Табиети и заблуди

Господинот Стојан Андов на парламентот му понуди стратегија, претставена како голем план за решавање на проблемот со Грција. Предлогот беше одбиен, а образложението беше дека стратегијата е повеќе резултат на табиетот на авторот, отколку аргументиран голем план на долгогодишниот државник Андов.

Во бројот 758 на неделникот што го читам од неговиот почеток, г. Андов за истиот проблем укажува на заблудите на власта. На крајот ќе заклучи: „Тоа што правел штетни работи, што водел политика штетна за земјата, ако на време ја промени и ги исправи штетните последици, секој ќе разбере дека го правел бидејќи бил во заблуда. А кој човек во одреден период или во одредени услови не бил во заблуда?“

Се чини дека навистина е човечки да се биде понекогаш во заблуда, но во конкретниов случај, Андов направи три аргументациски заблуди, кои што го доведуваат во прашање неговиот заклучок, дека власта е во заблуда (Ѓорге Иванов и Никола Груевски, особено овој вториов).

Господинот Андов во насловот на својот текст вели: „Ако ги прифати моите предлози Груевски ќе стане незаборавна личност во македонската историја.“

Оваа негова изјава претставува аргументациска заблуда аргументум ад супербиум (повикување на ласкање). Наместо силогизам, критериум за Груевски да стане незаборавна личност е, тој да ги прифати предлозите на Стојан Андов. Ваквиот аргумент е погрешен, бидејќи ласкањето на противникот, со тоа дека неговиот став е правилен, или неправилен, нема никаква врска со предметот на расправа, па така никогаш не може да биде доказ за некое тврдење.

„Комплименти најчесто се употребуваат за да ја скриеме, помалку или повеќе, спорната содржина на предлозите и со нив за момент да го збуниме слушателот и со тоа да влијаеме на неговото расудување (д-р Јанез Бергант, д-р Борис Визјак, ‘Заблуди и грешки во аргументацијата’, Марибор 2007).“

Втората аргументациска заблуда ја направи кога го нападна Ѓорге Иванов: „Претседателот тогаш не сакајќи, сосема ги разоткри работите. Тој ја оспори легалноста на Резолуцијата 817 на СБ, велејќи дека таа не е во согласност со основните документи на ОН. Така, тој едноставно разјасни дека ниту преговараме, ниту ќе преговараме, туку глумиме како да сме заинтересирани да го решиме спорот со Грција, за раководството полесно да го поднесе притисокот од Вашингтон и Брисел.“

Андов со цитираните наводи направи аргументациска заблуда „плашило“. Тврди дека претседателот изјавил дека Резолуцијата 817 не е во склад со правото на ОН, за веднаш потоа да и го даде ова значење на изјавата на претседателот; тој разјасни дека не преговараме, туку глумиме. Така, наместо да ги побива наводите на претседателот, си направи „плашило“ (не преговараме, туку глумиме) и распали по „плашилото“ и ништо не докажа.

Андов би требало да знае дека постојат императивни меѓународни норми. Тие се разликуваат од дискреционите по тоа што никој нема право да ги менува, туку мора да ги почитува. Непочитувањето предизвикува ништавност, на која секој може да се повикува, а судот на неа внимава по службена должност.

Покрај претседателот, кој што се повикал на императивна норма на ОН, јас во една колумна посочив уште една императивна норма од меѓународното право, а тоа е членот 8 Право на идентитет од Европската конвенција за човекови права и предложив Македонија да вложи апликација против Грција, бидејќи со општопознатите факти, Грција ја крши императивната норма за право на идентитет. Господинот Андов, секако ќе се согласи дека посочувањето на овој член, како голема премиса, е аргументација ад рем, за разлика од неговите аргументациски заблуди. Сета работа на логичарот е, да ја посочи големата премиса, малата премиса и конклузијата. Доколку составувањето правен силогизам за Андов е глумење, тогаш претседателот и тој користат различни дефиниции за поимот право, правна норма и правен силогизам.

Третата аргументациска заблуда што ја прави господинот Андов се нарекува аргументум ад верецундиам (аргумент од авторитет). Во конкретниов случај Андов, правниот силогизам на господинот Игор Јанев го побива со авторитетот Роберт Бадентер (стручњак за уставно право). Притоа за потребите на аргументациската заблуда, Јанев е спуштен на ниво на студент на постдипломски студии, или магистрант, што уште повеќе му ја засилува позицијата на авторитетот, господинот Бадентер. Кога му бил изложен проблемот и ставот, авторитетот рекол: „Од правниците може сешто да се очекува, но овој пат воопшто не се во право тие ваши правници… Укажа дека нашата земја го прифатила решението на ОН, такво како што е. Поради тоа, судот нејзиниот евентуален поднесок нема да го земе во постапка.“

Во цитатов на авторитетот и парафразирањето на Андов нема голема премиса и нема правен силогизам. За разлика од нив, Јанев дава голема премиса и својот правен силогизам го реализира во практика.

Во друга колумна ќе образложам ново правно средство за проблемот со Грција, а господинот Андов, како долгогодишен државник, учесник во сите значајни настани на Македонија од осамостојувањето до денес, да им појасни на своите избирачи и читатели дали со Амстердамската спогодба (97/ц 340/01), член 6 став 3 од Пречистениот текст на Спогодбата за ЕУ (97/ц 340/02) со императивна норма се почитува националниот идентитет на сите членки, дали според членот 7 на Грција можеше да и биде одземено правото на вето и што има направено во тој правец Андов од 2001 година до денес? Дали би бил љубезен да направи една стратегија за одземање на правото на вето на Грција?

Објавено во Нова Македонија на 26 јануари 2010

  •