Прекин на преговорите како средство или како цел

„Ние не промислуваме за целите, туку за средствата поради тие цели. Бидејќи ниту лекарот промислува дали ќе лекува, ниту говорникот дали ќе уверува, ниту државникот дали ќе успее да воспостави законитост, ниту кој било друг за самата цел. Туку, откако ќе ја постави целта, разгледува како и со што да ја постигне“ (Аристотел, „Никомахова етика“)

Подолго време во Македонија се слуша: прекин на преговорите. Кога многумина ќе го повторат тоа, заслужува да му се посвети внимание. Меѓутоа, што мислиме кога велиме прекин на преговорите? Дали прекин на преговорите како средство, или прекин на преговорите како цел? Постои разлика и во целите: едните се дејства, а другите нешто различно. Кога покрај дејството постојат цели, тогаш делата се подобри од дејствата. На пример куќата од ѕидарската дејност. А постојат и цели што се средства во однос на други цели: производство на моторни возила и опрема за моторни возила. Производство на опрема е цел и средство во однос на целта производство на моторни возила. Но и едната и другата цел се средства во однос на одбраната на татковината.

Значи, прекинот на преговорите не е средство, туку цел. Не е средство бидејќи доколку се послужиме со прекин на преговорите како со средство, постапуваме во спротивност со членот 33 од Повелбата и создаваме безбедносен проблем, бидејќи претходно не сме предложиле друго средство од членот 33, за мирно решавање на спорот со Грција.

Покрај тоа што создаваме безбедносен проблем, ние сме ја раскинале Привремената спогодба на неадекватен начин и можеме да бидеме тужени за исполнување на Привремената спогодба. Како што ние ја тужевме Грција. Доколку ја раскинеме Привремената спогодба врз основа на нејзините одредби, ние сме и дале сé на Грција врз основа на Привремената спогодба, а не сме добиле ништо за возврат. Сме и дозволиле да нé попречува при зачленувањето во меѓународни организации и дури сме ја наградиле со раскинувањето, бидејќи по тоа нема никаква правна основа да бараме од Грција да не нé попречува во зачленувањето во меѓународните организации.

Значи, Привремената спогодба нé прикова и нé распна.

Clavus clavo eicitur (Цицерон) – Клинецот со клин се избива. Нема подобар клинец што ќе го избие клинецот што нé приковал, од тужба за утврдување неважност на Привремената спогодба. Таа е детално образложена во „Стратегијата за зачувување на името“, која ја објави „Нова Македонија“. Таа е средство што ја постигнува целта: прекин на преговорите. Заради прејудициелниот карактер на ова средство, по предлог на Македонија, Меѓународниот суд на правдата ќе донесе одлука за привремена мерка со која ќе ги прекине преговорите до донесување судска одлука по тужбата. Евентуалните нови блокади на Грција ќе го дразнат Меѓународниот суд на правдата, со сиот ризик да донесе нова привремена мерка против Грција. Во таков случај може да се насети и исходот на спорот, па поверојатно е дека Грција нема да си дозволи нови блокади под ПЈРМ.

Според оксфордскиот учебник за меѓународни односи (John Baylis, Steve Smith and Patricia Owens, „The Globalization of World Politics“, Oxford, 2008, „Национализам“, 23. поглавје): Национализмот го дефинирам како идеја дека светот е разделен на нации, кои се главно жариште на политичкиот идентитет и на припадноста, што, пак, бара национално самоопределување… Самоопределувањето (self-determination) вообичаено значи независна државност.“

Според цитираниот оксфордски учебник од 2008 година, Британија и Франција се првите национални држави, настанати до 1500 година. До 1800 година има само уште четири. Поради овој факт може да се заклучи дека Британија е компетентна да зборува за национализмот (во позитивна смисла на зборот).

Од оваа оксфордска премиса носиме заклучок дека само национализмот во една држава може да го препознае и да го брани својот идентитет. До истиот заклучок доаѓаме и со примена на правното начело argumentum a contrario (аргумент од спротивното). Марксистите, кои во коренот на своето учење ја негираат државата, па консеквентно на тоа национализмот и идентитетот го загубија името, односно договорија привремено име ПЈРМ. Сега и велат на десницата дека е убаво да си го загубиш името. Дека е убаво да си го загубиш и привременото име.

„Еден Лисец, итар голем и веќе стар, на зајаци ловец вешт, незаситен кокошкар, за својот плен знаеше сегде да се вкраде и најпосле во стапица падна. Но случајно се извлече од справата гадна, не цел, зашто како залог опашката си ја даде. Се спаси впрочем, но облеан од срам реши, за да не биде без опашка сам, да го убеди во тоа сето свое племе, па затоа ги собра сите навреме:

– Зошто ни е, им рече, тоа излишно бреме? Калта да ја мете по патиштата долж? Да ја отсечеме опашката што не вреди ни грош! Согласете се браќа со мојов договор.

– Твојот предлог, рече еден од нив, не е лош, но сврти се малку, пред да дадеме одговор.

Потоа се крена една таква врева и џгар што го заглуши гласот на Лисецот стар.

Така, неговиот предлог падна во вода, и си остана опашката на мода (Лафонтен, „Лисецот со отсечената опашка“).

Објавено во Нова Македонија на 7 декември 2010

  •