Закон и естетика
Законот е ум без страст – (Аристотел, „Политика“)
Без оваа мисла, дури и еден забавен филм сметаше дека не може да помине. Тие што го гледале „Русокосата на Харвард“, се сеќаваат дека првото прашање на правниот факултет беше кој ја изговорил ова реченица. Важните работи се уредуваат со закон. А бидејќи законот е ум: „Доколку сакаш сé да покориш, покори му се ти на умот (Сенека)“.
Против проектот „Скопје 2014“ се изречени многу негативни квалификации, што потекнуваат од повеќе науки. Тоа претставува кршење на логичната доследност во форма на непознавање на спорната точка. Многуте зборови предизвикуваат збрка. Се обидуваме да докажеме дека нешто не е во склад со тоа што треба да се докаже. Оваа логичка грешка, обично ја прават оние што немаат „око за тоа што е суштествено“. Меѓу правниците, оваа грешка најчесто ја прават адвокатите, бидејќи нивна работа е да направат правен силогизам во тужбата, односно контра силогизам во одговорот на тужба, а тоа е најтешката работа. Шопенхауер вели дека е лесно да споредиш поим со поим, тешко е да споредиш поим со настан. Ова тој го нарекува моќ на судење и смета дека за разлика од заклучувањето, за кое што е способна и просечна глава, моќта на судење е најретка во човековиот род.
Во конкретниов случај, јас сметам дека спорна точка е само дали проектот „Скопје 2014“ е во склад со закон или не. Сé друго е ирелевантно. Дека е така, говори и фактот што Бранко Црвенковски побара референдум, што оди во прилог на заклучокот дека нема ништо незаконито. Во спротивно, тој како опозиција тоа би го искористил да поведе судски постапки, со кои би ја добил наклонетоста на гласачите, претставувајќи се како заштитник на законот. Токму заради тоа тој бара референдум, со кој што може да се промени проектот. А дали со референдум може да се промени проектот, не е тема на овој текст.
Еден пример во Државниот суд на Германија, Шнајдер го нарекува „вистински бедно“ судење. Имено, овој суд расправал за прашањето дали тој што му продал оружје на дете е одговорен за штетата што ја направило детето со оружјето. Судот, најпрво расправал за хипотетички случај; како би било, доколку оружје би купил возрасен човек и дошол до заклучок дека во тој случај не постои одговорност. На изненадување, судот заклучува: „Не е незаконито доколку дете, додуша само, ама со дозвола на родителите купи оружје. На ова одговара и нашиов случај, според кој родителите, или некој од родителите, дополнително и пред да се случи несреќата, го дозволи купувањето и предавањето на оружјето на детето.“ Од суштествено значење за ова тема е и естетскиот суд.
На правниците им е јасно дека естетскиот суд го имал предвид законот и заради тоа го предвидел во процесните закони како претходно прашање.
Што е друго, ако не решавање на претходното прашање, распишувањето конкурс, по кој што одлучува конкурсна комисија составена од компетентни стручњаци што даваат естетски суд, дали понудената работа е убава или не.
Доколку не е спорно дека архитектурата е уметничко обликување на просторот, уметноста дејност чија што цел е создавање дела со естетска вредност, а естетиката филозофска дисциплина која го проучува убавото и човековиот однос кон убавото, веќе сме кај Кант. Според Шопенхауер, тој ја има напишано најдобрата естетика, позната како „Критика на моќта на судење“. Според Кант пак: „Убаво е она што без поим предизвикува општо допаѓање“. Значи естетскиот суд е најсубјективен и со ова е кажано сé за оние за кои е наменета убавината. Сосема е доволно најголем дел од луѓето да изјават дека „Мона Лиза“ е убава, „Зајди, зајди“ е убава, Париз е убав. Тоа се естетски судови. Или, дека Македонија е убава земја, Словенија има убави шуми, убави се филмовите на Манчески. Песните на Тоше Проески.
Естетскиот суд не бара логички силогизам. За да ни биде уште полесно, Кант нé поучува дека пријатно, убаво и добро означуваат три различни односи спрема чувството на задоволство и незадоволство. Тој вели дека само допаѓањето на вкусот, кое што потекнува од убавото, претставува незаинтересирано и слободно допаѓање, бидејќи никаков интерес не го изнудува. Може да се рече дека во сите три спомнати случаи, допаѓањето стои во врска со склоноста, со милоста, или со почитувањето. Секој интерес претпоставува потреба и како одредбена причина за допаѓање, интересот не дозволува судот за предметот да се смета за слободен. Значи, само милоста претставува слободно допаѓање.
Објавено во Нова Македонија на 13 февруари 2010
Последни коментари