Противнапад

Најсовршена лага претставува прекршувањето договор, бидејќи тука се заедно, целосно и јасно сите околности. Бидејќи, со тоа што склучувам договор, туѓото ветено исполнување на тој договор е непосредно и, според моето признание, мотив за моето исполнување на истиот договор, што ќе следува од моментот на склучување. Ветувањата целисходно и формално се менуваат. Вистината на исказот дадена во договорот се наоѓа, сходно на претпоставката, во моќта на двајцата договарачи. Доколку другиот го прекрши договорот, тој ме измамил и со подметнување на само привидни мотиви во моето сознание, мојата волја ја насочи во склад со своите намери, власта на својата волја и ја наметна на друга единка, значи направи совршена неправда (Шопенхауер, ‘Светот како волја и претстава‘).“

Грција и нанесе совршена неправда на Македонија. Таа со Привремената спогодба од 13 септември 1995 година, во членот 11 се обврза дека може да го спречи приемот на Македонија во меѓународни и мултилатерални организации, само доколку приемот не е побаран под привременото име ПЈРМ. Ова ветување е мотивот поради кој Македонија со истата спогодба прифати да води преговори за разликите опишани во резолуцијата 817 и 845, да направи отстапки во членовите 6 и 7 (промена на Уставот) и да го смени своето знаме.

Македонија ги исполни сите свои обврски, а Грција лани ја спречи Македонија да влезе во НАТО, со што го прекрши своето ветување во членот 11 и на тој начин и нанесе совршена неправда на Македонија. Сега Грција повторно го спречи давањето датум за преговори за членство во ЕУ.

Шопенхауер вели дека само Шпанците, Турците, а можеби и Британците, во најпредизвикувачки ситуации не губат присебност, мирно продолжувајќи да ги изучуваат и толкуваат состојбите на работите. Да се повика на помош опасноста против опасноста, напишал Аристотел во „Реторика“. „Македонија треба да вложи жалба пред Европскиот суд за човекови права против Грција.

Имено, во време на склучувањето на Привремената спогодба (1995), Македонија не беше членка на Советот на Европа (стана во 1997), па Грција направила превид и не и забранила на Македонија да бара судска заштита пред Европскиот суд за човекови права, додека во членот 22, став 2, од Привремената спогодба на Македонија и се забранува тужба пред Меѓународниот суд на правдата, за прашања од членот 5, став 1, односно за името (идентитетот).

Амбасадорот Ерван Фуере нé советува да ја повлечеме тужбата против Грција, а Ирска вложи жалба пред Европскиот суд за човекови права во 1971 година, против најмоќната држава на светот Британија, заради прекршување на членот 3 од ЕКЧП, Забрана на мачење. Доколку можела Ирска да ја тужи Британија за да ги заштити британските државјани, срамота е ние да не ја тужиме Грција заради кршење на правото на идентитет на Македонија.

Фундаментален интерес во сферата на личниот живот е можноста индивидуата да го одреди сопствениот идентитет – да одлучи и потоа да биде она што сака да биде. Ова го овозможува членот 8 од Европската конвенција за човекови права.

Со примена на правното правило а фортиори ратионе заклучуваме – ако индивидуата има право на идентитет, уште повеќе, народот, или видот, на кој му припаѓа таа индивидуа, има право на заштита на идентитетот, бидејќи индивидуата од народот на кој што му припаѓа го црпи својот идентитет. Секој народ си има свои имиња, кои се својствени само за тој народ.

Треба да се повикаме и на членот 1 од Конвенцијата, заради тоа што со своето однесување, Грција го крши членот 8 во врска со членот 9 и 10 од ЕКЧП.

„Нека биде ова нацрт на доброто. Прво треба да се нацрта, а потоа и да се наслика. Она што е добро нацртано, се чини дека секому му е лесно да го продолжи и доврши и дека времето на таквиот му е добар откривач и сојузник“. (Аристотел, „Никомахова етика“).

Овој цртеж, слободно нека го сликаат Македонците, за кога ќе стигне во Стразбур да биде ремек-дело.
А малодушните нека слушнат што вели Мишел де Монтењ: „Се согласувам со Плутарх дека Аристотел не го оставил својот голем ученик да денгуби учејќи ги мајсториите на составување силогизми, или основи на геометрија, туку пред се го запознал со правилата кои се однесуваат на срчаност, јунаштво, великодушност, издржливост и неустрашливост во сé. И така опремен, уште како дете го испрати да го освои светот само со 30.000 пешаци, 4.000 коњи и 42 илјади талири („Златна книга на животот, огледи“).“

Со овој противнапад во Советот на Европа, доколку судот ја уважи нашата жалба, сериозно можеме да ја разнишаме позицијата на Грција.

Грција е најпознат прекршувач на човековите права, поради што е единствената членка на Советот на Европа, која по барање на нордиските земји, е исклучена од Советот на Европа од 1969-1974 година (Florence Benoit-Rohmer, Heinrich Klebes, „Le droit du Conseil de l’Europe“, 2005).

Доколку Македонија успее во Стразбур, членките на ЕУ не ќе можат да се повикуваат на солидарност, бидејќи ќе личат на сложни калуѓери што в петок мрсат. Грција под притисок на неповолна пресуда, ќе мора да ја почитува за да не биде вторпат исклучена од Советот на Европа.

Апликацијата ќе го отстрани притисокот врз Македонија за период од околу пет години, како надворешниот, така внатрешниот и таа ќе може да им се посвети на реформите.

„За што човек најмногу се кае? Заради тоа што бил скромен, што не обрнувал никакво внимание на своите најбитни потреби, што себе си лошо се разбирал, што се потценувал себе си, што ја изгубил осетливоста и слухот за своите инстинкти – ова отсуство на почитување, обѕир кон самиот себе си, се свети со загуби од секаков вид, со губење на здравјето, на пријателството, на среќата, на гордоста, на ведрината, на слободата, на цврстината, на храброста. Човек никогаш после нема себеси да си го прости овој недостиг од вистински егоизам. Тој ќе го смета за замерка, како повод за сомневање во вистинското јас (Ниче, ‘Волја за моќ‘).“

Објавено во Нова Македонија на 18 декември 2009