И Европа ја чека македонската лустрација

Уставниот суд беше прекорен поради прекршување на човековите права при донесувањето на одлуките за веронауката и екстерното. Сега брза да ја укине и лустрацијата. Судијата на Врховниот суд на Република Словенија Тома Гргич, ја оспори уставноста на лустрацијата, но Уставниот суд на Словенија во 1994 година утврди дека таа не е во спротивност со Уставот. За одлуката гласаше проф. д-р Митја Зупанчич, сега судија на Европскиот суд за човекови права. За неа гласаше и Франц Тестен, сега претседател на Врховниот суд на Словенија.

Уставниот суд на ова земја ја образложи својата одлука вака:
„Нападнатата одредба на член 8 од ЗСС би можела да претставува пример на таканаречена лустрациска норма, врз основа на која што може да се ограничи правото на учество при управувањето со јавните работи, во нашиов случај пак, право да се биде избран за судија, заради соработување со бившиот недемократски режим. Идејата за лустрација, која што беше оживеана во државите на Средна и Источна Европа во преодниот период на воведување на демократски систем, а има свои заговорници и противници, не е нова. Употребена беше по Втората светска војна во италијанскиот и германскиот правен систем. Лустрацијата во демократијата исклучува од извршување на функции на власт лица, кои заради својата работа во органите на претходниот режим, заради прекршување на човековите права и основни слободи, не можат да обезбедат демократско (во случајот на судството независно и непристрасно) извршување на власта. Заради тоа, не се работи за отстранување од значајни функции врз основа на политичка осуда, туку врз основа на соработување и активности на органите на комунистичката власт. Таквиот негативен услов, сам по себе не би претставувал кршење на начелото на еднаквост, доколку го оправдува негативното вреднување на тоталитарниот режим во демократијата.“

Сите судии во Словенија, што очекуваа дека ќе бидат лустрирани, не се пријавија за судии во траен мандат и заминаа од судството. И покрај донесувањето на лустрациската одредба, д-р Иван Беле, во 2001 се кандидира за судија на Врховниот суд на Република Словенија. Беше лустриран. Правната битка ја биеше до декември 2007, кога дефинитивно загуби пред Уставниот суд. Одлуката беше донесена со само еден глас против (проф.д-р. Цирил Рибичич, син на Митја Рибичич, висок офицер на ОЗНА и претседател на Сојузен извршен совет на СФРЈ. На 14 април 2008 година, Уставниот суд ја отфрли иницијативата на д-р Беле за оценување на уставноста на лустрациската одредба, со што потврди дека лустрациската одредба важи и 15 години по донесувањето, а ќе важи и во иднина.

Господинот Љубомир Фрчкоски, греши кога вели дека лустрацијата треба да го опфати периодот до 1990, заради тоа што тогаш бил воведен плурализам во Македонија. Лустрацијата во Македонија, во најлош случај, треба да го опфати периодот до 10 април 1997 година, кога Македонија ја ратификува Европската конвенција за човекови права.

Вакво решение предлага проф. д-р Митја Зупанчич, судија на Европскиот суд за човекови права и претседател на третата секција на Европскиот суд за човекови права.

„Според некои мислења, лустрацијата го крши начелото на забрана на ретроактивност. Бидејќи лустрацијата не е мерка на казненото право, за неа, формално правно, не важи тоа начело. Меѓутоа, од аспект на правичност, начелото би требало да важи и за лустрацијата. Критериумот кршење на човековите права, како причина за отстранување од јавните функции би морал да допира само дотогаш, кога во одделните држави почнале да важат меѓународните договори за заштита на основните човекови права и слободи“ (Андраж Зидар, „Лустрација, изземање на противниците на демократијата од јавните места“).

Господинот Ферид Мухиќ, тврди дека лустрацијата ни е наметната однадвор за да докажеме правоверност. Ова не е точно, бидејќи доброволно ја ратификувавме Европската конвенција за човекови права на 10 април 1997 година. Македонија стави резерви само на член 2 од Првиот протокол и тоа само за основното образование.
Господинот Мухиќ го упатувам да се поучи кај неговиот колега марксист, но за разлика од него правник, господинот Милан Кучан, првиот претседател на самостојна Словенија. Во неговото писмо против предлог законот за лустрацијата од 1997 година, тој во целост ја прифаќа резолуцијата на Советот на Европа од 1996 година. А господинот Жарко Трајаноски не ја кажува вистината во „Дневник“ (7 октомври 2009), кога тврди дека лустрацијата требало да заврши најдоцна до 31 декември 1999. Советот на Европа во 2006 година, донесе резолуција 1481, каде што во првата точка одредува: „Парламентарното собрание се повикува на својата Резолуција 1096 (1996) за мерките за отстранување на наследството на бившите комунистички тоталитарни системи.&рдљуо; Спротивно на тврдењето на г. Трајаноски, со цитираната одредба се реафирмира резолуцијата од 1996 и мерките во неа, која во точка 11 ја сугерира лустрацијата, каква што е предвидена со оспорениот закон.

Најсилниот аргумент против г. Трајаноски – резолуцијата на ЕУ од 2009 година, која се повикува на резолуцијата на Советот на Европа 1481 од 2006 година, каде што пак се реафирмира лустрацијата, односно целата резолуција 1096 од 1996 година.

Објавено во Нова Македонија на 14 октомври 2009