Вакцина против „опинион мејкери“

„Доколку си учел многу учења, не сметај дека тоа е твоја заслуга, бидејќи заради тоа си создаден“ (Талмуд)

Македонците што се препознаваат во ова мисла треба да се свесни дека се создадени да пронајдат вакцина, а не да очекуваат материјални добра, сметајќи дека е нивна заслуга што се паметни. Не, тие се создадени такви за потребите на Македонија и надвор од тоа немаат смисла, па дури се и непотребни.

Најопасна болест што може во моментов да ја нападне Македонија е да се создаде јавно мислење дека промената на името не е промена на идентитетот.

1.

Во стерилни услови, во голема епрувета најпрво ставаме многу мудрост на Филип (според Цицерон, „За говорникот“, најмудриот крал на светот) и дипломатски вештини на најдобриот дипломат на светот (Сенека, „За гневот“). Еве и слика за ова што го кажав. Сенека нé известува дека во Македонија дошла дипломатска мисија. Во мисијата на Атињаните бил и татко му на Демостен, Демохар и самиот говорник: „Откако ги сослуша благонаклоно дипломатите, Филип им рече: ‘Кажете ми, што би можел да направам, што би им било драго на Атињаните?’. Демохар ги прифати овие зборови и одговори: ‘Да се обесиш‘. Вака грубиот и неочекуван одговор, предизвика гнасење на оние што стоеја наоколу; Филип на овие им нареди да замолчат и овој Терзит да го пуштат здрав дома.’А вие преостанати дипломати’, рече Филип, ‘кажете им на Атињаните дека многу понадуени се оние што вакви зборови говорат, отколку оние што без одмазда ги слушаат’.“

Бидејќи Атињаните повторно ни велат да се обесиме, повторно ќе постапиме како Филип.

2.

На мудроста на Филип примешуваме логика на Аристотел и притоа внимаваме најзастапен да биде првиот закон на мислењето, Законот за идентитет. Овој закон е особено ефикасен против аргументациските заблуди и гласи: Секој предмет е идентичен со себеси: А е А и мора да остане А. Доколку, на пример, Македонија го промени името во Северна Република Македонија, Република Македонија е Северна Република Македонија и се прекршува првиот закон на мислењето, законот за идентитет и А не е А. Со каков било компромис се прекршува првиот закон на мислењето, законот за идентитет. Еве слика. Познато е дека Бранко Црвенковски, пред заминување, од Словенија го донесе „разумниот компромис“. Новиот претседател го зграпчи. Како може да се прави разумен компромис за идентитет ако не е разумно да се прави компромис за идентитет. Доколку еден човек со друг човек направи разумен компромис, неговата жена да има односи со друг човек, дали тоа ја прави таа жена верна само поради тоа што мажот и и другиот човек склучиле разумен компромис еднакво да ја „користат“? Дали е разумно да се прави компромис за верноста на неговата жена? Жената или е верна, или е неверна. Односно и многу неверната жена и малку неверната жена си остануваат порочни.

3.

Во епруветата додаваме способност за мечување. Се разбира мислам на дијалектичко мечување, во кое е најважно да се парира на секој удар што ќе го зададе „опинион мејкерот“ (комунист, соросоид).

Ова компонента е важна, бидејќи според Шопенхауер, да се има свое мислење е неверојатно тешко („Светот како волја и претстава“). Според него, само малкумина имаат свое мислење. Меѓутоа, сите имаат мислење и го прикажуваат како свое, а во стварност го позајмиле од оние малкумина што имаат свое мислење.

Ова тврдење ги исфрла во преден план оние што на „опинион мејкерите“ им даваат мислење, а овие преку медиумите и на други начини, го посредуваат ова мислење како свое. Еве слика. Кога еден „опинион мејкер“ (комунист) го наговараше премиерот во еден весник да ги прифати неговите предлози (а неговите предлози се промена на името) за да стане историска личност, јас дијалектички парирав, така што во „Нова Македонија“ напишав дека господинот користи аргументациска заблуда аргументум ад супербиум (повикување на ласкање). Кога друг „опинион мејкер“ (соросоид), во телевизиска емисија постави прашање дали Владата ќе се откаже од притисоците врз Уставниот суд, јас дијалектички парирав во „Нова Македонија“, така што посочив дека во прашањето има скриен петицио принципи, што би можело да се поедностави дека на две прашања не може да се даде само еден одговор.

Дијалектичкото мечување, односно парирање, треба да се практикува и врз пријателите. Како што мајка од невнимание може да го инфицира своето дете, така и пријател од невнимание може да повреди, или да нанесе штета.

Еве слика. За разлика од еден советник на претседателот, кој не е убеден во искрените намери на САД, јас сум поблизок до ставот на еден популарен коментатор на статиите на „Нова Македонија“, дека САД си го кажаа своето со актот на признавање. И според мене, по Русите, Американците ни се најсигурни. Но овде мораме да се потпреме на зборовите на Кисинџер (проф. д-р Владо Бенко, „Меѓународните односи и јавноста“), кој рекол дека Американците имаат голема склоност кон избор на оние интерпретации на тековните трендови во надворешната политика, кои бараат најмалку напор. Доколку овој став на Кисинџер се земе како голема премиса, логична станува малата премиса, односно инцидентното „притискање“ на амбасадорот Рикер, но уште пологично е да му се стави на знаење од наша страна дека САД се наш пријател, кој нé признал под името Република Македонија и разговорот е завршен, а ефектот постигнат.

Со помош на овие три состојки се добива вакцина што штити од „опинион мејкери“ насочени против идентитетот на Македонија. Се аплицира еднаш годишно. Нејзиното дејство е универзално, така што слободно можете да патувате и во странство, заштитени сте и таму. Треба да се зема секоја година, а во секоја наредна вакцина треба да се додаваат дијалектичките одговори на аргументациските заблуди што се појавиле од претходното до наредното земање на вакцината.

Објавено во Нова Македонија на 7 мај 2010

  •