Тужба за ништавност на Привремената спогодба

Доколку ниеден човек не сака да стане бог за да ги поседува сите добра на овој свет, туку сака да си остане она што е, зошто Македонецот би сакал да стане некој друг, за да стане дел од Европската Унија? Виде ли Грција плашливост кај нас Македонците, или некаква наша глупавост, па ни го смисли ова?

Антигона го ризикувала својот живот, сметајќи дека природното право да го погребе својот брат е посилно од правото на Креонт, кој забранил братот да се погребе, велејќи го следново за природните закони: „од денес не се тие, ниту од вчера не се, туку вечно важат, никој не знае од кога се (Софокле, ‘Антигона‘)“. Доколку правото на погреб е природно право, уште повеќе, правото на живот е природно право.

Кога Македонија ќе истакне приговор дека е во спротивност со меѓународното право да се преговара за името, ЕУ и ОН велат дека сме во право, но дека самите сме се согласиле со Привремената спогодба да преговараме. Поинаку кажано, ЕУ и ОН ни велат дека тоа навистина е неправда, но дека сами сме си ја нанеле таа неправда. Дали е така? Аристотел во петтата глава на „Никомахова етика“, која ја обработува областа правда и правичност, тврди дека: „…да се ‘трпи неправда‘ не може да биде нешто посакувано“.

Причина за ништавност на Привремената спогодба претставува фактот што во неа има одредби што се во спротивност со меѓународното право.

Според членот 53 од Виенската конвенција за договорно право, ништавни се договорите што се во спротивност со императивните норми на општото меѓународно право. Од одредбата на членот 30, став 1 на Виенската конвенција за договорно право, може да се заклучи дека во дефинирањето на ништавноста заради прекршување на императивна норма на општото меѓународно право, влегува и членот 103 на Повелбата на Обединетите нации, кој гласи:

Доколку постои противречност помеѓу обврските на членовите на Обединетите нации според оваа повелба и нивните обврски по кој било меѓудржавен договор, преовладуваат нивните обврски по оваа повелба. Во конкретниов случај, Привремената спогодба има две норми, кои се во спротивност со императивните норми на општото меѓународно право. Членот 5, став 1 одредува:

1. Страните се согласуваат да ги продолжат преговорите под покровителство на генералниот секретар на Обединетите нации, според Резолуцијата 845 (1993) на Советот за безбедност, со намера да се постигне договор за разликите наведени во таа резолуција и во Резолуцијата 817 (1993) на Советот за безбедност.

Цитираната норма е во спротивност со членот 8 од Европската конвенција за човекови права, кој го вклучува и правото на име, односно идентитет.

Повикувањето на овие резолуции не може да го отстрани овој недостаток, бидејќи тие се во спротивност со членот 103 од Повелбата на ОН, која на императивен начин одредува дека доколку некоја договорна норма е во спротивност со норма на Повелбата, се применува нормата од оваа повелба. Виенската конвенција за договорно право, која претставува меродавно право за оцена на Привремената спогодба, во членот 30 се повикува на членот 103 од Повелбата, односно на императивното право во неа, во случајов членот 4.

Втора повреда на императивна норма на општото меѓународно право е нормата содржана во членот 21, став 2 од Привремената спогодба. Со оваа одредба на Македонија и се забранува пристап до Меѓународниот суд на правдата за прашања од членот 5, став 1, односно за името на Македонија.

Оваа одредба го прекршува правото на суд, односно членот 6(1) од Европската конвенција за човекови права, која е императивна норма на општото меѓународно право. Според членот 93 од Повелбата на ОН, секоја членка е странка на Статутот на Меѓудржавниот суд и може да се обрати до судот. Членот 66 од Виенската конвенција одредува дека доколку во рок од 12 месеци од денот на ставањето примедби не беше можно да се постигне решение, тогаш секоја странка во спорот околу примената, или толкувањето на членовите 53 и 64 може со молба спорот да го поднесат на решавање пред Меѓународниот суд на правдата, освен доколку членките спогодбено не одлучат спорот да го изнесат пред арбитража. „Никој, на пример, не може да се откаже од способноста за расудување: со какви награди или закани е можно да го натерате човек да верува дека целото не е поголемо од еден негов поединечен дел, дека не постои бог, дека телото што се гледа оти е конечно, е нешто бесконечно, или воопштено, да верува во нешто што е во спротивност со она што чувствува, мисли, верува? (Спиноза ‘Политичка расправа‘)“.

Уште повеќе ова важи за оние дејства пред кои човековата природа толку силно се згрозува, што тие се чинат полоши од секое друго зло, како на пример, човек да сведочи против самиот себе, да се мачи, да ги убие своите родители, да не се обиде да ја избегне смртта. Вакви нешта не е подготвен да направи никој, ниту за награда, ниту под притисок. „Доколку и покрај тоа сакаме да кажеме дека државата има право, односно моќ, да нареди такви работи, тоа можеме да си го претставиме само во таа смисла, како кога некој би рекол дека човек има право да биде луд… (Спиноза ‘Политичка расправа‘)?“

Значи, тие што тврдат дека Македонија има право да го смени името, тврдат дека Македонија има право да биде луда.

Објавено во Нова Македонија на 5 март 2010