Сожалување

Кога на Сократ некој му удрил шлаканица, овој само рекол дека е штета што човек не знае кога да носи шлем на глава. Сенека(„За гневот“) го дава овој пример за да каже како гневот може да се ограничи, доколку се пренасочи на шега.

Момчето кое што ќе разгневи еден „тигар“ во зенитот на своите физички способности, кој што познава и боречки вештини е вистински несреќник, кој што се сретнал со вистински тигар,доколку „тигарот“ не знае да го контролира својот гнев.

Односот на јавноста кон осомничениот „тигар“, најмногу го одредува степенот на сожалување што го покажал осомничениот „тигар“ кон жртвата Мартин Нешкоски. Наводно „тигарот“, кога забележал дека момчето загубило свест, се обидел да го освести со вода и повикал други полицајци да му помогнат.Примерот што го посочува Шопенхауер(„Етика“, страница 308) е со највисок степен на недостакок на сожалување:

„…по случајна расправија и борба помеѓу еден Шпанец и еден Алжирец, едниот, како посилен, на другиот му ја искорнал целата долна вилица и ја однел како трофеј, а него го оставил жив.

Тогаш ние потресени и згрозени ќе извикаме:`Како е можно да се стори вакво нешто?`…Смислата на прашањето е сосема сигурно само ова: како е возможно да се биде без сожаление во толку голема мерка?“

Во почетокот на 2008, во Хрватска, интервентната полиција сопира возило што се движи чудно. Во возилото се тројца алкохлизирани момчиња. При обидот да ги легитимираат, едно од момчињата напаѓа полицаец и го срушува на земја. Друг полицаец го удира момчето во глава. Момчето паѓа, удира со главата на асвалтот и  губи свест. Полицајците викаат Брза помош, но момчето набрзо паѓа во клиничка смрт. Момчето Јосип Матиќ, со 22 години, умира. Против полицаецот е поведена кривична постапка  за нанесување тешки телесни повреди со смртна последица.

Лекарите од болницата каде што умрело момчето од неговите родители ги побарале неговите органи, за да спасат четири животи. Момчето било спортист. Органите сепак не биле пресадени. Таткото се согласил, но мајката не .

Дека вака ќе се одвиваат работите во модерната заедница, Ниче(„Генеалогија на моралот“), забележал уште во деветнаесетиот век:

„Со зголемената моќ, заедницата повеќе не им придава толку важност на престапите на поединците, бидејќи тие не и изгледаат толку превратнички опасни за опстанокот на целината како порано: злосторникот повеќе не се става „надвор од законот“ и не се протерува, општиот гнев повеќе не смее кон него да се манифестира така безобѕирно како порано-дотолку повеќе, отсега заедницата внимателно ќе го брани злосторникот и ќе го зема во заштита од гневот, особено од гневот на непосредно оштетените. Компромис со гневот на оние кои што со злоделото се непосредно погодени; настојување случајот да се локализира и да се предупреди пошироко, или дури општото учество и вознемирување; обиди да се најдат еквиваленти и целата ствар да се изглади(compositio-помирување); и пред се, се поодредено манифестираната волја, секој престап на некој начин да се смета за надокнадив, значи, барем во извесна мера злосторникот и неговиот чин да се одвојат едно од друго-тоа се цртите, кои што во понатамошниот развој на казненото право се се повоочливи. “

И во ЕУ, која што Ниче ја предвиде и нацрта во своето дело, работите не се битно поинакви. Кон крајот на 2007 група млади го слават роденденот на една девојка. Групата сака да се забaвува во „Глобал“ во центарот на Љубљана, но обезбедувањето не им дозволува да влезат. Дваесетгодишното момче Гроразд Чамерник му дофрла неколку навредливи зборови на обезбедувањето. Групата доброволно се одалечува од локалот. Разгневениот обезбедувач Давид Буковец преку радио врска го повикува обезбедувачот Сеад Суљновиќ. Овој вториов е шеф на обезбедувањето, кој што работи на црно. Двајцата трчајќи ја стигнуваат групата млади. Давид Буковец прв го удира Горазд Чамерник во главата и со тоа му ја покажува целта на Сеад Суљановиќ кој што пристига на местото на настанот. Наизменично почнуваат да го претепуваат и му задаваат 11 удари. После неколку удари во глава, момчето паѓа на земја, а тие продолжуваат да го удираат со нозе. Престануваат да го тепаат. Момчето се обидува да стане и успева во тоа. Суљановиќ се враќа и повторно го удира во глава. Овој удар е смртоносен. Момчето повторно паѓа на земја и тешко ја повредува главата. После неколку дена умира.

Судот им изрекува казна затвор во траење од осум години на двајцата обвинети. Обвинителот бараше дванаесет години, а еден од најдобрите адвокати во Словенија Франци Матоз, ангажиран од таткото на момчето се прашува, „дали е можно на поодвратен и побрутален начин со некого да се пресметаш за да добиеш највисока казна од 15 години затвор“. Второстепениот суд ја потврдува изречената казна.

Таткото на починатото момче по две години од настанот вложи цивилна тужба против осудените Давид Буковец и Сеад Суљановиќ, против сопственикот на друштвото за обезбедување „Вип Варовање“ Данијел Праштало, против осигурителната компанија Марибор и против Република Словенија и побара 130.000,00 евра.

Како што страшниот пример на недостаток на сожалување го најдовме кај Шопенхауер(„Етика“), така и убавиот пример на сожалување го наоѓаме кај него во еден историски пример од петтиот век, за бискупот Паулинус:

„Откако тој за откупнина за заробените ги дал сите богатства на црквата, неговите богатства и на неговите пријатели, и кога ја видел тагата на една вдовица чиј што единствен син бил заробен, тој и понудел самиот да оди во заробеништво наместо нејзиниот син. Затоа што секој што бил на таа возраст, и сеуште не бил паднат од меч, бил одведен како заробеник во Картагена.“

Ми паѓа на памет идеја за контролирање на гневот на полицајците и обезбедувачите. За случаеви како овој што се случи кај нас. За случаеви како оние што ги опишав(Херватска и Словенија). После таков настан, полицаецот да се затвори во иста просторија со Фјодор Емилијаненко…

„Илјадниците, што пред нашите очи живеат мирен сооднос, треба да се гледаат како тигри и волци чии што силни вилици се осигурани преку уште посилни вилици(Шопенхауер, „Етика“).“

Се разбира дека „тигрите“, „алфите“, „волците“, се уште посилните вилици на државата кои што треба да не штитат од внатрешните тигри и волци, како и од надворешните. Затоа е толку силен гневот. Државата потфрлила при извршувањето на најважната функција. Но, да го почекаме исходот на судската постапка.

  •