Македонија не ја загуби војната
(трет дел)

Г.Р.Бериџ(DIPLOMACY-THEORY AND PRACTICE, Palgrave Macmillan, Bsingstoke, Hanpshire, 2005) уште од фазите на припрема на преговорите знае кој е победник, а Ванквска и десет години по војната тврди дека Македонија загубила.

Бериџ уште од фазата „согласност за преговори“ заклучува кој е победникот. Од фактот кој бара преговори заклучува кој е победник. Било која страна, со која што се поврзува сомневање дека е во послаба позиција, може да поверува дека е потребно токму во тој момент да ја подигне температурата во конфликтот, едновремено испраќајќо сигнали за преговори. Третите страни(во нашиот случај олеснувачите), наместо да покажат гестови на добра волја, можат да го зглемат притисокот со цел зачувување равнотежа, или пак, од домашните заговорници на тврда линија. Освен тоа, доколку моќните трети страни, сами се наметнат како посредници (како што беше во Македонија 2001 година), тие ќе бидат способни сами да создадат ситуација на ќорсокак, на пример преку „канализирање“ на доставување на вооружување на завојуваните ривали. Во јавност и во некои медиуми, можеше да се сретне дека македонските безбедносни сили добиле одреден рок за Арачиново. Доколку во тој рок моќните трети страни прават се Арачиново да не падне, ете ви ќорсокак.Во ова фаза очевидна беше надмоќноста, но падот на Арачиново ќе го попречеше остварувањето на правото на внатрешно културно самоопределување на Албанците, па меѓународната заедница и помогна на ОНА за да задржи некаква равнотежа.

Во фазата на утврдување на дневен ред, воопшто не дојде на дневен ред територија, зашто територија ОНА  и немаше.

Бериџ од многу поситни детали на ова фаза заклучува за победникот. Не само од дневниот ред, туку и од редоследот на дневниот ред, тој може да заклучи за победникот. Бидејќи од дневниот ред, може да се насети договорот кој што ќе биде постигнат. Од содржината на дневниот ред може да се добие информација дека една страна, веќе направила отстапки, кога се суштествените проблеми во прашање. Совршен пример за тоа е расправата за дневниот ред помеѓу Владата на Салвадор и коалицијата на побунети (ФМЛН), кон крајот на осумдесетите години на минатиот век. ФМЛН сакал постоечките војни сили на Салвадор да бидат распуштени. Поради тоа, изразот што го предложил во врска со ова точка на дневниот ред бил „иднината“ на вооружените сили. Спротивно на тоа, владата инсистирала на расправање за „реструктурирање“ на вооружените сили, или уште поточно „модернизација“. Прифаќањето на овој последен израз од страна на ФМЛН, претставуваше јасна индиција, дека го прифатиле ставот на владата, дека вооружените сили не можат да бидат распуштени, што предизвикало одредени контраверзи.

Доколку со помош на индукција, заклучуваме за војната во Македонија во 2001 година, во ниеден момент не беше вакво прашање на дневен ред, па оттука, овој заклучок може да послужи како контрасилогизам за оние кои што тврдат дека Македонија ја загубила војната, со примена на правното начело a fortiori ratione, како и правното начело analogia ad contrarium.

Од третата фаза „согласност за процедурата“, можат да се откријат многу работи. Оваа фаза треба да одговори на четири прашања: а)облик на преговорите, б)место, в)ниво на преговарање и г)време на одржување.

Кога станува збор за обликот(формата) на преговорите, се мисли на тоа, дали преговорите ќе бидат дирекни(„лице в лице“), или индиректни. Послабите се склони да преговараат на мултилатерален форум, бидејќи тоа им овозможува поддршка (така беше во Охрид за ОНА).

Местото на одржување на преговорите може, исто така, да има влијание на преговарањето. Доколку едната страна успее својот противник да го убеди да дојде на територија која што е такаречи со чисто Македонски народ, како што е Охрид, а воедно да го потенцира Христијанството 365 цркви, тоа за неа има голема практична предност. Според Бериџ, тоа веднаш ќе значи дека таа е помоќна. Нема сомнени дека оние што му одат некому на нога, губат доста и од својот углед. Да беше поинаку, преговорите ќе се одржеа на неутрален терен (Бугарија, Црна Гора), или на „пола пат“, но таков немаше, бидејќо ОНА немаше територија, освен Арачиново, но и од таму беа извлечени.

Третата процедурална работа е нивото и составот на делегацијата за преговори. Проблемот настанува кога едната страна не се согласува да учествува на било кое ниво, доколку другата страна учествува. Таков пример е израелскиот. Имено, во 1977 година Израел не сакаше да се согласи да учествува на било каков собир, на кој што би учествувала Палестинската ослободителна организација. Зад ова се криело суштински важно прашање; доколку Израелците би прифатиле учество на Палестинците, тие на тој начин би го признале посебниот палестински идентитет, а со тоа, врз основа на правото на самоопределување на народите и правото на Палестинците на нивна сопствена држава. Ставот на израелската политика бил, дека би било многу подобро, доколку таканаречените „Палестинци“, доколку воопшто има потреба, да бидат претставувани на собирот, во составот на јорданската делегација, бидејќи во Израел било широко распространето мислењето дека „Палестинците се во стварност Јорданци“(Сега ви станува појасно, зошто би било подобро за Грците да сме Бугари).

Поради тоа, колку и да се маргинализираат средбите помеѓу грчкиот и македонскиот Премиер, тие би требало да бидат доказ за  македонскиот идентитет. Проблемот е во тоа што со Привремената согласност се минира нашиот идентитет, односно имаме преземено обврска, да преговараме за нашето име.

Да се вратиме на оваа фаза на нашиот случај. На ОНА воопшто не и беше дадена можност директно да преговара, што многу јасно говори за односот на силите.

Последната фаза, или времето на преговорите, исто така многу кажува за тоа кој победил. Нема кому не му е јасно, кому му се брзаше за преговори и колку беше притискана Македонија во тој правец.

Крај.

  •