Запрете ги!

Потребен е долготраен напор во борбата против злата што не се прекинуваат и обилни се, не за тие да престанат, туку да не победат (Сенека, „За гневот“)

Лустраторите едногласно одлучиле да биде лустриран еден судија на Уставниот суд, кој уште од средно училиште соработувал со тајната комунистичка полиција. Веродостојноста на оваа установа е сериозно разнишана. Итна е потребата од носење закон за Уставниот суд, за дерогирање на неговиот деловник и за нов состав на судот.

Според моја процена, успешната приказна на оваа влада почна да се тетерави, откако Уставниот суд ја укина веронауката. Го почувствував тоа и објавив колумна во „Нова Македонија“, каде што направив контрасилогизам на одлуката на Уставниот суд, дека тој ги прекршил човековите права. Падна екстерното. Повторно напишав колумна, во која направив контрасилогизам дека Уставниот ги прекршува човековите права. Имаше доволно време за Европскиот суд за човекови права, но Владата ништо не направи. Уште пред да падне лустрацијата, напишав колумна во која направив правен силогизам во корист на оспорените одредби од законот. Падна лустрацијата. Уште пред Уставниот суд да одлучува за границата со Косово, напишав колумна со која докажав дека со деловникот овој суд вградил норми на кои местото им е само во Уставот. Владата ништо не презеде. Летово, во колумна докажав дека системски се прекршува човековото право на суд со Законот за парнична постапка. Ова што сега се прави со предложените измени и дополнувања на законите за управни спорови и за судовите е грубо прекршување на човековите права, членот 6(1) од ЕКЧП, Владеење на правото.

Се воведува Виш управен суд, поради импресионираност од Уставниот суд.
Во образложението на У.бр.231/2008 од 16 септември 2009 година, Уставниот суд како главни причини за својата одлука ги наведува:

1. нема рок за изјавување жалба
2. не е назначен судот што е надлежен да одлучува по жалба
3. Уставниот суд бил поставен како првостепен суд и
4. селективност за изјавување жалба

Прво, не е точно дека Законот нема рок за жалба. Во членот 51 е одредено дека Законот за парнична постапка ќе се применува доколку тој не содржи одредени одредби за постапката, а Законот за парнична постапка во членот 337, став 1, одредил дека рокот за жалба е 15 дена.

Второ, не е точно дека не е назначен судот надлежен да одлучува по жалба. Во членот 63, став 1 од Законот, одредено е дека Врховниот суд одлучува по жалба, што е сосема доволно за да се заклучи дека во другиот случај во кој е дозволена жалба, надлежен е Врховниот суд.

Трето, и апелациските судови, кога носат одлука со која ја преиначуваат првостепената одлука, се првостепени судови во однос на Врховниот суд.

Република Словенија, која е членка на ЕУ и мора да има законодавство во согласност со ЕУ има, исто како и ние, само еден управен суд. И во словенечкиот закон за управни спорови (2006 година) во членот 11 категорично стои дека во управните спорови во прв степен одлучува управниот суд, но за Словенците тоа не е причина да прават виши суд. Ним им е јасно дека тој е првостепен во однос на Врховниот суд.

Четврто и според словенечкиот закон, според членот 73, е дозволена жалба, само доколку управниот суд утврди поинаква фактичка положба, од она што ја утврдил управниот орган.

Значи не се работи за селективност, туку за доследна примена на членот 13 од Европската конвенција за човекови права, Право на ефикасно правно средство.

Имено, доколку управниот суд, врз основа на фактичка положба што сам ја утврди и донесе поинаква одлука од управниот орган, а не им даде право на жалба на странките, би го прекршил правото на ефикасно правно средство.

Уставниот суд погрешно го разбира правото на жалба. Тоа право кај нас е обезбедено уште во управната постапка и нема никаква потреба за жалба по повод одлука на Управниот суд, освен исклучокот што го образложив.

Секако дека нашиот закон може да биде подобар, но во никој случај не треба да се формира виш управен суд. Неминовно е да се поправи членот 4 алинеја втора и да се додаде поимот жалба. Исто така е добро да се внесат одредби за ревизија. Така ќе стане појасно дека Управниот суд има ист статус со вишите судови. Така направија Словенците.

Тоа што овој закон е донесен во време на СДС, а Уставниот прави нова грешка, не значи дека сиот бес треба да се искали на овој закон и Македонија да се товари со ново бреме.

Објавено во Нова Македонија на 29 септември 2010

  •