Македонија не ја загуби војната
(втор дел)

Сега гледате, како убаво се вклопи моето инсистирање на правото на самоопределување во спорот со Грција и во војната од 2001. Па што мисли Ванковска; зарем ние доколку ја изгубевме војната 2001, денес ќе се викавме Македонци?

За полесно да се сфати зошто и покрај поразот на ОНА, Албанците добија „Рамковен“ договор, претходно треба да се познава меѓународното право и фактот дека ЕУ го напушти концептот на национална безбедност и го преферира концептот на меѓународна безбедност.

Пред да направам правен силогизам дека „Рамковниот“ не е пораз, туку примена на меѓународното право, треба да се признае дека во комунистичка Југославија, а подоцна самостојна комунистичка Македонија, системски се кршеа човековите права во Македонија. Како и во Југославија порано и во самостојна комунистичка Македонија (и денес е комунистичка), некои „поштени Албанци“ служеа за декор дека не им се прекршуваат човековите права. Албанците не ги интересираше дека и најголемиот дел од Македонците се жртви на комунизмот. Тие сакаа огромен дел од Македонија и своја држава, а по воениот пораз, се задоволија со човекови права.

Овие човекови права им припаѓаат согласно Меѓународниот пакт за граѓанските и политичките права на човекот и граѓанинот. Тие се наоѓаат во членот 27 од Пактот, каде што теоријата на меѓународното право го пронаоѓа правото на внатрешно културно самоопределување. Веројатно советувани од меѓународната заедница, Албанците по воениот пораз се пронаоѓаат тука и меѓународната заедница со „Рамковниот“ им дава она што и онака им припаѓа; право на внатрешно културно самоопределување.

Ова право на внатрешно културно самоопределување му се дава само на малцинство, што значи не само на внатрешен план, туку „Рамковниот“ и на меѓународен план го потврдува статусот на малцинство. За да можете веднаш да се убедите во вистинитоста на моето тврдење еве го членот 27 од Пактот:

Во државите, каде што постојат етнички, верски или јазични малцинства, лицата кои припаѓаат на тие малцинства не можат да бидат лишени од правото да имаат, заедно со другите членови на својата група, свој посебен културен живот, да ја манифестираат и да ја исполнуваат својата сопствена вера или да се служат со својот јазик.

Од горното се гледа дека Албанците добија само културни права со „Рамковниот“.

Но, поради ставовите на Ванковска и слични на неа, во Македонија се тврди дека Македонија е федерална држава, а ваквите невистинити ставови повеќе и штетат на Македонија отколку војната.

Ниедна пропаганда на поразените албански милитаристи не може толку добро да им ја подготви почвата за нова војна од овие тврдења.

Уште пострашно е што и Владата ги прифаќа ставовите на Ванковска и нејзе слични и прави отстапки што немаат никаква врска со културни права.

Еве го правниот силогизам

ГОЛЕМА ПРЕМИСА: Етничките заедници во една држава имаат право на внатрешно културно самоопределување (Член 27 од Пактот)

МАЛА ПРЕМИСА: Албанците во државата Македонија се етничко малцинство(според последниот попис, околу 25% се изјаснија како етнички Албанци)

_____________________________________________________________________

КОНКЛУЗИЈА: Албанците како етничко малцинство во државата Македонија, имаат право на внатрешно културно самоопределување („Рамковен“)

И сега, наместо како цивилизиран народ кој што на Албанското малцинство му дозволил да го оствари правото на внатрешно културно самоопределување, да побара исто такво право за Македонците во Грција, Бугарија, Албанија и Косово, ние поради невистините на Ванковска, кои што ги побив со правен силогизам, сакаме да им го одземеме тоа право на Албанците како малцинство во Македонија.

Не е точно ниту тврдењето на Ванковска и нејзе слични дека територијалната поделба е федерализација.

Територијалната поделба е концепт на ЕУ, кој што воедно е средство за постигнување на друга цел, а тоа е меѓународна безбедност, наместо како досега(национална безбедност).

На заговорниците на на концептот за меѓународна безбедност, односно концептот на ЕУ (интеграција и фрагментација) им се префрла фрагментацијата на различни држави со истакнување на СССР и СФРЈ, каде што настанаа нови проблеми со границите, малцинствата и организациските идеологии, кои што предизвикуваат се поголема регионална нестабилност. Како реакција на ова се појави аргументот дека централно внимание на аналитичарите за безбедност треба да бидат етнонационалните заедници, а не државите како досега.

Само навидум противречниот процес на глобализација (ЕУ) и фрагментација („Рамковен“), не само што е во склад со меѓународното право, туку и најмногу и одговара на Македонија. Македонија има сразмерно најмногу народ надвор од Македонија (Грција, Бугарија, Албанија, Косово) и најмногу и одговара фрагментацијата („Рамковен“ за Македонците надвор од Македонија) со истовремена Глобализација (ЕУ) и паѓање на границите, како што беше во СФРЈ. Границите ќе постојат само уште во нашите глави, односно административно.

Наместо да не заплашува со територијалната поделба, полесно е за Ванквска да го погледне примарното и секундарното право на ЕУ. Нека појде до Словенија и нека види со каква леснотија се формираат нови општини. Потребен е референдум. Значи, народот одлучува како ќе изгледаат општините и колку ќе ги има. Доколку некој си замислува поинаку, тука е Уставниот суд (се надевам лустриран). Така, Уставниот на Словенија непочитувањето на одлуката од Парламентот ја санкционира така што самиот Уставен формира општина Анкаран (на море).

Концептот на меѓународна безбедност, односно концептот на ЕУ, според мене наоѓа упориште во учењето на Ниче, „Путник и његова сенка“, каде што заговара обединување на Европа по систем на кантони. Секоја држава би станала кантон, а границите на малите кантони би се повлекувале во интерес на големите кантони. Самиот бил професор во Швајцарија, па голема е веројатноста од лично искуство да го почувствувал квалитетот на кантоналниот систем.

Доколку се покаже дека моите аргументи се правилни, тогаш „Рамковниот“ и територијалната поделба на државата не се грешка. Ова уште повеќе, ако се има во предвид дека согласно член 27 од Пактот, малцинствата имаат право само на внатрешно културно самоопределување (Албанците), додека само народот (Македонците) имаат право на надворешно самоопределување врз основа на член 1 став 2 и член 55 од Повелбата на Обединетите нации, кое им припаѓа само на народите. Јас тврдам дека ова право ни припаѓа erega omnes (што значи и кон Грција) и се залагам преку „Стратегија“ и научниот труд да го добиеме преку суд, а Владата се пазари со Грција и се однесува како да сме малцинство во државата Грција, а не самостојна независна држава.

Од досега стореното, Македонија е на најдобар пат да послужи како успешен експеримент дека концептот на ЕУ функционира. Тој не функционира само според комунистичките глави.

Сега треба да се направи, тоа што функционира во Македонија, да функционира и во Грција и во Бугарија (со Србија, Албанија и Косово оди полесно).

Продолжува…