Превидот на Европскиот суд за човекови права

Кога голем човек ќе направи грешка, тоа е како замрачување на сонцето. Кога судиите на Европскиот суд за човекови права ќе направат грешка, се сопнала Европа и паднала неколку века подолу. Овој текст е обид да се спречи (во Македонија) прикривање на грешката на Европскиот суд за човекови права. Овој суд покрива осумстотини милиони жители и со своите одлуки е фенерот на Диоген за Европа и за Русија.

Познато е дека Љубљанска банка не им ги исплати штедните влогови на своите штедачи. Само кон Хрватите, банката остана должна помеѓу 160 и 200 милиони евра. Кон македонските штедачи – околу 100 милиони евра. Хрватските штедачи поведоа судски постапки, на крајот случајот дојде и до Европскиот суд за човекови права. Во 2006 година овој суд ги одби хрватските штедачи. Во 2008 година и големиот совет на судот во состав од 17 судии едногласно ја одби жалбата и одлуката стана конечна. Постапката траеше десет години. Хрватските штедачи (сите покојни) се повикуваа на Првиот протокол, член 1 од Конвенцијата, Заштита на правото на сопственост. Судот ги одби со образложение дека не ги искористиле сите национални средства пред судовите во Словенија, односно го прифати словенечкиот став дека овој спор влегува во сукцесијата на СФРЈ и штедачите своите барања треба да ги насочат кон органите што ги решаваат прашањата поврзани со наследството. Меѓутоа, тие органи (во Базел) беа тотално неактивни.

Од друга страна, Словенија донесе Закон за фондот за наследство, кој налагаше прекин на судската постапка до завршувањето на процесот на сукцесија на СФРЈ и словенечките судови носеа решенија за прекин на постапките во кои хрватските штедачи ги бараа штедните влогови. Некои штедачи жедни за правда поведоа постапка пред Уставниот суд на Словенија, каде што бараа да се утврди дека членот што го оневозможуваше текот на постапката пред словенечките судови е неуставен и во спротивност со Европската конвенција за човекови права. Внимавајте добро. Во ситуација кога Словенија има првостепена и второстепена пресуда во своја корист, вредни околу 200 милиони евра, во декември 2009, словенечкиот Уставен суд носи одлука со која утврдува дека оспорениот член е во спротивност со Конвенцијата и со Уставот, и го поништува. Во ситуација кога постои конечна пресуда на Европскиот суд во корист на Словенија и одлука на Уставниот суд против Словенија (условно кажано, бидејќи тужена е Љубљанска банка пред словенечките судови), националните судови на Словенија одлучуваат да ја почитуваат одлуката на Уставниот суд, а не пресудата на Европскиот суд и ги „одмрзнуваат“ постапките, за да можат хрватските штедачи да го остварат човековото право на суд.

Два месеца штама во Словенија. Дури пред неколку дена, еден хрватски дневен весник објави дека постои таква одлука. Во Словенија потврдија дека постои таква одлука, но ниеден медиум немаше објавено оперативен број на одлуката, ниту пак образложението. Се поставува логично прашање како ова не го видел Европскиот суд за човекови права. Како можело за најугледниот суд на светот еден договор за правна сукцесија на СФРЈ да биде поважен од човековото право на суд?

И доколку се заклучува од последицата кон причината, правилна е одлуката на Уставниот суд на Словенија, а не онаа на Европскиот суд. И денес по однос на сукцесијата ништо не се случува и не се знае кога ќе заживее овој процес. Европскиот суд за човекови права, кој во минатото носеше одлуки со кои ги присилуваше државите да вршат интервенции во своите устави за да ги заштити човековите права, не го заштити правото на суд на хрватските штедачи.

И Македонци се соочија со сега веќе поништениот член 23 од цитираниот закон. Во деведесеттите години на минатиот век, словенечките судови бараа мислење од Фондот за сукцесија, дали македонските предмети против словенечки правни лица потпаѓаат под режимот на Законот за Фондот. Тој во сите предмети одговори дека македонските предмети потпаѓаат под режимот на тој закон. Судовите ги прекинаа сите македонски постапки, а македонски адвокати вложија жалби. Се повикаа на членот 23 од Уставот на Словенија (право на суд). Второстепениот суд ги уважи сите македонски жалби.

Еден релативно млад доцент по европско право на Правниот факултет во Љубљана даде интересен пример. Еден човек (антички, ќе биде обвинет за антиквизација) продавал и копја и штитови. За штитовите велел дека се непробојни, а за копјата дека можат да пробијат секаков штит. Некој му поставил прашање, што ќе се случи доколку твое копје биде фрлено врз твој штит? На овој начин, тој сака да компарира, кое право да го примени словенечкиот суд; правото на ЕУ (копјето што пробива секаков штит) или словенечкото право (непробојниот штит). Таа дилема им ја оставам на Словенците, но во случајов јасно е дека европското копје не успеа да го пробие словенечкиот штит.

Објавено во Нова Македонија на 16 април 2010