Лустрација на наредбодавците

„Најголем лисец е оној кој што се претвара, дека паднал во поставената стапица, а најсигурно е дека ќе бидеме измамени, кога мислиме да измамиме други.“[1]

Првото се однесува на Стојан Андов, по донесувањето на новиот закон за лустрација[2], а второто на ВМРО.

Ваквиот заклучок темели на нашата колумна „Наредбодавците први за лустрација“[3]. Колумната беше одлично примена од публиката и целосно разбрана. Сепак, ВМРО одлучи прво да се пресметува со шефовите на УДБА, а не со водачите на комунистите.

Клучен аргумент за претходниот заклучок е тоа што барем еден од тројцата лустрирани наредбодавци беше на висока позиција во комунистичката партија. Наместо да биде лустриран како висок функционер на комунистичката партија, тој е лустриран како шеф на УДБА(СДБ). Во тоа се состои мамењето на ВМРО. Комунистичката партија ја создаде УДБА, а не обратно.

Среќна околност за ВМРО е што д-р Љубомир Фрчкоски е адвокат на наредбодавците. Неговата одбрана се состои во тоа што тој тврди дека наредбодавците постапувале по подзаконски акт(Правилник).

Дотука е се точно. Но, треба да се каже дека овој акт, кој што е донесен во СФРЈ, не е објавен во службен лист, односно службен весник.[4]

Според член 52 од Уставот на Република Македонија, чиј што автор е токму д-р Фрчкоски; законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија“.

Ваков случај имаше пред Уставниот суд на Република Словенија во предметот U-I-94/92. Предметот ќе го претставиме преку зборовите на еден од судиите на Уставниот суд на Република Словенија кој одлучувал во предметот и кој што бил еден од авторите на Уставот на Република Словенија, м-р Матеуж Кривец.[5]

Словенечкиот Уставен суд разви посебна техника за оценка на актите, кои што по својата содржина се прописи и биле донесени за да дејствуваат како прописи. Првото прашање кое што си го постави Уставниот суд на Словенија беше; дали актот што не бил објавен, воопшто може да биде пропис? Второ прашање беше; дали судот е надлежен да ја оценува складноста со уставот? Трето прашање беше; какви ќе бидат последиците, доколку заради недостаток на процесни претпоставки, судот ја отфрли иницијативата против таквите акти? Петто прашање; дали процесна одлука може да ги поништи последиците на дотогашната противуставна употреба и да спречи понатамошна употреба на таков акт како пропис? Уставниот суд на Словенија ги пресече сите овие прашања со воведување на изрека, во која што во одлуката(не во решение!) изрече, дека актот не почнал да важи и не смее да се употребува, бидејќи не бил објавен.[6]

Со ова колумна докажавме, дека д-р Фрчкоски наликува на оној историски пример што ни го соопштува Цицерон. Преторот Сципион на некој Сицилијанец за адвокат му го нудел некој свој гостин со благородничко потекло, меѓутоа многу неинтелигентен. Сицилијанецот му одговорил: „Те молам преторе, дај му го тој адвокат на мојот противник, па мене не треба да ми доделуваш никого.“[7]

Значи, како и пред неколку години, наше  мислење е дека прво треба со закон да се прогласи комунистичкиот режим за злосторнички(по примерот на Чешка), да се лустрираат комунистите на високи позиции, па дури потоа шефовите на УДБА и удбашите, а на крај кодошите.

ВМРО тргна по обратен редослед, но за волја на вистината треба да се каже дека и со ваква лустрација, Македонија е единствената од сите поранешни републики на СФРЈ, што спроведува лустрација. Словенците го лустрираа само судството(на интернет излезе список на кодошите, но државата Словенија до денес не го авторизира).

За крај, за разлика од Мирка Велиновска, сметаме дека актуелниот проблем со промена на имиња на училишта и улици(албанското малцинство) треба да се реши пред Уставниот суд. Ова, доколку врз основа на други прописи, други државни органи не можат да го спречат преименувањето.

Имено со екстензивно толкување на член 24, став 1 од Уставот, може да се поднесе петиција, по повод која што Уставниот суд ќе ги поништи одлуките за преименување.

Во компаративното право имаме пример за ова. Лани во Словенија, градоначалникот на Љубјана, Зоран Јанковиќ, успеа да протурка одлука една улица во Љубјана да добие име по Јосип Броз Тито. Од Уставниот суд на Република Словенија беше побарано да ја поништи одлуката. Уставниот суд на Република Словенија ја избриша улицата, повикувајќи се на член 45 од Уставот:

 


45. член

(право на петиција)

Секој државјанин има право да вложува петиции и други иницијативи од општа важност (превел М. П.).“

Иницијативата ја подготви адвокатот Радован Церјак, а се повика на член 34 од Уставот, односно на правото на достоинство и безбедност, како и на членот 63, кој што забранува поттикнување на насилство и војна.

Уставниот суд на Словенија едногласно одлучи дека Тито го симболизира минатиот тоталитарен режим, а именувањето на улица по него претставува величење на тоталитарниот режим.

 


[1] La Rocheffoucauld, “Maksime«, Mladinska knjiga, Ljubljana, 2007, stran 24, превел М. П.

[2] Некои предлагаат „Лустрациски судови“ да ја спроведуваат лустрацијата. Овој предлог е во спротивност со член 98, став 4 од нашиот Устав, кој што забранува вонредни судови. Доколку се формира „Лустрациски суд“, со сигурност лустрацијата ќе биде неуставна.

[3] „Нова Македонија“ од 09. 11. 2010. година.

[4] Правилникот беше објавен во таен службен весник, што претставува кршење на човековото право на забрана на дискриминација од член 14 од ЕКЧП, бидејќи им беше достапен само на одреден дел луѓе од врвот на комунистичката партија.

[5] За разлика од Македонија, каде што ниту д-р Фрчкоски, ниту д-р Владо Поповски, односно ниеден од писателите на нашиот Устав не стана судија на првиот состав на нашиот Уставен суд, во Словенија петмина од писателите на Уставот на Словенија станаа судии на првиот состав на Уставниот суд на самостојна Словенија: проф. д-р Петер Јамбрек, проф. д-р Тоне Јеровшек, проф. д-р Лојзе Уде, д-р Перенич и м-р Матеуж Кривец.

[6] Marjan Pavčnik, Arne Mavčič, »Ustavno sodstvo«, Cankarjeva založba, Ljubljana, 2000, stran 237.

[7] Mark Tulij Ciceron, »O govorniku«, Družina, Ljubljana, 2002, stran 192, превел М. П.