Партизани и комунисти

„Што на децата поубаво им сјае од татковата слава или на таткото добар глас за децата негови?“ (Софокле, „Антигона“)

Во фамилијата имавме шест партизани. Не ми е познато дека сме имале некого на другата страна. Двајца беа на Голи оток. Едниот беше првиот партизан во своето место. Вториот се врати од Голи оток како „непоправлив“. Третиот веднаш по војната комунистите ги прогласи за „багра“. И другите двајца не беа комунисти. Само еден беше комунист. Само еден беше обвинител. Само неговиот син беше обвинител. Само неговиот внук, во време на сегашнава десна влада стана судија. Само комунистот и неговите потомци ги имаа сите привилегии и денес ги имаат.

Да се разбереме. Нема ништо лошо во привилегиите. Лошо е кога незаслужено се добиваат привилегии. Кога наместо да му се служи на македонскиот народ, и се служи на комунистичката партија, која до ден-денешен спроведува диктатура врз македонскиот народ. Како било да си го менуваат името; ги препознаваме, ги чувствуваме.

Најголемото губилиште, Втората светска војна, однесе шеесет милиони животи. Но и еден Хитлер („Мојата борба“) се згрозува над комунистите, кои што според него убиле во Русија триесет милиони луѓе.
Чесите со закон ја прогласија комунистичката партија за злосторничка.

Советот на Европа со Резолуција 1.096 од 27.6.1996 година ги прогласи бившите комунистички режими за тоталитарни, што е друг збор за злосторнички. Сте се запрашале ли зошто комунистите во десната влада не дозволуваат да видите ни превод од оваа резолуција? Нека одговори самата Резолуција (членот 7):

„Собранието исто така препорачува, казнивите дејства што биле сторени за време на комунистичкиот тоталитарен режим да се гонат и казнуваат врз основа на општоважечките казнени закони. Доколку тие предвидуваат застарување на одредени злосторства, рокот може да се продолжи, бидејќи се работи за процедурално, а не за содржинско значење. Доколку донесувањето и употребата на ретроактивни казнени закони е забрането, но дозволено е судење и казнување лица за дејства или пропуштања, кои во време на сторувањето не биле казниви според домашното право, казниви се во согласност со општите начела на правото на цивилизираните народи. До толку повеќе; доколку лицето ги прекршувало човековите права, неговиот приговор дека само извршувал наредби не ја исклучува ниту противправноста, ниту неговата индивидуална вина.“

Десната влада, од рекетирањето на комунистите во своите редови не направи ни обид за казниво гонење за злосторствата на комунистите. Едните наместо вести даваат црна хроника, а другите пукаат во центар и го заплашуваат ВМРО. Тоа го прават одвреме-навреме. Колку да го потсетат. Но судбината сакаше рекетарите да се претворат во жртви, кои токму ВМРО ги спасуваше со потврди „дека се нормални“.

Според членот 15 од Резолуцијата, Македонија има обврска да ја спроведе, за да не мораат органите на Советот на Европа да преземаат мерки, па и исклучување (досега исклучена само Грција). Во членот 11 од Резолуцијата се регулирани декомунизацијата и лустрацијата. За разлика од членот 7, овде се сместени оние комунисти што не ги окрвавеле рацете. Целта е да се издвојат комунистите, кои не практикуваат демократски начела („…бидејќи во минатото на тие начела не им покажаа потребна верност, ниту пак сега имаат никаков интерес или подготвеност за нивно почитување“) и да се доведат луѓе што ќе им бидат верни на демократските начела.

Десет години подоцна, Советот на Европа носи нова Резолуција 1.481 (2006 г.), со која ја истакнува својата решеност да се пресмета со последиците на комунистичките режими и во членот 1 ја реафирмира Резолуцијата од 1996 г. Во неа, поимите се поостри, а пораките појасни. Во членот 5 се нагласува дека за комунистичките злосторства немаше судење како за нацистичките (Нирнбершки процес) и со тоа ги изедначува нацистичките и комунистичките злосторства. Резолуцијата во членот 14 потенцира дека овој е начинот жртвите да добијат сатисфакција, да се ослободат од стравот и да дојде до национално помирување, кое ќе придонесе за јакнење на народната слога.

Во април 2009 година и ЕУ носи резолуција за европската совест и тоталитаризмот, која во целост се повикува на Резолуцијата на Советот на Европа 1.481 (2006 г.). Во точката Ј се изедначени комунистичките режими и фашистичките режими на Грција, Португалија и на Шпанија.

Последново мене ми вели дека ЕУ и Советот на Европа го препознаваат грчкиот фашизам, но и нашиот комунизам, кој нехигиенски се вгнезди во десната влада.

Внимавајте добро; партизан не е исто што и комунист. Едно партизанско дете во Словенија направи исто толку колку и Јанша во борбата со комунистите по осамостојувањето на Словенија:

„Кога на росни 19 години ме поканија во партија, одбив. Се плашев и ми се гадеше од помислата дека ќе морам да пијам во тоа друштво… Од НОБ во фамилијата имаме борци и првоборци, неколку паднати, но ниту еден единствен колаборант со окупаторот. Сите беа во ОФ, во логори, затворани, или во партизани. По војната, на сите преживеани им беше понудена соработка со УДБА во зависност од тоа на кое скалило се нашле, кое без колебање го одбиле. Тоа ги прекина нашите односи со режимот, пред уште тој добро да заседне“. (Едо Равникар, „УДБОМАФИЈА, прирачник за разбирање на транзицијата“, Љубљана, 1994, страница 249 и 375)

Објавено во Нова Македонија на 25 ноември 2010

  •