигурност и заштита на работата, како и правото на слободна економска иницијатива,

-почитување на прифатените меѓународноправни обврски на државата,

-обезбедување ефикасност на правниот ред на Европската унија на територијата на Република Словенија.

Зошто е ова важно за Македонија?

Заради тоа што синдикатот, веднаш по донесувањето на одлуката на судот, се откажа од референдм за буџетот. Опозицијата не ни помисли да прави циркус, како нашата (и таму се комунистите во опозиција).

Зошто е во Словенија вака, а во Македонија поинаку?

Според нас, заради угледот на Уставниот суд на Република Словенија, односно неговите членови. Во Словенија, за разлика од Македонија, најдобрите се уставни судии.

Претседател на Уставниот суд на Република Словенија е проф. д-р Ернест Петрич. Тој е поранешен претседател, а сега во втор мандат член на Комисијата за меѓународно право. Покрај него од источна Европа се уште советникот на Путин и еден Чех. Од пред извесно време проф. д-р Петрич е и член на телото од девет члена, кое што ќе ги избира судиите на Меѓународниот кривичен суд.

Зошто е ова битно за темата на ова колумна?

Заради тоа што проф. д-р Петрич напиша издвоено мислење во прилог на одлуката на Уставниот суд. Негов основен аргумент е дека референдумите ќе го загрозат најважното колективно човеково право[4], правото на самоопределување.

Значи, Претседателот на Уставниот суд на Република Словенија проф. д-р Петрч не дозволува ни да се загрози правото на самоопределување, а ВМРО и СДСМ сложно ќе го дадат на референдум правото на самоопределување на Македонскиот народ.

Да ве потсетиме: проф. д-р Љубомир Фрчкоски (СДСМ) и проф. д-р Владо Попоски (ВМРО), го избркаа правото на самоопределување од Македонскиот устав, но тоа пак им се врати, сега уште посилно, преку Повелбата на ОН и преку двата Пакта.

Според издвоеното мислење на проф. д-р Петрич, со укинување на двата закони (на референдум), Словенија ќе дојде во ситуација да го повика на помош ММФ, а според него тоа е губење на суверенитетот на Словенија, кој пак произлегува од правото на самоопределување, кое што може да се реализира само во суверена држава. Според него, со доаѓањето на ММФ, Словенија нема повеќе самостојно да одлучува за сопствениот економски, културен и социјален развој, а (според проф. д-р Петрич) тие се суштината на правото на самоопределување и последично суштината на суверена држава.

Бидејќи примерот во правото е она што е експериментот во природните науки, проф. д-р Петрич ја посочува Грција:

„Положбата на Грција, каква што е во однос на оние, кои што во стварност ги одредуваат условите за помош (иако во форма на преговори) и извршувањето на тој договор потоа го надѕираат (вклучувајќи ги и парламентите на останатите членки на ЕУ, односно еврогрупата), во содржински поглед значи фактичко ограничување на нејзината сувереност, без оглед на тоа што формално, меѓународноправно останува суверена држава. Сувереноста, нејзината фактича содржина, не само формата, секако дека е значајна уставно заштитена вредност (член 3. од Уставот).“[5]

Дали СДСМ со опструкцијата на буџетот и насилството сака да не направи несуверена држава и да ни го натовари ММФ? Да бидеме како Грција?

Бидејќи ВМРО не се откажа јавно од идејата за референдум за името, се сомневаме и во нив. За да не се случи нешто непредвидено, во наредните денови ќе отпочнеме со објавување на магистерската, која што го решава најважниот проблем на Македонија.

Фактот што ВМРО ја игнорира и не се потруди да биде објавена, не натера да ја објавиме за читателите на овој сајт.

Да остане забележано и запаметено дека Македонија имала решение за својот најголем проблем.

 


[1] „Redko kdo je dovolj moder, da raje sliši koristno grajo kakor varljivo hvalo (LA ROSHEFOUCAULD, »MAKSIME«, Mladinska knjiga, Ljubljana, 2007, stran 28, prevel M. P.).«

[2] Odločba U-II-1/12-24 U-II-2/12-23 z dne 17. 12. 2012.

[3] Zakon o slovenskem državnem holdingu(ZSDH) in Zakon o ukrepih Republike Slovenije za krepitev stabilnosti bank(ZUKSB).

[4] Од преамбулата и член 3 на Уставот на Република Словенија.

[5] “Pritrdilno ločeno mnenje sodnika dr. Ernesta Petriča k odločbi U-1/12 in U-2/12 (превел М. П. ).“

  •