Голи оток

„Кога татковината со својот бес ќе ја заробиш, зарем може таа да ти биде сојузник?“
(Есхил, „Седумтемина против Теба“)

Фактот што во јавноста помина незабележано резолуцијата на ЕУ од 2.4.2009 година, за европската свест и тоталитаризмот, која се повикува на Резолуцијата 1481 од 26.1.2006 година на Советот на Европа (за лустрацијата) ме наведува на заклучок дека комунистите во Македонија се неискрени кога велат дека се залагаат за Европа и европските вредности. Ова важи и за комунистите во десната влада.

За мене, најсилната причина за резолуцијата на ЕУ е содржана во точката К.:

„К. бидејќи Европа нема да биде здружена, доколку не е способна да обликува единствен поглед на својата историја, доколку не ги признае нацизмот, сталинизмот и фашистичките и комунистичките режими, како заеднички заоставштини и доколку не спроведе чесни и продлабочени расправи за нивните злосторства во минатиот век…“

Значи, ЕУ од комунистите бара да ја ослободат Македонија од својот бес. Не бара со резолуција да си го смениме името, туку со резолуција бара да расправаме и да ги осудиме комунистичките злосторства. Комунистите предлагаат трампа: ние вам име, а вие да не нé жигосувате за нашите злосторства. Еве еден мој обид да расправам за најголемото комунистичко злосторство во Европа, по војната.

Еднаш Кардељ го прашал познатиот кипар Аугустинчиќ каде наоѓа толку добар камен. Овој му одговорил дека веќе долго на Голи оток. На првиот состанок на политбирото на КПЈ, Кардељ предлага сите информбираши да се изолираат на Голи оток.

„На Голи оток беше најстрашно тоа што сите затвореници, со најстрашни физички и психички притисоци, беа присилени да прават морално неприфатливи дејства“ (Андреј Апленц, во интервју). Меѓу првите голооточани е и Апленц (9.7.1949). Откако ја издржал првата казна во 1950 година, повторно го затвораат на Голи оток. Денес е директор на Заводот за заживување на цивилното општество во Словенија. Првиот пат го затвориле поради тоа што како командант на бригада на работна акција дозволил игранка на крајот на неделата, наместо марксистичко предавање. Ова сé уште дете, било „хендикепирано“ и поради тоа што татко му бил професор во гимназија, а мајка му учителка (малобуржоаски елемент). Вторпат го затвориле во годините 1952-1954. Причина – одбил да биде кодош на УДБА: „Кога нé пуштија, сите моравме да потпишеме дека ќе соработуваме со УДБА. Јас, пак, еднаш во седиштето на УДБА силно се спречкав со еден удбаш и му одбрусив дека ми е преку глава и дека тоа нема да го правам повеќе“. Според него, не е точно дека Голи оток е затворен во 1953 година (умира Сталин), бидејќи самиот излегува од Голи оток дури во 1954 година, а познатиот филозоф Цене Логар бил пуштен од островот дури во 1962 година.

Тој тврди дека Голи оток е прв масовен логор, за таканаречено „перење на мозокот“. „Перењето“ се спроведувало системски, со помош на брутална физичка и психичка присила. Голи оток бил некаква комбинација на искуствата на германскиот Гестапо и советската НКВД. Најстрашно било тоа што ги терале да прават морално неприфатливи дејства, со што им ја „кршеле кичмата“, односно им го „переле мозокот“: „Тоа се изрази со кои можеш да ја опишеш состојбата на духот на човек што знае дека во борбата за самоодржување направил работи за кои знае дека се морално неприфатливи. Тоа беше злосторство над луѓето. Тоа беше злосторничка дејност на врвот на партијата. Човека не го убиваш, туку морално, внатрешно, душевно го инвалидизираш за цел живот“.

Според негови процени, на Голи оток душевно се скршени 60-70 проценти од затворениците. Тито не морал да го направи тоа. Уште повеќе, Тито на ова подрачје направил еден чекор напред, кој од морален аспект е гледано страшен чекор.

Апленц вели дека, кога ја читал книгата на рускиот писател Александар Солжењицин, утврдил дека советскиот пристап кон затворениците во нивните логори за политички затвореници, таканаречени гулази, бил поинаков.
Додуша, затворениците во гулазите биле подложени на физичко трпење, но нивната душевна страна останала нечепната. Еднаш со свои очи видел како неколку затвореници биле претепани до смрт. Верува дека се убиени околу 2.000 или повеќе.

Најдобрата книга за Голи оток во Словенија ја има напишано Македонец. Димитриј Жилевски од охридското село Скребатно, во 1995 година, во Љубљана ја објави книгата „Оток брез милости“ („Остров без милост“). Неговото сведочење на 83 страница е потресно: „Како што се шушкаше, бидејќи за таа работа не смееше да се знае, доколку ти е мил животот, Тесла и Пејовиќ таа работа ја замислиле вака: го зеле списокот (броевите) на осудениците и избрале заокружени броеви: 100, 200, 300, 400 и така натаму. Потоа ги повикале осудениците, како да ги вика истражителот и ги пикнале во складиштето за постелнина, долна облека и други материјали. Таму од нив барале да се слечат голи и со разни предмети за тепање, што ги држеле в раце, ги присилувале меѓусебно да се силуваат. Кога нашите другари тоа гнасно дејство го одбиле, Тесла и другите почнале да ги тепаат. Претепаните сомаченици морале да лежат на подот, додека Тесла не се договорил, не ми е познато со кого, па дошле осуденици од другиот блок, криминалци, кои морале во присуство на војниците и милиционерите да ги силуваат нашите сомаченици“.

Објавено во Нова Македонија на 27 април 2010

  •