Европската Унија и Македонија

„Големото име знае да ги понижи наместо да ги воздигне оние што не знаат да го одржуваат“ (Франсоа Ларошфуко, „Максими“)

Името Македонија почна да ја понижува ЕУ. Нејзините заблуди и трикови предизвикуваат неправда, која е мерлива. Шопенхауер („Етика“) ја дава формулата: „…големината на неправедноста на мојата постапка е еднаква со големината на злото што преку тоа ќе му го нанесам на друг, поделена со големината на користа што јас самиот преку тоа ќе ја добијам…“.

Големината на злото е позната. Кршење на основното колективно човеково право, правото на самоопределување од член 1, став 2 на Повелбата, како општо меѓународно право – ius cogens.Но колкава е користа на ЕУ? Колку е помала користа на ЕУ, толку е поголема неправдата. А тука е проблемот: колку е поголема неправдата, толку повеќе губи ЕУ од статусот на најцивилизиран дел на светот. Толку е поголемо понижувањето.

Членките на ЕУ тврдеа дека мора да се солидарни со Грција врз основа на член 2 од Спогодбата за востановување на Европските заедници (97/Ц 340/03). Меѓутоа, тоа не е вистина: „…доколку постои противречност помеѓу обврските на членовите на Обединетите нации според Статутот и нивните обврски по кој било меѓудржавен договор, преовладуваат обврските од овој Статут“ (Бенедето Конфорти, „Меѓународно право“, шесто издание, словенечки превод, Љубљана, 2005, страница 177).

Според членот 53 од Виенската конвенција за договорно право, ништовни се договорите што се во спротивност со императивните норми на општото меѓународно право (ius cogens): ништовен е секој договор што во моментот на своето склучување е во спротивност со императивна норма на општото меѓународно право. А според член 30 од Виенската конвенција за договорно право, член 103 од Повелбата е иус цогенс што одредува предност на Повелбата и Статутот над сите норми што им противречат.

Мој несоборлив доказ е што самата ЕУ во преамбулата тврди дека нејзиното право ќе биде во согласност со Повелбата: „Во тој поглед е илустративна преамбулата на Спогодбата за европските заедници, каде што не е истакнато, пред сé, настојувањето за постигнување федералистички цели, туку намерата ‘да се развива благосостојбата на државите-членки во согласност со начелата на Повелбата на Обединетите нации‘“ (Бенедето Конфорти, „Меѓународно право“, словенечки превод, Љубљана, 2005, страница 177).
По ова, има ли некој кому не му е јасна надмоќноста на иус цогенс? Уште ли некој не ја гледа надмоќноста на Повелбата на Обединетите нации над Спогодбата на европските заедници?

Доколку ЕУ била ставена во заблуда од Грција, јас ја отстранив заблудата дека солидарноста е пред иус цогенс. Според Аристотел, некој што е во заблуда може да се повреди себеси: „Имено, оној што лесно од друг е доведен во заблуда, а тоа не го забележува, често се излага на опасност самиот да го претрпи истото од самиот себеси“ („Органон“, српски превод, Белград, 1970, страница 618).

Еристичките трикови на Шацимаркакис ги одбивам со помош на генијалните мисли на едно германско мажиште, како што е Шопенхауер („Светот како волја и претстава“). Тој нé учи дека доколку има и грам волја, судот е подмитен и не може да му се верува. А кај Шацимаркакис има многу грчка крв. Многу волја.

Омилен еристички трик на Јелко Кацин е „Страшило“. Имено, точно е дека ЕУ нам ни вели „решето го спорот“ (член 33 од Повелбата), но Кацин тоа го преформулира во „направете компромис“ (ни наредува како да го решиме). Според проф. д-р Јанез Брегант и проф. д-р Борис Везјак, овој трик настапува тогаш кога за да го побиеме ставот на противникот и полесно да го отфрлиме, го претставуваме погрешно. Тоа го правиме така што оригиналното тврдење го заменуваме со ново: „Јоже Слаткоречив тврди дека ‘Младина‘ е најчитан политички неделник кај нас. Самиот пак, мислам дека се лаже. Со оглед на тоа што на ‘Младина‘ и недостига непристрасност, далеку е од тоа дека би била најдобар словенечки политички часопис“ (Јанез Брегант и Борис Визјак, „Заблуди и грешки во аргиментацијата“, Марибор, 2007). Во примерот, „најчитаниот неделник“ е заменет со „најдобар неделник“ за полесно да биде побиен. Кацин, пак, „решете го спорот“ го заменува со „направете компромис“.

Кацин е известувач на Европскиот парламент за Србија. На 19.2.2011 година „Словенске новице“ објави дека Србија го прогласила за персона нон грата (непожелна личност). Поради мешање во внатрешните работи.

Впечатливо е мислењето на Јанша за Кацин. Кацин му беше заменик на Јанша, кога овој беше министер за одбрана, па затоа е компетентен да зборува за неговиот карактер: „За Јелко Кацин, целта ги оправдува средствата. Тој е сосема без идеи и концепти, меѓутоа послушно и опасно орудие, кога со нив некој ќе му ја наполни главата“ („Ровови“, Љубљана, 1994, страница 278).

Објавено во Нова Македонија на 01 април 2011

  •